|
|
ВО КВИНБЕЈН ПРОМОВИРАН РОМАНОТ „ВО ПОТРАГА БЕЛИОТ ЛЕБ“ ОД ПИСАТЕЛКАТА ВЕЛИКА ЏАНГАЛОВСКА ГАТСИС |
На 2.4. 2022 година во црковните простории на македонската православна црква „Свети Илија“ во Квинбијан, Австралија, се одржа промоција на втората книга на писателката Велика Џангаловска Гатсис, романот под наслов „Во потрага по белиот леб“. Организатор на промоцијата беше Наум Трајчевски, кој воедно е и претседател на литературното друштво „Ванчо Николески“ од овој град, каде членува и писателката. Промотивна реч имаше Наум Трајчевски, а на промоцијата зборуваше и Сузана Митева, која е долгогодишна водителка на македоската радио рграма во Канбера. За богатата трпеза беше задолжена Дана Трајческа. На промоцијата беа присутни гости и љубители на книгата и пишаниот македонски збор од Мелбурн, Канбера и Квинбијан, а имаше и претставници од македонската Амбасада во Канбера на чело со амбасадорката, која исто така се обрати на присутните. Промоцијата заврши во свечена атмосфера, а на крајот сите гости се фатија и заиграа македонско оро. Велика Џангаловска Гатсис е родена на 14. 12. 1956 година во стариот дел на Скопје во тогашното така наречено Ново мало. Потекнува од сиромашно и работничко семејство. Основното образование го започнува во основното училиште „11 Октомври“ во Скопје, а средното во хемиското училиште „Марија Склодовска Кири“ исто така во Скопје, насока чиста хемија. На возраст од дваесет и седум години се преселува во Австралија каде и денес живее со семејството. Пишува проза и поезија, а има добивано и награди. Активен член е уште од самото основање на литературното друштво „Ванчо Николески“ од Квинбејн и на литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј. Во 2020 година го објавува својот прв роман, наречен „Курбан“, инспириран од вистинит настан. Во врска со романот „Во потрага по белиот леб“ Велика истакнува: -„Во потрага за белиот леб“ е мојот прв напишан роман. Го пишував со голема љубов и му посветив многу внимание. Бев инспирирана од карактерот на мојот сопруг Христос Гатсис, кој со својата добрина кај секого влева сигурност и почит. Неговиот карактер го пренесов на главниот јунак од романов наречен Камен. Измачен и сиромашен Камен тргнува во далечна земја за подобра иднина, но патот до ветената земја не е секогаш послан со црвен ќилим, а работењето и живеењето таму е проследено со многу одрекувања, тешка работа и понижувања... Инаку, романот е плод на мојата фантазија но тоа не ни дава за право да помислиме дека сите доживувања на ликовите Камен и неговата сакана Мара не можеле да бидат и вистински. „Во потрага за белиот леб“ е приказна за една голема и непреболена љубов на двајца млади, кои се нашле во погрешно време на погрешно место, а што ќе биде понатаму ќе дознаете ако го прочитате романот. На крајот ја изразувам мојата голема благодарност до сите оние кои и помогнаа моите досега објавени два романи да излезат од печат. Најмногу благодарам на синот Сем и снаата Морган Гатсис, како и на ќерката Хелен и зетот Алан Гасанов за моралната и финансиската помош за реализација на овој проект. Голема благодарност и до Душан Ристески кој е претседател на македонското литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, кои се издавачи на двата романи. Благодарност и до рецензентот и техничкиот уредник Александар Донски и до Бубе Донска која ги изработи кориците на двата романи. Во својата рецензија Александар Донски, меѓу другото, пишува: „Без многу заобиколување веднаш ќе кажеме дека пред нас е еден извонреден роман од писателката Велика Џангалоска-Гатсис што ќе остави соодветен впечаток на читателите. Романот „Во потрага за белиот леб“ нуди повеќеслојна oпсервација не само на животот на главниот лик Камен од повеќе негови аспекти, туку и на животот во Македонија од крајот на XIX и почетокот на ХХ век. Авторката Велика Џангалоска-Гатсис има неспорен талент за осмислување и креирање возбудлива содржина неприкосновено и вешто манипулирајќи со фабулата, успешно водејќи го читателот низ сите фази, почнувајќи од воведот, преку заплетот, кулминацијата, пресвртот, па сѐ до расплетот. Во овој социјално-љубовен трилер, делови од фабулата ненадејно блеснуваат пред читателот оставајќи го по малку збунет, но потоа постепено, низ дополнителни објаснувања и логичен след на настаните, сѐ си доаѓа на свое место.“ Македонска нација (М.Н.) |