|
|
ЕРУСАЛИМ - ГРАДОТ НА ВЕЧНОСТА (13) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН По опсадата на Ерусалим, пак, во 63 година пр.н.е., Хасмонеанското Кралство станалo протекторат на Рим, а потоа во VI век било организиранo како римска провинција Јудеја. Евреите се побуниле против Римската Империја во 66 година од н.е. во периодот познат како Прва еврејско-римска војна која кулминирала со уништувањето на Ерусалим во 70 година од н.е.. За време на опсадата, Римјаните го уништиле Вториот храм и поголемиот дел од Ерусалим. Овој настан го означил почетокот на римскиот егзил, наречен Едомски егзил, притоа еврејските верски водачи и високодостојниците биле прогонети, убиени или продадени како робови. Инаку, историјата на човештвото е оградена со ѕидови. Меѓу нив, три заземаат посебно место: Кинескиот ѕид; граница меѓу цивилизацијата и варварството; Берлинскиот ѕид, сведоштво за една умисла да се пресече живото европско ткиво на два дела, и Ѕидот на плачот, симбол на секојдневната средба на Евреите од целиот свет со својата судбина Западниот ѕид, наречен од британската мандаторска управа „Ѕид на плачот“, поради секојдневните, честопати со солзи накапени молитви на Евреите свртени со лицата кон ѕидот, се смета за последен остаток за најголемото светилиште во јудеизмот. Тоа е храмот кој на едно возвишение во Ерусалим го изградил Соломон, синот на кралот Давид, пред 3.000 години. Ерусалим е градот на историската крстосница на многубројните свети места. Тоа е град со мултиетничко население, со посебна архитектура обликувана исклучително од ерусалимски камен ваден од пустината со ритчеста конфигурација од чии височинки може да се види Мртвото Море. Инаку, постои закон уште од времето на Британците со кој се регулира изградбата на сите згради, куќи и други објекти, да бидат исклучително со бел делкан камен. Ерусалим е град на вечните убавини и на светите места. Низ милениуми, населението на Ерусалим, но и оние што доаѓале и доаѓаат да му се поклонат, го воспевале и го воспеваат како град на вечноста, како центар на светот, како главен град, како град со голема политичка моќ… Според тоа, тој има повеќе имиња што му се дадени во Светото писмо, во Мојсиевите записи и во литературата. Израелците го нарекуваат Јерушалаим, од каде потекнува и денешното негово име – Ерусалим, што значи „град на мирот“. Меѓутоа, за постоењето на Ерусалим – градот на Христовите маки, смрт и воскреснување, во текот на последните два милениума не е врзан поимот мир. Ниту на едно свето место во светот не потекле толку потоци крв како овде. Никаде не се воделе толку жестоќи битки, никаде толку многу не се сеело омраа и не се напаѓале како во овој свет град што е сместен на ладните и сиви карпи на планината Јуда. Трите светски религии – еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот. Истовремено, никаде не се кажале толку многу молитви како во Ерусалим. Овој свет град го обожаваат и Евреите и христијаните и муслиманите. Како и речиси сè друго во овој древен свет град, и самата историја на Ерусалим е проткаена со неизвесности и спротивности. Но, историчарите во едно се согласуваат дека тој е многу постар од 3.000 години, колку што се одбележаа како годишница од неговото постоење. Неговата големина се менувала со менувањето на генерациите, од кои секоја на свој начин му давала свој печат, пркосејќи на сè она што со себе го носела трговијата, снабдувањето со вода, патната мрежа и другите општи добра што влијаеле врз менувањето на неговиот физички изглед во секој период од неговиот развој. Денешниот Ерусалим е круна на таа долгогодишна историја на градот како крстопат на светот. И Стариот и Новиот град се израз на таа вечна потрага по светото, по мирот и хармонијата, по подобрата иднина. Приказната за Ерусалим почнува кога моќниот крал Давид го купил ридот над градот. Целта му била да изгради свет храм каде што би бил сместен Заветниот ковчег во кој се чувале плочите со Десетте Божји заповеди што Господ, преку Мојсие, им ги објавил на децата на Израел. На кралот Давид, моќниот творец на првата еврејска држава, сепак, не му било дозволено да го изгради Храмот, неговите раце биле крвави. Таа света должност ќе стане аманет на неговиот син Соломон. Уште од Мојсие, од колено на колено се пренесувал споменот на илјадниците Евреи кои останале затрупани под камењата на египетските пирамиди. Градењето на светиот Храм како трајно седиште на Заветниот ковчег, би требало да биде паментик за годините на ропството, но и решеност никогаш повеќе да не се градат кули за туѓите господари или бесконечно да се талка по пустините. Со Храмот, Евреите се пронаоѓаат самите себе, на својата земја, под сенката на светилиштето која ќе биде печат на нивниот сојуз со Бога. Ерусалим станува свет град, а Храмот светост над светостите. Секоја светост, за да остане трајно во колективното сеќавање и да биде вечна инспирација на новите генерации, најпрвин, мора да биде осквернавена. Храмот во Ерусалим бил разурнат од вавилонскиот крал Набукодоносор, а Евреите биле протерани како робови во Вавилон. Оттогаш потекнува псалмот кој со текот на времето се претвора во заклетва. Тој гласи: „Ако те заборавам Ерусалиме, нека ми се исуши десната рака, јазикот нека ми се залепи со непцето, ако те заборавам, ако ти, Ерусалиме, не ми бидеш најголема радост“. Името на Ерусалим за првпат се споменува во престарата книга „Постанок“, во која се вели дека „Мелкиседек, крал на Салем донел леб и вино и така тој станал свештеник близок до Бога“. Мелкиседек, всушност, му се восхитувал на Абрахам за неговата победа 4.000 години пред тоа. Во историјата се познати и записите на Исак, приврзаник на Абрахам, кој им зборувал на граѓаните на Ерусалим дека „Господ гледа“, а кралот на Салем на тоа додал „Го нареков Ерусалим, кој ќе го види него, видел сè“. Овој запис е регистриран од времето кога Евреите дошле во ветената земја Канаан од Египет и кога градот уште не бил основан. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |