|
|
ИНТЕРЕСНО ПАТУВАЊЕ НИЗ ГАЛИЛЕЈА (20) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН На патот што води од Тел Авив кон Назарет, Тиверијада и кон другите места од Галилеја тргнавме во утринските часови и поминавме низ многу интересни и живописни населени места, што предизвикуваат изненадување и восхит за секој посетител. Овие предели само до пред шеесетина години биле ненаселени, речиси пусти, а површините необработени Но, во последниве децении, на сметка на Тел Авив и на другите приморски градови, кои поради излезот на Средоземното Море се ограничени во просторното ширење, овде сé повеќе се гради, особено во Галилеја, каде се подигаат нови населби и урбани живеалишта. Со ширењето на новите населби, државата настојува постепено да се ослободува од големиот прилив на населението во големите градови. На тоа се принудени, зашто во последните неколку години бројот на вкупното население во Израел се зголемува со постојаното доселување на Евреи од другите земји, особено од државите на поранешниот Советски Сојуз. Во исто време, паралелно со подигањето на новите населби се градат и нови фабрики и други преработувачки капацитети, со што ефикасно се намалува бројот на невработените. Во првата година од доселувањето на дојденците им се обезбедува социјална помош, додека да се снајдат и да почнат сами да заработуваат за живот. Социјална помош може да се добие преку обезбедување стан и извесен дел средства за храна, или, пак, добивање средства за обезбедување на сите потреби за храна, а станот да си го обезбедат сами. Меѓутоа, во последно време социјалната помош за новодојденците се зголемува, зашто повеќе примери од практиката покажуваат дека ниту едната ниту другата варијанта не се доволни за нормална живеачка според стандардите во државата каде што просечната месечна плата изнесува околу 1.500 УСА долари. Освен тоа, на жителите во Израел им се обезбедува и бесплатно учење на хебрејскиот јазик и на други странски јазици, а им се овозможува и бесплатна стручна обука преку разни курсеви, со што новодојденците постануваат квалификувани и корисни и за себе и за државата. Нашиот престој беше организиран преку патничката агенција АД „Компас“ – Скопје, која се потруди да имаме пријатен престој и да се запознаеме со голем број културно-историски споменици. Така, на пат за Назарет поминавме долж средоземноморскиот брег, каде речиси на средината од патот, меѓу Тел Авив и Хаифа, се наоѓа историското место Кесарија, град со големо пристаниште. Него го изградил Ирод Велики и го нарекол според царот (кесарот) Август. Таму било престојувалиштето на римската војска и седиште на римскиот управител. На 30-тина километри северно од Кесарија, пак, се протега градот Хаифа, што е сместен на падините на планината Кармел, на брегот на Средоземното море. Со овој град е тесно поврзана еврејската историја, особено на оние Евреи кои по нивното пристигнување во Хаифа, биле вратени назад во Европа, а притоа многумина се удавиле во морето. За христијаните Хаифа претставува важен град бидејќи во него се наоѓа пештерата на свети Илија. Хаифа претставува голем трговски град и пристаниште во кој се наоѓа познатиот Технички институт за наука и технологија. Посебна живописност на Галилеја и, воопшто, на Израел му дава реката Јордан. Таа извира од планината Хермон, минува низ Галилејското Езеро, потоа тече низ целиот простор по должината на границата меѓу Израел и Јордан и се влева во Мртвото Море. Старите историски податоци говорат дека Галилејското Езеро, всушност, некогаш било проширување на коритото на реката Јордан која тече околу 220 километри од Галилејското Езеро до Мртвото Море. Тоа било со солена вода, затоа и во многу документи и во библиските преданија се споменува како Галилејско, Генисаредско Море, кое е на 215 метри под нултата надморска височина. Во новозаветното време се нарекувало уште и Јан Кинерет. Но, со протекувањето на реката Јордан низ него, водата постепено се отсолувала, така што денес неговите слатки води имаат големо значење. Северниот дел на Галилеја на хебрејски уште се нарекува и Галил, а поголеми градови се Назарет и Тиверијада. Тие се градски центри што имаат важна улога во развојот на туризмот, преработувачката индустрија и, воопшто, во развојот на стопанството на Галилеја и на Израел. Назарет се вишнее над долината со црвената земја, Шарон, која се споменува и во библиско време. И не случајно овој дел изобилува со многу библиски места, кои според преданијата во одреден период биле пространи мочуришта. Но, денес со доселувањето на новите жители, овие мочуришта се пресушени и сега на нив се протегаат плантажи со портокали, со авокадо, со ореви и слично. Населбата Хедера претставува најдобар пример за исушувањето на мочуриштето. Овде, првите доселеници умреле од маларија. Но, упорноста да се опстои и во овие простори ги натерала другите што се доселувале да ги дупчат површините за да може застоената вода да понира или да истекува кон морската површина. Сепак, водата морало да остане незагадена и затоа на мочуриштето почнале да се засадуваат еукалиптуси, што во Израел се пренесени од Австралија. Тоа се дрва со големи корени кои многу брзо ја апсорбираат мочурливата вода. Денес, во овој регион постојат цели плантажи со еукалиптуси, врз чија суровинска база се подигнати и фабриките за производство на хартија и за лековити билки. Листот од еукалиптусот се користи за разни лековити напивки и чаеви, а кората од дрвото се користи за правење квалитетна хартија. Создавањето на плодни ораници овозможува овде да се подигнат и најголемите плантажи со памук. Тоа производство денес е унапредено до тој степен што се произведува памук во боја: како на пример, кафеав или зелен памук Во текот на патувањето се запознавме и посетивме и арапски села, населени со Палестинци. Евреите нив ги нарекуваат Арапи, бидејќи тие се доселени тука од пред 1948 година. Палестинците, пак, во автономните територии не се израелски државјани, за разлика од Арапите кои се државјани на Израел и се прифатени и интегрирани во тамошното општество. Тие ги имаат сите привилегии како и другите Израелци, со исклучок на тоа што младите Арапи не служат воен рок во израелската армија. Меѓутоа, помладите генерации во Израел веќе упатуваат забелешка со барање и тие како сите млади Евреи, вклучувајќи ги и Бедуините, да служат воен рок, момчињата три години, а девојките две години. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН
|