|
|
ИВАН ТРПОСКИ – ПРОЕКЦИЈА НА ЕДНО ВРЕМЕ (3) |
ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“ Во првиот дел на предговорот на книгата „Ова е мојот живот“ на Иван Трпоски, проф. д-р Димитар Панден напиша дека втобиографијата на Иван Трпоски е историска проекција на едно време во кое се преплетуваат најмалку три генерации поврзани во судбоносни настани преисполнети со подеми и па-дови, со војни во кои не се знае кога пријателот и непријателот си ги менуваат местата, и мирни времиња во кои околината си ја менува ќудта според моменталната позиција во власта. А, можел Иван, ќе рече читателот, убаво да се снајде и во таа наша тогашна земја во која стигнал дури и да се сретне со нејзиниот политички врв, кодиран со името на вечниот претседател, па дури и часкум да биде и негов составен дел, дополнет со неизбежната низа наречена ‒ партија, па макар и во следните нејзини израстоци ‒ младина, акција, но ете, секогаш се наоѓа по некоја сопка, најчесто од блиска нога на близинска кота. Потем што единственото решение се крие во она народното: „Што подалеку, тоа подобро.“ И, да се преточи сето тоа во литературна форма, ќе призна-ете, не ќе биде така едноставно. Па, така, оваа автобиографија постепено преминува, парадоксално, но вистинито, во ‒ биографија или, кажано со други зборови, од пикареска, рашамонски преминува во хроника, зашто главниот лик напати менувајќи ја раскажувачката позиција од прво во трето лице, независно од бројот, еднина или множина, ја задржува целосноста на местата во кои сопрво питорескно пикарествува (живозборечки скит-никува) за отпосле да ужива во плодовите на својата творечка дејност. И, силно да го нагласи своето јас, но и она од него соз-дадено ‒ ние со кое го идентификува своето семејство, како и своето друштво, се разбира, литературно. Тоа го можат само писателите, кои од најобична средба на разминување прават свеченост во запис, а од неповрзани приказни во кои ликовите од параграф во параграф стануваат сѐ помногубројни ‒ романескна целина, па субјектот напати станува објект, за уште посилно да го осамостои своето јас и заемното ние, а личноста ‒ фигура, но не шаховска или политичка, туку од национално и универзал-но значење. И, таа личност е токму авторот Иван Трпоски, кој како автор го задржува правото да го одбере граматичкото лице за раскажување, не само првото вообичаеното туку и она импе-раторското и владичкото, со кое самиот се гледа од височиините на својата животна патека ‒ третото! Имено, автобиографијата „Ова е мојот живот“ од Иван Трпоски, по својата обемност и сложеност, има во себе елементи на пикареска, на оној жанр во литературата кој, колку и да не е македонски, но секако, е медитерански, сепак, се потпира врз она народното: „Преку девет планини и мориња“, па слободно можеме да прецизираме: Да! Книжевната проекција на раниот период на главниот јас-јунак е една од најдобрите пикарески во македонската литература во кои реалистично е отсликано себеснаоѓањето на главниот лик низ сите стапици што му ги поставува друштвото и општеството, од селското и училишното окружение, преку општинското и партиското, до работничкото и армиското. И, што е уште поважно, авторот совршено ги совладал, ги усвоил и ги применил во својата автобиографија социолектите на сите овие општествени групи, од кои веќе ништо не останало, освен по некоја трага во литературата, па сето добива еден историски призвук, исполнет со јазична патина, која за социолингвистиката има платинеста вредност, зашто на панорамското платно во првиот дел од оваа автобиографија, во кои се претставени пикарескните случки и трагикомичните несполуки во кои запаѓа главниот, лик маченички и страдалнички распнат на координатите од Волино до Вараждин, од Битола до Белград и од Струга до Сежана, веќе ништо не е останато. Од друга страна, „Ова е мојот живот“ на Иван Трпоски може да се сфати и како надоврзан диптихон, двотомна целина, во која автобиографското превладува во првиот дел, а биографското во вториот, условно речено, во оној дел што се однесува на австралискиот период од животот на авторот, но токму во тој дел во една целина се испреплетуваат честите навраќања на авторот во Македонија, кој заминал од својата земја како печалбар и емигрант, а се враќа во неа како реномиран писател и политички заинтересирана личност за судбината на својата татковина. Низ австралиските настани во кои печалбарењето се препле-тува со творењето, живо прозвучува македонскиот народен јазик говорен надвор од својата матична средина, но и употребуван на сите општествени рамништа, особено преку активностите на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, но и на универ-зитетско рамниште, зашто македонскиот јазик има свои позиции и на тоа рамниште. Притоа, мошне привлечно прозвучува и оној социолект што сосема спонтано се развива меѓу Македонците во Австралија со по некој позајмен или буквално преведен збор. На тој начин, мошне сликовито во автобиографијата се преплетуваат сознајбите дека „животот е борба“, но и дека „животот е патување“. Иван сето ова време се борел и патувал, и сето тоа го преточил во литература. Автобиографијата на Иван Трпоски е преисполнета со ликови и личности, со некои од нив тој се сретнал само еднаш и никогаш повеќе, но ги застапил во својот животопис, некои, пак, будно ги следел низ секој нивни исчекор во животот, сплотувајќи се со нив во јазикот како „единствена наша целосна татковина“. Зашто, Македонија е секаде каде што се Македонците, по трагите на авто-биографските раскажувања на Иван Трпоски. И, на крајот, само да додадам, повеќето од ликовите во оваа книга, зашто секој човек што е внесен во литературата автоматски се актуализира во литературен лик, лично сум ги познавал и сум се среќавал со нив низ разни места и мигови. Уверен сум дека и читателите на оваа книга, сегашните и идните, ако не се најдат себеси во неа, со име и презиме, секако ќе најдат свој познат, некого од своја рода и природа. И сите тие имаат свое заслужено место во автобиографијата на Иван Трпоски, „Ова е мојот живот“. Проодолжува |