|
|
НАЗАРЕТ – МЕСТОТО НА ДЕТСТВОТО НА ИСУС ХРИСТОС (21) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН Монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин е во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“, од Скопје и Фондација „Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“ од Прилеп, издадено во 2017 година, на 376 страници, на англиски, македонски и хебрејски јазик, а рецензенти се Горан Садикарио, Мане Јаковлевски и Берта Романо-Николиќ. Тоа е прво дело за двете „Свети земји“ Издраел и Македонија, во кое е пренесено авторовото патувањето во Израел кое беше дел од неговите посети на педесетина различни земји ширум светот. Во него е пренесено следното: Израел за Евреите е ветената земја од Господа на Аврама и на неговите следбеници. Според библиските преданија од Стариот завет, првите доселувања на Евреите во ветената земја - Канаан започнале околу 2.000 години пред новата ера. Израел бил и останал факелот на светоста каде, раѓањето, чудотворието и моќта на Спасителот Исус Христос, е божествено сочинение и овоземна припадност следена од многуте стотици милиони следбеници кои ги има во сите земји од целиот свет. Според библиските преданија од Новиот завет за Христовото раѓање и неговото детство, посебен интерес привлекуваат градовите Витлеем и Назарет. Двата града денес се под палестинска управа, како автономни територии. Назарет го посетивме еден ден пред новото Господово лето по новиот календар. Поради целокупните политички состојби во Израел, посетители и туристи, за жал, имаше малку, речиси како да ги немаше. Затоа немаше тешкотии да се посетат голем број свети места во Израел. Во непосредна близина на Назарет, се наоѓа Кана Галилејска, каде е лоцирана црквата „Свети Ѓорѓи Галилејски“. Кана значи црква, како и село во Галилеја, близу до Назарет. Тоа е местото каде Господ - Исус Христос ја започнал својата јавна мисија, со присуството на свадбата на која, откако домаќинот снемал вино, Христос ја претворил водата во вино. Зборот назарет и на арапски и на јудејски значи „заштитник“. Денешнот град Назарет во времето на Исус Христос бил село, а сега е населено место на Галилејските ридови на околу 350 метри надморска височина, близу до трговските патишта кои водат од Јорданската Долина до Средоземното Море. Овие простори биле освојувани од Македонците, Римјаните, Арапите и од крстоносците, затоа овде живеат муслимани, православни и римокатолици. Меѓутоа, Назарет е свето место за христијаните, бидејќи во него се изградени бројни христијански цркви, манастири и други религиозни објекти. Овде се наоѓаат црквите: „Благовестие“, „Свети Архангел Гаврил“, која е изградена врз природните извори на „Пресвета Богородица“ и црквата „Свети Јосиф“. Тоа е градот во кој пораснал Исус Христос. Имено, според преданието тој се вратил со неговите родители во Назарет по бегството во Египет. Марија и Јосиф од Витлеем избегале во Египет, за да го спасат новороден-чето од злото на Ирод Велики, кој по наредба на Август Цезар, откако не можел да го најде новороденчето, за кој се прошириле гласини дека е новиот крал, организирал војска за да ги убие сите машки деца на возраст до две години. Назарет, градот на Христовото детство, во кој се случило благовестието денес е еден од главните градови на Галилеја. Тој е сместен во северен Израел, југоисточно од пристаништето Хаифа и претставува важен сообраќаен јазол. По името на градот, Христос е наречен Назареец. Археолошките податоци говорат дека Назарет бил населен уште во раниот канански период. Тој е прв град познат како еврејски, а денес е најголем арапски град со над 70.000 жители. Од населението 40 отсто се христијани, а другите се муслимани, како и Евреи, кои живеат во горниот дел на Назарет. Што се однесува до населените места, не е пишано правило, меѓутоа таквите карактеристики се уочуваат токму во Назарет. Имено, Евреите живеат на врвовите од ридовите, а Арапите во пониските делови. Куќите на Арапите во голема мерка се без покриви и врз нив висат разни видови сателитски и други антени, а еврејските куќи имаат современи покриви од ќерамиди и соларни системи за затоплување на водата. Според преданието од пред Христа, во близината на Назарет се наоѓало малото село Ципорија каде што се претпоставува дека се родила Марија, но откако се свршила за Јосиф, отишла да живее во другиот дел којшто денес е во состав на Назарет. Тука е најголемата црква во градот базиликата „Благовестие“. Таа е голема и импресивна архитектонска градба и културно-уметнички споменик на Назарет. Има високо кубе на кое се вишнее симболот на христијанството – крстот, кој се гледа од сите страни на градот. Базиликата „Благовестие“ е прекрасен христијански храм кој е дел од Католичката црква, во која со свои средства учествувале голем број католички цркви во светот, што се потврдува со донациите на фреските во дворот на црквата. Според податоците, првата црква на ова свето место била изградена во 356 година од н.е., а ја изградила света Елена, мајката на свети Константин, големиот римскиот император. Денешната црква, чиј дизајн е на италијанскиот архитект Џовани Музио (Giovanni Muzio) е изградена во 1969 година врз пештерската црква „Благовестие“ во која, всушност, за првпат во Галилеја се применувала Христовата вера. Затоа, црквата „Благовестие“ претставува свето место за сите христијани во светот. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |