|
|
УПИС ВО ОСУМГОДИШНОТО УЧИЛИШТЕ „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ ВО СЕЛО МЕШЕИШТА (7) |
ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“ Ова продолжение ќе го посветиме на дел од активностите и случувањата на Иван Трпоски во селото Мешеишта, што се наоѓа во убавиот охридски крај, каде го започнал неговото осумгодишно образование во училиштето „Браќа Миладиновци“. Тој, меѓу другото, го забележа следното: По нашето завршување во основното четиригодишно училиште, во соседното село Мешеишта се отвори осумгодишно училиште, во кое од Волино се запишавме само јас и Ангеле Николоски. Училиштето беше стара и голема двокатна зграда, а се викаше „Браќа Миладиновци“. Покрај нас двајца од Волино, странци уште беа следниве ученици: Димитри Дуклески, Петре Коруноски, Размо Јакимоски, Коста Јованоски и Велика Мувческа од Требеништа, а Спиро и Богоја Тодороски и Трајан и Златан Ситникоски од Горенци и Љубе Стојчески од Оровник. Другата година ни се приклучија следниве ученици: Трајан Петрески, Власе и Тане Трпкоски, Трајче Митрески, Љубе Јакимоски и Благоја Чалдрмоски од Волино и Владо Далчески од Драслајца. Нецела година доаѓаше на училиште и мешеиштанецот преселен во Волино Никола Војданоски. Другите неколку стотини ученици беа од Мешеишта и од Климештани. Настава се одржуваше обично по пет часови на ден, меѓу секој час имавме одмор од петнаесет минути. Класовите беа поделени на А и Б паралелки. Јас бев во А, а колегата Ангеле беше во Б паралелка, па така ако некој имавме еден час пократок го чекавме оној кој имаше час повеќе, за да патуваме заедно. Во петто одделение јас бев оставен за на поправен по српски јазик, а Ангеле го повторува одделението. Класна раководителка ми беше стружанката Борка Кутаноска, а директор на сите ученици ни беше охриѓанецот Никола Грозданоски. Во шесто одделение класот го повторував со неколку слаби оценки. Како повторувач шесто одделение го завршив со добар успех, исто така и седмо одделение, а во осмо одделение бев упатен на поправителен испит по Француски и Географија, но поради не подготвеност, осмо одделение го повторував. Со тоа ставив крај на моето школување во Мешеишта, па збогувајќи се со училиштето „Браќа Миладиновци“, учениците и учителите, јас се запишав во училиштето „Климент Охридски“ во село Требеништа за да го дозавршам осмо одделение. Па така, во наставниот петгодишен период, во училиштето „Браќа Миладиновци“ во Мешеишта, нај-сакана учителка ми беше Борка Кутаноска, а најомразен учител ми беше коселчанецот Крсте Климоски. Во зимно време, кога ќе задоцневме, не тераше со и онака скочанетите прсти да триеме во замрзнатиот снег, а ако некој фолираше, Крсте со сета сила му стапнуваше со чевелот на рака. Еве и една несекојдневна случка од училишните денови. Се сеќавам како вчера да се случи, а се случи кога бев во шесто одделение и седев во клупа со Богоја Секулоски и Здравко Кузманоски. Здравко беше кусо и дебелко детенце, кое страдаше од астматич-ка задишка. Тоа беше мошне внимателно и мирно детенце, што ете дури и денес барам прошка за моето недругарско однесување спрема него. Секој сакаше на негова сметка да искреира некаква мрсна шега, без да помисли на понатамошните нејзини последици. Еднаш и мене ѓаволот ме предизвика да направам таква шега. Здо-гледувајќи ја долгата врвца од неговиот чорап, која му се одврзала од него и при движењето на ногата мрзливо се завлекува по подот, се наведнав и му ја врзав за едната ногалка од клупата. Мислејќи дека, кога ќе заврши часот, Здравко, со заврзаната врвка ќе ни приреди малку смеа. Но смеата дојде побрзо од планираното. Учителот по математика Димче Матоски го прозва токму Здравко за да излезе на табла, за да реши некаква математичка задача. Здравко стана, се ослободи од столот и тргна. Но, наеднаш се затетерави и странично падна на подот, тргајќи ја по себе и клупата. Сите станаа да видат што му се случи на Здравко. Дојде и учителот Матоски. Проблемот беше откриен. Настана смеа до шинување. На Здравко му ја одврзав врвката од клупата. Него го ослободив, но јас се заробив. Матоски ме изнагрди со едночудо зборови, ми удри по пет стапчиња по рака и ме испрати кај директорот Климоски. За среќа, во моментот Климоски не беше тука, па куртулив од најлошото. Во подоцнежните средби со повеќе другарчиња од класот кога ќе се сретневме го обновувавме овој интересен настан. Некои ја претеруваа случката заменувајќи ја личноста Здравко, со личноста Спаса Алексиоска, на која со појасот што ѝ се испуштил сум ја врзал за клупа... Еве и една убава сетка од екскурзијата која учителите ни ја организираа до село Белчишта. Оваа екскурзија, всушност, ни беше и прво излегување подалеку од Струшкото Поле. Патувањето ни беше организирано со автобус. По разгледување на селските знаменитости од поновата историја, учителите ни организираа и фудбалски натпревар против врсниците од Белчишта. Ние ги победивме нив со два нула, а јас ги постигнав двата гола. Поради победата над Белчишта и постигнатите голови, Крсте Климоски ми ја поправи оценката по музичко, а Љубе Дичоски по фискултура. Интересно е што на ледините во Белчишта, каде заеднички другарувавме, нашите девојчиња на нивните деца им плетеа венчиња од цвеќа, а нивните девојчиња ни сплетија нас. На традиционалниот Општински фестивал кој се одржуваше во Охрид, а имаше натпреварувачки карактер, настапивме и ние учениците од мешеишкото училиште. Па така. ние машките ученици вежбавме по маички и шорцеви и со кратки стапови, а девојчињата по маички и шорцеви и со долги платнени панделки. Пред настапот, мене некој ми го украде моето стапче, кое мераклиски го имав направено, за што од учителката по фискултура Вера Гаврилова, која подоцна ми стана вујна (се омажи за Перо Петрески), бев горко изгрден. Па така, на Фестивалот настапив со прачка од лозница, за што бев исмеан од другарчињата. Девојчињата во осмогодишното училиште беа мошне крупни и во традиционални старински носии се облекуваа. Па така, мошне забележително им се гледаа бујните гради како виреат меѓу растег-натите поли на клашенците. А за кратките клашенци кои не им ги криеја облините на задниците и да не зборуваме. Кога ќе ги скорнеа учителите, за да одговараат по соодветниот предмет, тие со задниците се крепеа на задните клупи, а ние, машките деца, што седевме зад нив, често си ги редевме рацете напред, на работ од клупата, за со нив, ете, случајно, да им ги допреме нивните задници кои се из-мачуваа во претесните бели кошули. Едвам ги чекавме часовите по Физичко (фискултура) за да им ги ѕирнеме на девојчињата белите, несончани нозе, кои мораа да се преслечат во фискултурни гаќички (шорцеви) и блузи. Во подоцнежните класови, во наставата ни се приклучија стружанките Вера Матоска и Слободанка Маркулеска, кои носеа кратки фризури, а се облекуваа во градски носии. Кога ги спомнав клупите, нема да ја изоставам ни случката со поделбата на клупата на три дела. На последната клупа во средниот ред, седевме јас во средина, Воислав Калески од леватастрана и Илија Крушароски од десната страна. Оваа поделба ми личи на поделбата од Македонија, која непријателски е заградена од сите четири страни. Воислав и Илија имаа повеќе простор за движење од мене. Клупата ми ја поделија најпрво со молив, па со мастилен молив, па со туш и на крај со нож ја изглодаа. Па така, кога ќе нè скорнеше учителот да кажуваме за некоја лекција, моравме да бидеме претпазливи на својата територија. Ако со рацете мрдневме, тогаш од соседот со сите средства се удираше по рака или по прсти. Ова го кажувам со сигурност, зашто цел живот носам белег на левата рака, која при преминување на територијата на Воислав Калески, беше забодена со молив помеѓу показалецот и средниот прст и црното од моливот ми остана како тетоважа под кожа, кого секојдневно си го гледам и се потсетувам на палавите ученички денови. Проодолжува |