|
|
НА ГРОБОТ НА ИСУС ХРИСТОС ВО ЕРУСАЛИМ (26) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН Во Ерусалим е напишана највозбудливата приказна на нашата цивилизација. Тука Бог им се прикажал на луѓето, за првпат, во човечка лика. Тука вечниот живот ја победил смртта. Денес, во свеста и верувањето на милиони христијани Ерусалим е местото од каде што сè почнува и сè ќе заврши, на Судниот ден Местото каде Исус е распнат, исто така, е дел од оваа црква и е поставено точно над местото каде што е гробот на Адам. Крвта помешана со вино која капела од телото на Исус, протекла низ гробот на Адам. Оттаму е симболиката дека Исус со неговото воскреснување, всушност ја измил целата вина на човечкиот род. Во историјата на „Светата црква“ каде се наоѓа гробот на Исус е забележано дека муслимани го чуваат клучот од најсветата црква за христијаните. Имено, Ваџих Нусејбех е единствениот што го носи клучот што ги отвора портите на црквата во која се верува дека се наоѓа гробот на Исус Христос, а оваа должност неговото семејство ја врши повеќе од 1.300 години. Секое утро во 4 часот Ваџих Нусејбех оди низ утврдениот Стар град на Ерусалим до Црквата на светиот гроб, најпознатиот храм на христијанството. Со себе носи железен клуч долг 30,4 сантиметри, се качува на мала скала и ги отвора големите дрвени порти што водат до местото на кое христијаните веруваат дека се одвивало распнувањето на Исус и неговото воскреснување и на кое се наоѓа неговиот гроб. Секоја вечер по стемнување, откако трипати на половина час ќе го чуе тропањето на железната алка на портата, Ваџих ја заклучува портата и го дава клучот на чување. Ваџих ја наследил оваа работа од својот татко, кој, пак, ја наследил од својот татко и така повеќе од 1.300 години. Но, на големо изненадување, исто како и неговите предци, и Ваџих - чуварот на местото на распнувањето, е муслиман. Должноста се пренесува од татко на син, од една на друга генерација. Црквата е главна атракција и за туристите и за аџиите. Како огромен мозаик од капели, тунели и пештери со архитектонски остатоци што датираат од IV век, таа опфаќа широк спектар традиции. Во неа се сместени последните „станици“ на Виа Долороса - последното патување на Исус до распнувањето. Со црквата љубоморно раководат пет компетитивни и често раскарани христијански деноминации: римокатолиците - кои тука се наречени и латини, грчките православци, ерменските православци, коптските православци и јакобитите. На таванот на црквата постои и мала капела на ортодоксните православци. Понекогаш тензиите околу правата за чистење на црквата или за молење во определен дел на црквата преминуваат во насилство. Семејството Јудех, кое е муслиманско, го чува клучот во текот на ноќта, но само членовите на семејството Нусејбех се чувари на портата. Еднаш годишно трите најголеми деноминации - грчките православци, римокатолиците и Ерменците, јавно го објавуваат своето барање до семејството Нусејбех да продолжи да биде чувар и вратар во црквата, како што и пишува на нивните потсетници и на веб-страницата Во светиот храм за Евреите, над синагогата со гробот на Давид, е собата на Тајната вечера. Според традицијата, таа соба е стара околу 2.000 години, меѓутоа сегашната поставена маса е во стилот на некогашната Тајна Вечера. Од разни верски организации денес овде често се организираат вечери исто како и во библиските преданија.Според библиските преданија, пак, од Новиот завет, овде Исус на своите ученици им рекол дека оваа вечер еден од нив ќе го предаде, а на Петар му рекол „откако тоа ќе се случи, ти трипати од мене оваа ноќ ќе се откажеш ...“ Потоа отишле во Гетсемановата Градина каде се оствариле претчувствата на Исус Христос. Пред да стаса во Гетсемановата Градина, Исус Христос ја поминал Долината Хинон, која се протега под Маслиновата Гора во должина на едната страна на Стариот град што гледа кон неа. Таа долина Евреите ја нарекуваат Долина на пеколот. Хинон на еврејски значи пекол. Овде пред многу милениуми биле жртвувани деца, а во нејзиниот краен дел се наоѓа и Долината на крвта. На тоа место Јуда ги примил парите од Римјаните откако го предал Исус. Но, бидејќи тие пари биле заработени со пролевање крв, населението не можело да ги прими како прилог за градење нови објекти. Според овие преданија, и денес на ова место, како и во целата Долина на пеколот, нема ниту еден храм, црква или каков било историски монумент, што зборува за исполнувањето на библиските преданија. Улицата Виа Долороса е некогашниот таканаречен Пат на Крстот кој води до Црквата на Светиот гроб на Исус Христос на ридот на Голгота. На патот до Голгота има четиринаесет станици на Крстот, а на една од нив е статуата на Марија која ја симболизира болката на мајката за синот што ќе биде распнат на височините на ридот. Базиликата на воскреснувањето е веднаш до Светиот гроб и тука се малите остатоци од некогашната камена врата со која, според преданијата, бил затворен гробот. Ги видовме автентичните места каде што илјадници верници одат по патот по којшто минал Исус Христос кога пристигнал во Ерусалим, на својата последна Пасха. Овде, секоја година на Велики петок, аџиите го минуваат патот на Крстот од местото на осудата до мрачната Црква на Светиот гроб кој традиционално ја вклучува Голгота и Гробницата која подоцна го прима Христовото раскрвавено и изнемоштено тело. Наречен Виа Долороса или Пат на тагата, патот на Христос претставува блага кривулеста патека низ Стариот град. Тука особено интересно е за време на велигденските денови, кога многубројни групи од туристи и посетители – верници го минуваат Патот на Крстот, исто така, како што било порано. Избираат еден од нив, протагонист на Исус Христос со голем Крст на плеќите, а се претставуваат и сите оние сцени што се случувале на станиците на Крстот. Страдалниот пат на којшто Исус Христос под товарот на Крстот оди и паѓа, практично не е многу долг. Просторот каде поминува Виа Долороса, денес е исполнет со безброј разни дуќанчиња со сувенири од христијански, еврејски и муслимански верски симболи, како и продавачи на ориентални слатки. На најсветиот ден Велигден, верниците се симнуваат низ Маслиновата Гора кон градските ѕидини, носејќи гранчиња од палма. На Велики петок, пак, одат по патот Виа Долороса, застанувајќи пред приказите за страдањето на Исус Христос. Исто така, ноќта Црквата на Светиот гроб е преполна со верници. Во Црквата се собираат пет христијански заедници: римокатоличката, грчката православна, ерменската православна, сириската православна и коптската заедница – заедно со толпата верници во исчекување на церемонијата на Светиот пламен, кој во источните цркви го симболизира Христовото воскресение. По полноќ Црквата на Светиот гроб се исполнува со светлина од свеќи – симбол на воскресението. Сите камбани на древната црква чукаат во ритамот на силните пофални песни на радоста. Среде џагорот на следбениците се слуша повик кој постојано се повторува „Христос воскресна“ и одговорот „Вистина воскресна“. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |