Среда, 26 Октомври 2022   
УПИС ВО УЧИЛИШТЕТО „КОЧО РАЦИН“ ВО СЕЛО ТРЕБЕНИШТЕ (8)

1ise4

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Во ова продолжение ќе изнесеме дел од активностите и случувањата на  Иван Трпоски во познатото историско село Требеништа, каде тој го продолжил неговото осумгодишно образование во училиштето „Кочо Рацин“. Тој, меѓу другото, го објави следното:

По испишувањето од училиштето „Браќа Миладиновци“ во село Мешеишта, јас се запишав за дозавршување на осмо одделе­ние во училиштето „Кочо Рацин“ во село Требеништа. Ова учи­лиште беше поблиску до Волино, а имаше и многу ученици од Во­лино кои беа запишани за изучување на осумгодишното училиште во село Требеништа. Да спомнам дека ова училиште се отвори по училиштето во Мешеишта. Во мојата паралелка, покрај нас, во­линските повторувачи од Мешеишта: Ангеле Николоски, Љубе Ја­кимоски, Тане Трпкоски и јас, беа и: Кристафил Трпоски, Лазор Трпкоски, Трајко Шкуртески, Гулапка Тупанческа, Спаса Шкурте­ска и Никодимка Лошкоска. Класен раководител ни беше учителот по француски јазик Ангеле Јолакоски од село Оровник.

Интересно е да го споменеме фактот што учител по историја ни беше нашиот соселанин Панде Скепароски. Злото да биде по­големо, овој учител беше немилосрден спрема нас машките волин­ски ученици. Во новиот прозивник во кој се оценуваа учениците, Панде прво мене ми стави единица. Ништо подобро не поминаа и другите волински ученици. Еднаш нѐ скорна сите нас и подбивно почна на наша сметка да се шегува; За овие багабонти, рече тој, во домот во Волино нема враќе, тие низ пенџери влегуваат во него. Овие арамии секоја година ми го берат бостанот, летната круша и сливата петровка. Да, овие мангупи не оставија ништо в село ни да се касне ниту да се продаде! И, здивнувајќи, ќе додаде: „Е, сега е момент за да ви го донесам паметот на место...“

Но, не беше злото во тоа што тој ни стави слаби оценки, туку што со нив и другите учители ги потсетуваше на нашата неукост, па и тие ќе се задржуваа на нас или максимално да нѐ испрашуваат или без двоумење да ни запишат слаби оценки. Иако повторувачи, на неколкумина ни претстоеше опасност за осмо одделение да го повторуваме. Ова и по неколку децении го тврдам дека беше вис­тина. За нескромното однесување на учителот Скепароски, ќе го изнесам и следниов запис.

При секое влегување во класот, без да погледне кон нас, седнуваше и веднаш го изговараше моето име и презиме, за да кажам што учевме минатиот час. Почесто ми го поставуваше следново прашање: „Ивааан, кои беа причините за подигање на Босанско-херцеговачкото востание и во која година?“ Еднаш јас не сум бил на настава, а тој без да го провери моето присуство ме прозвал со поставување на истото прашање, со кое предизвикал смеа меѓу учениците. Сите овие причини, на крајот од годината негативно влијаеја на нашите успеси, зашто со слаб успех не можевме да се запишеме во подобри училишта.

Од едногодишното мое школување во село Требеништа, не­маше многу нешто да се спомне. Од поубавите девојки во нашата паралелка беа Драгица Благоеска, Вера Бицеска и Нада Мувческа. Исто така, убаво е да кажам дека за првпат во моето школување, во класот покрај нас православните имаше и значителен бројученици од албанска националност и еден Ром кои доаѓаа од село Горенци. Горенци е единствено село во Охридска општина кое егзистира со мешани жители.

Музичко, односно пеење, ни предаваше наставникот Иван Пепелко од Охрид. Тој беше доста фин и претпазлив човек. На ни­кого не сакаше слаба оцена да му стави. Но еднаш и тоа се случи. Тој праша: доброволно кој сака да отпее по неколку стиха од некоја песна? Никој не се јави. Кога не се јавува никој, рече Пепелко, то­гаш принуден сум да го отворам прозивникот и, по азбучен ред, секој од вас сега веќе ќе мора по неколку зборови од некоја песна да ми отпее! Учениците возбудено почнаа да очекуваат кој ќе биде тој што ќе запее прв. Никој не сакаше да почне. Така се молчеше до Крсте Нелоски, кој ете прв ги отпеа стиховите на песната „Дервиш-ко – вишко моме“. Пепелко на сите што покажуваа непослушност им ставаше слаби оценки, на Крсте од доволен (2) му ја поправи на многу добар (4). Потоа повторно се заредоа слаби оценки, сè до азбучниот ред Трпкоски и Трпоски, кога Тане, Лазор и Кристафил одбија да пеат, тогаш јас го скршив мразот со песната „Слегов долу во визбата – там ја најдов невестата“.

Таа песна почесто ја пееја волинци по гости, па ја имав скоро целата запамтено и ја испеав до крај. Пепелко најпрво ме предупредуваше да го стишам тонот на пеење, но јас револтно уште погласно и погласно пеев. Учениците се смеат, пукаат од смеа, Лазе и Кристафил од обете страни ме кол-каа со колената за да прекратам. И Пепелко ме застануваше за да прекратам, покажувајќи ја со рацете канцеларијата на директорот Крсте Скепароски. Ќе сум го вознемирел. Но јас си останав на свое и песната ја отпеав до крај. Пепелко, забришувајќи ја потта по че­лото, седна и веднаш ми ја стави највисока оценка (5), но во свиди-телството ми ја имаше намалено на многу добар (4). За овој случај колегите од мојата паралелка во Требеништа најдобро ме паметат.

На една екскурзија, учителите, нас учениците од петто до осмо одделение, со малиот воз Киро, нѐ прошетаа до село Песочан. Оваа екскурзија беше од наставен карактер. При разгледувањето на единствената хидроцентрала во југозападното македонско поднеб­је, наставниците ни објаснуваа како од водите на реката Сатеска се создава електрична енергија. Поради временското невнимание на наставниците, возот за враќање до Требеништа го пропуштивме. Идниот воз се враќаше дури идното утро во четири часот. Па така, учителите нѐ одредија да преспиеме во селските домаќинства во Песочан. Јас и колегата Челик отседнавме кај неговиот роднина кој беше селски ковач. Вечеравме штавај со сув пченкарен леб, а на поцрнетата рогузина нѐ покрија со литаво војничко ќебе. Оваа прошетка беше мошне интересна бидејќи на ваков далечен пат со воз кој стенкаше при искачувањето по планинските височини, не сме имале прилика да патуваме. Сликите од планинските предели и бучавата на Сатеска напросто пленеа. Убави ни беа и меѓусебни­те шеги, особено со женскиот пол.

Убаво е да ги споменеме и попатните штафетни манифестации. Обично нив ги организираа младината, средните и осумгодишните училишта. Штафетната палка која минуваше низ цела Југославија мораше да стигне на 25 мај на стадионот од „Партизан“ во Белград, каде заслужен младинец му ја предаваше на југомаршалот Јосип Броз Тито. Овој човек, кој повеќе ѝ припаѓа на историјата отколку на приватната анализа, ни беше претседател скоро пет децении и на нас Македонците. Штафетата минуваше низ сите поважни патишта на Југославија. Ние учениците од требенишкото училиште ја преземавме неа од учениците на мешеишкото училиште, тие од уче­ниците на Дебарца, а им ја предававме на учениците од Охрид итн. На патот Скопје - Кичево - Охрид бевме поставувани на по стотина метри оддалеченост еден од друг. Претпазливо ја земавме палката и, со трчаница пред државното возило, кое го придружуваа двајца полицајци со мотори, ја предававме на друг. Учителите нè предупре­дуваа да бидеме насмеани и да не зборуваме со официјалните лич­ности од возилата. Автомобилот беше целосно прекриен со разни свежи цвеќа, па настанот изгледаше мошне возбудлив. Како дете се чувствував горд што со палката на нашиот маршал му испраќавме пораки за добро здравје и долг живот. Подоцна, во Австралија слуш­нав една шега во врска со штафетата. Во некое битолско село, некоја стара жена си го прашала внучето: А, бре, чедо, што сте се растрчале вака по патот? А тоа ѝ одговорило: На Тито му ја испраќаме штафе­тата! Таа, иако не дочула добро, веднаш му возвратила: Штета го нашла, убо му прајте, за подобро тој ѕвер и не заслужува!

Во училиштето во Требеништа, покрај другите активности ја спремивме и драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски. Со поважните уло­ги бевме почестени ние учениците од Волино. Таа беше прикажана во Требеништа, Волино и Горенци. Ние волинците имавме искуство за изведба на скечови, едночинки и драми. Таквиот успех се должи на поголем број волински активисти, а подоцна делумна заслуга ќе му се припише и на учителот во Волино, Величко Степаноски.

Пред мојата генерација скечови изведуваа: Димко Тер­зијоски, Богоја Короскоски, Вангел Трпкоски, Милутин Моча­роски и други. Подоцна се приклучивме: јас, Соколе Иваноски, Сисоја Цветаноски, Стојмир Мочароски, Тане и Лазе Трпкоски и други, а уште подоцна нè заменаа: брат ми Ангеле, Злате Скепа­роски, Ристо Спироски, Лазе и Донка Силјаноски, Сонка Нико­лоска и други

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.