Среда, 14 Декември 2022   
ПО МОРСКИ ПАТ ОД ЏЕНОВА, ИТАЛИЈА ДО СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА (15)

1manaz123

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА

ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“ 

Во ова продолжение ќе претставиме дел од првото прекуокеанско патување на Иван Трпоски во кое тој помина долг период, виде многу нови, интересни предели на морето и на копното, кои му останаа во трајно сеќавање. За ова прво патување во непознатата земја Австралија, Иван го напиша следното:

Вечерта на 29. 8. 1968 година, бродот се наполни со патници. Некои патуваа за далечна Австралија, а некои до идните бродски станици. Бродот беше голем, но не колку „Маркони“, „Галилео“ или „Австралијан“. За компанијата „Лауро“ работеа два брода, со имиња на брат и сестра: „Ахиле“ и „Ангелина“. Ние патуваме со бродот „Ахиле“. Беше со неколкукатна височина и со неколкукатна длабочина. Нашите кабини се наоѓаа токму на водната терезија, од чии прозори понекогаш се гледаа помали бранови, а понекогаш се гледаше само вода. Патниот билет, кој важеше за едно лице на ре­лација Џенова ‒ Сиднеј, со регистарски број: ПП. 28277, со кабина број: Ц 5/Ди цена од 473 (долари), службениците ми го потврдија при влезот. Првата ноќ се запознавме со цимерите од својата, а и од соседските кабини. Во нашата кабината бев со Видан Спасески од Секирци, прилепско, Видан Стојановски од Могила, битолско и Хрватот Иво Штокиќ од Сукошан, Задарска општина. Поради мно­зинство на патници, моравме да спиеме на двокатни кревети. По сместувањето, најпрво се прошетавме по палубата, потоа појдовме на вечера, каде на тркалезните маси беа поставени по десет столо­ви и по исто толку сервиси за јадење. Вечерата беше убава, свинско печено месо со шпагети, а имаше мешана салата и две од по два ли-тра шишиња со црвено вино. По убавата храна, следеа коментари:

„Вака се живее сто и една година!?“ Но секогаш со потпрашање: „А што нѐ чека во Австралија? По вечера влеговме во кино-сала за да гледаме филм (филмовите, обично се прикажуваа на англиски и на италијански јазик без титлувања), а потоа појдовме во најго­лемата просторија каде свиреше оркестар и се играше валцер. Веселите Англосаксонки, кои сами патуваа околу светов, нѐ поканија и нас Македонците за танц. Ние се срамевме, не од незнаењето на валцерот, туку од непознавањето на англискиот јазик и од смрде-ните алишта на нас. Во еден миг, убава, тенка, русокоса дама ме понуди и мене за да играме на музичкиот подиум. Јас не можев да ја одбијам нејзината понуда. Дамата, со превиени раце околу мојот врат, прилепена до моето тело, милно гледајќи ме в очи, под тактот на оркестарот, почна да ме лулее. При бавното играње, дамата ме прашуваше нешто на англиски, на кое јас само засрамено ѝ одго­варав: „Извинете, јас не разбирам англиски!“ Мене повеќе срам ми причинуваше гласното исмејување на колегите кои играа на по­диумот и на оние кои седеа наоколу, па ми праќаа потценувачки комплименти. По завршениот пресек на оркестарот, дамата, усра­мена, си се врати кај другарките, од каде започна да си бира друг партнер. По ваквиот танчерски кикс, не заиграв со друга девојка.

По едноноќно патување, стигнавме во второто италијанско пристаниште – Неапол. Овој поморски град е многу поголем од Џенова. Тој се наоѓа на средишниот италијански брег од Тирен-ското Море. Со некои од колегите ги прошетавме блиските про­давници до пристаништето. Веднаш е забележливо дека ваквите градови се многу важни трговски артерии за секоја поморска земја. Трговијата е на прво место, а потоа следат туризмот, риболовот и другите стопански гранки. Од овде им испратив разгледници на сопругата Нада, татко ми Науме, зет ми Борис и на брат ми Спаско во Сиднеј.

По Неапол следуваше и третото италијанско пристаниште Месина. Град на граница меѓу островот Сицилија и полуостровот Ита­лија. Интересно, колку се слегува надолу кон Средоземното Море, толку е повидлива сиромаштијата и темниот тен на луѓето. Овде излегов за да прошетам низ градот со неколку бродски службеници и со Хрватките Марија и Рајна, мајка и ќерка кои патуваа за Мелбурн. Стоките се продаваа многу поевтино од минатите пристанишни гра­дови. Од овој град разгледница испратив само за сопругата Нада.

По напуштањето на пристаништето Месина, бродот тргна кон главниот град на Малта, Ла Валета. Ние Македонците поба­равме од овластените офицери во бродот, поради многубројноста, информациите да се кажуваат и на македонски јазик. Побаравме и секојдневно едночасовен курс за изучување на англискиот јазик. Бараното ни беше одобрено. Секој ден од 10.30 до 11.30 часот, на­шиот сонародник Илија Велјаноски од Велушина, битолско, кој ги знаеше и англискиот и италијанскиот јазик, ни беше нашиот предавач по англиски јазик. Англискиот го научил во Австралија, каде престојувал десетина години, а италијанскиот го научил за време на Втората свтска војна, кога бил интерниран од италијан­ските фашисти во Италија, каде издржал четиригодишна затвор­ска казна. За полесно изучување на јазикот офицерите ни дадоа сликовници, букварчиња, тетратки и моливи. Ние бевме најбројни по Италијанците, па така организиравме и фолклорна група, која почесто настапуваше пред присутните. Во бродот имаше време и места за искажување и натпревар во многу активности, како фолк­лор, песни, хумор, избор на најдобри танчери, најдобри танчери во пижами, убавици во капечки костуми, машки нозе итн. итн. Ние, Македонците, на бродот достојно ја презентиравме нашата тради­ција и култура пред присутните патници, кои ги имаше околу илја­да луѓе.

Тоа го потврдува фактот што офицерите, победниците ги наградуваа со трофеи, чоколадо и шампањско. По сите вакви кул­турни настани, неколкумина Македонци беа укорени од офицерите на бродот за физички пресметки со други патници, а еден дури заврши зад решетки откако му ја искинал униформата на некој вра­ботен во компанијата „Лауро“. Такви непослушни Македонци беа Љупчо Лазаревски од Скопје, Сандре Стојаноски од Косел, Живко и Борис од Битола и Спиро Рајчиноски од Мислешево. Чудно, како може да мирува Македончето кога е гладно, а уште повеќе кога ќе се прејаде? Офицерот на тепачите им рекол: „Вие не знаете со вакви намери каде ќе завршите? Запаметете добро, Австралија е остров од кој нема бегање!“

Еве, бродот застана и во пристаништето на главниот град на Малта, Ла Валета. Овде престојувавме неколку часови. За тоа време излеговме од бродот за да стапнеме и на оваа црвенкаста планинска земја. Градот е чист и со тврдини обграден. Тој е под контрола на Англија. Тука се сместени и нивните воени бази. Ла Валета е познат по малтешките витези. Оттука им испратив раз­гледници на сопругата Нада и на татко ми Науме. Во бродот, до нашата маса, наседнаа неколкумина патници од Малта. Меѓу нив беше и едно добро средновечно човече Мајкол. Мајкол ни помог­на многу во побарувачката за подобар оброк, кој до сега почесто беше шпагети и макарони. Тој ни го даваше и виното од нивната маса за да го пиеме ние. Не разбрав дали ги плаќаа нивните пија­лаци или не, бидејќи со секој оброк им го сервираа со пиво или со шампањско. Еднаш се изнасмеа до плачење кутриот Мајкол. За да побарам свинско месо ми рече како да му речам на дечкото што нѐ послужуваше. Јас така и му реков. Но тој ме препраша уште нешто на англиски, за кое јас не знаев да му дадам одговор, по што следу­ваше од дечкото онаа прекрасна поучна анегдота: „Но парларе ‒ но манџаре!“ и ми донесе повторно макарони. Смеа од сите соседи – до шинување.

При напуштањето на Малта и на патот низ Средоземното Море кон Гибралтарскиот Теснец, од каде што треба да влеземе во Атлантскиот Океан, се јавија поголеми бранови, кои не можеше секој од патниците да ги поднесе. Многу постари луѓе, особено жените ги фати морска болест и често почнаа да повраќаат. Не­кои бранови беа толку силни што ги испревртија масите сосе па­ници, од кои многу се испокршија. Најмногу од сите Македонки се заболе Цвета Тутуреска од Мешеишта, која со своите три деца Најде, Стојан и Пере патуваше за Сиднеј. Таа кутра преку целиот пат низ морињата не излезе надвор од кабина. И сè што ќе касне­ше, го повраќаше. Исто така, и волинката Цвета Стоеска храната ја повраќаше. Таа ме замоли да најдам некој кој знае италијански, за да им рече на келнерите да ѝ носат за јадење само лути пиперчиња и маслинки. Таа бараше и да ја преселат од кабината во која беше сместена. Нејзината кабина се наоѓаше веднаш над бродските ма­шини, кои им правеа бука од која не можеа комотно да спијат. Таа се жалеше и на Хрватките (мајка и ќерка) Марија и Рајна, кои низ Цветината кабина влегувале за во својата. Тие почесто со себе но­селе дечковци и со нивните љубовни јачкања ја вознемирувале неа и нејзините деца. На добар начин, со преведувач и со офицер од бродот, ги завршивме позитивно двете жалби на Цвета.

По малтешкото пристаниште Ла Валета и преминот низ Ги-бралтар влеговме во Атлантскиот Океан. По кратко патување стиг­навме на Канарските Острови каде останавме за кратко. И тука се продаваше секаква стока. Продавачите беа мошне агресивни, прос­то на сила сакаа да ја продадат стоката. Овие острови се под доми­нација на Шпанија. Се гледаше од облеката (мажите носеа плетени самбрера, а жените широки фустани) и, секако, јазикот на кој збо­руваа. И оттука со разгледници ги потсетив сопругата и татко ми.

Од Канарските Острови, по неколкудневна борба со морски­те бранови бродот нѐ довози до пристаништето Кејп Таун, кое се наоѓа во Јужна Африка. Тој град е последен, односно е сместен најдолу на Континентот. Престој од неколку часови и доволно вре­ме за да излеземе и да го разгледаме овој единствен попатен афри-кански град. Градот, како и државата Јужна Африка се под домина­ција на англиската кралица Елизабета Втора. Црнците агресивно си ги бараат своите човекови права. Најстрастен во барањето на црнечките права е осуденикот Нелсон Мендела. Овој човек ќе ста­не симбол на патриотизмот. По издржаниот затворски мандат од 27 години на островот Робен Ајланд, ќе ја фрли англиската монархија и ќе стане прв црнечки претседател на Република Јужна Африка. А во 1994 година и во Стокхолм, ќе ја добие Нобеловата награда за мир. Строгата чистота ја грдеа превозните такси-колички во кои беа впрегнати црни луѓе. За мали пари со трчаница ги превезуваа белите луѓе од едно место на друго. За додатни пари можеше да го земеш камшикот и да го удираш впрегнатиот црнец. Овие из-живувања на белците над црнците ме погодија мошне непријатно. Некои Македонци ги користеа овие дискриминаторски сцени за сликање. На некои од овие македонски аристократи им спомнав дека и нас во Австралија нѐ чека истата сцена!

Од Кејптаун до првото австралиско пристаниште Фриман­тел, недалеку од градот Перт, на бродот „Ахиле“ му требаа пол­ни дванаесет дена за да го премине Индискиот Океан. Овој долг пат без никаков одмор, без никакви земјини и птичји нишани, туку само синила небесни и морски, ни се виде како попот - магаре! До-садата ја убивавме во играње карти, кажување настани и приказни и задевање со девојките кои им патуваа на идните свои сопрузи, бендисани преку слика или со посредство на некој роднина. Еден таков случај во бродот доживеа разврска. Момче од преспанските села, по име Петре, ја убеди девојката, која патуваше за Сиднеј, да слезе во Мелбурн, со ветување дека ќе се ожени за неа. Кутриот нејзин сопруг, кој ја чека идната своја домаќинка во Сиднеј за да се венча со неа – кога ќе дознае за настанот ќе доживее слом.

Но сигурно не ќе биде прв, а нема да биде ниту последен. На толку долг пат, секојдневната блискост си го прави своето. Патувањето со брод за љубов е вистинска романтика. На палуба, седнат на клу­па, со нова партнерка, опкружен со ветер со мирис на соленило, покриен со безброј ѕвезди над себе, имагинациите од соништата веднаш се претвораат во вистина. Тука се кршат многу верности, многу венчални прстења се фрлаат в море, тука се губи свеста во новите прегратки, проткаени со цврсти бакнежи и силни оргазми. Поради вакви случаи многу жени и мажи од Англосаксонците од­морите ги користат сами. Тие влегуваат во туѓи срца за да можат да ја осознаат љубовта и на друга личност. Но нашиот менталитет не е како нивниот. Ако се прашаме дали Македонецот сака, кога ќе се врати доцна жена му, да ја праша: Драга, дали имаше добар по­мин вечерва? Сигурно ќе одговориме со ‒ не! Но, затоа пак нашите жени си го прават тоа скришно. Како што велат луѓето за мусли-манките, дека тие ги покриваат лицата, а ги соголуваат задници­те. Меѓу повеќето наши девојки кои се дружеа со сите нас беше и битолчанката Нада Спасовска. Патуваше во Сиднеј, кај својот брат. Беше мошне зборлеста, а знаеше многу еротски приказни и вистински настани од секојдневниот живот.

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.