|
|
СТО ГОДИНИНИ НА МАКЕДОНСКО-ИЗРАЕЛСКИТЕ ОДНОСИ (36) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН Во еден од текстовите на порталот „Македонска нација“ се наведува дека во 2011 година се наврши еден век од македонско – израелските врски, и тоа од времето кога ниту Македонија ниту Израел не постоеја како држави. По тој повод, како и по повод 63 години независност на државата Израел, одбележувајќи го овој посебен јубилеј на македонското-еврејското пријателство, државата Израел и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, организираа свечан концерт на Македонската филхармонија со сопранот Сиван Ротем од Израел, со изведби на песни на ладино, јидиш и хебрејски. Пред концертот, на многубројните гости им се обратија амбасадорот на Израел во Република Македонија, Н.Е. Давид Коен и потпретседателот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, д-р Панде Лазаревски, чие излагање “Македонска нација” го пренесува во целина: Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа, HAVERIM JAKARIM, - KERIDOS AMIGOS, - SHALOM ! Република Македонија и Државата Израел дипломатските односи ги воспоставија на 7 декември 1995 година. Би се рекло, нашите 16-годишни дипломатски односи не се ниту полнолетни. А сепак, денес, на овој свечен ден прославуваме еден век од настанот кој ги постави темелите на македонско - израелските односи денес, додека македонско – еврејските односи имаат многу подлабок историски корен. Од памтивека. Започнуваат со визијата која Александар III Македонски ја имал во светиот македонски град Дион. Еврејскиот историчар Флавиј Јосиф ни кажува дека, исправен пред дилемите како да ја освои Азија, на Александар на сон му се јавил човек облечен во пурпур, со златна дијадема на главата и златна плоча на градите, кој го охрабрил да не чека ниту миг, туку храбро да го премине морето и дека ќе ги победи Персијанците. Кога Александар Македонски веќе беше пред портите на светиот град Ерусалим, во првосвештеникот Јадус го препозна човекот од сонот и следејки ги неговите насоки, принесе жртва во Храмот, според еврејски обичај. И Талмудот зборува дека Александар го одбил барањето на Самаријанецот Санбалат да ги уништи Евреите. Напротив, им доделил најголеми привилегии. Со генерации потоа, името “Александар” било најпопуларното име во еврејските заедници околу Медитеранскиот басен. Од памтивека Евреите се длабоко вкоренети во македонската земја, историја и култура. Најстарата синагога на Балканот се наоѓа во Стоби, во Македонија. 1492-та година ја промени историјата на светот бидејќи Кристофор Колумбо стаса до Америка. Но, едновремено, оваа година ја промени судбината и на Евреите од Шпанија, Сефардите, кои беа протерани од нивните огништа, и дел од нив, својот втор дом го најдоа токму во Македонија. Во Македонија, Евреите никогаш не биле туѓинци. Напротив, дочекани како нови чеда на Македонија, тие лесно се интегрираа во македонскиот културен, јавен и економски живот. Но, се вклучија и во револуционерната борба за слобода на Македонија. На солунскиот конгрес на Тајната македонско-одринска револуционерна организација – ТМОРО во 1896 година, учествувал и истакнатиот револуционер Рафаел Камхи, македонски Евреин од Битола, војвода, илинденец и борец за слободата на Македонија. Денес, неговото дело е овековечено во Музејот на македонската борба каде, на наше големо задоволство, посетителите ќе ја видат неговата восочна фигура.Но, и Македонците се присутни во борбата на Евреите исто онолку колку и Евреите во македонската борба. Така, големиот македонски револуционер и народен трибун Димитар Влахов, како пратеник во Отоманскиот Парламент во 1911 година, категорично се испречи на планот на пратениците Арапи со закон да го оневозможат повторното населување на Евреите во нивната прататковина. Тоа е само уште еден пример од исклучителната вредносна, културна но и политичка размена меѓу двата библиски народи. Со своето храбро и правдољубиво дело, кое остави силен белег врз тогашните политички збиднувања и беше вовед во искреното пријателство со легендарниот Давид Бен Гурион, Влахов стана предвесник на исклучително блиските македонско – израелски односи денес. Упатувајќи на таквата блискост, при отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, претседателот на Република Македонија, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов нагласи: „Не смееме никогаш да заборавиме дека, како што Рафаел Камхи беше еден од носителите на идејата за слободна и независна Македонија, така и Димитар Влахов придонесе да остане отворен патот за идното формирање на државата Израел.“ Не можеме, не смееме и не сакаме да забоавиме дека на кобниот 11 март 1943 година, фашистичкиот режим на окупаторска Бугарија депортираше 98 проценти од македонските Евреи во ектерминациониот камп Треблинка. Од 7.144-те депортирани Евреи дури половината беа деца. Преживеаните македонски Евреи кои останаа да живеат во Македонија активно се вклучија во народноослободителната борба, давајќи многу истакнати борци и првоборци. Да си спомнеме на генералот Бено Русо, народниот херој Естреја Овадија – Мара. Да се сетиме на првоборците Роза Камхи Русо, Жамила Коломонос – Цвета, на борците Исак Сион, Самоил Мизрахи, Бенјамин Самоковлија, Милан Бахар, Ѓорѓе Блаер, Мешулам Алба, Хаим Леви, Јосеф Песо, Шами Мориц, Арон Ароести, Виктор Пардо, Аврам Анаф, Хаим Садикарио, Бранко Фрицханд, Аврам Садикарио, Ели Фраџи, Мориц Романо и многу други македонски Евреи. Сите тие се вградија во македонската слобода и независност чија 20-годишнина ја прославивме на 8 септември. За тоа сме им вечно благодарни. Драги пријатели,Со заеднички напори изградивме Меморијален центар на холокаустот на Евреите во Македонија како вечен паметник за нашите сограѓани, пријатели и соседи. Но, воедно изградивме и нов мост на пријателство, соработка и почитување помеѓу Република Македонија и Државата Израел. Затоа, денес, кога прославуваме 100 години од историскиот настан, ние се навраќаме на исконското препознавање меѓу двата библиски народи, меѓу Александар и Јадус, меѓу Камхи и Груев, но и меѓу Влахов и Бен Гурион. Повеќе од уверен сум дека и во иднина достоинствено ќе го продолжиме да го исполнуваме нивниот завет. Допуштете ова кусо навраќање на историските страници да го завршам со зборови на хебрејски, на ладино и на македонски: MAKEDONIJA VE ISREL – LANECAH!!! MAKEDONIJA E ISRAEL – PARA SIEMPRE!!! МАКЕДОНИЈА И ИЗРАЕЛ - ВЕЧНИ!!! Toda raba - Graсias - Ви благодарам. ormal' Toda raba - Graсias - Ви благодарам. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН
|