|
|
НОВОДОЈДЕНИ МЛАДИ СТУДЕНСТИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО НЕЈПЛС, ФЛОРИДА (33) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЛУ ВЛАШО - АМЕРИКАНСКИ СИН НА МАКЕДОНИЈА“ Голема група нè чекаше пред црквата во Нејплс, каде на секој од гостите, вклучително и еден свештеник, Стојан, кој ја придружуваше групата, им беа доделени семејства домаќини за две недели што ќе престојуваат тука. Некои од децата беа фасцинирани од начинот на живот на семејствата со кои престојуваа; за други беше слично на она што го имаа дома. Кога тоа беше изводливо, децата беа ставани во семејства домаќини кои имаа деца на нивна возраст за да можат да делат слични интереси. Дури и без да ги знаат јазиците, тие најдоа начини да комуницираат. Групата донесе фрескоживопис како подарок на црквата во Нејплс. Во текот на неделата тие присуствуваа на нашите богослужби, а ние ги слушавме како ја кажуваат Господовата молитва на македонски за нас. Организиравме се што беше потребно децата да го видат најдоброто и најлошото во овој дел. Ги видоа печалбарите кои работат на фармите како берат овошје и зеленчук; го посетија и одморалиштето во Нејплс. Тие го посетија затворот, па можеа да видат дека „слободата“ овде не значи дека можете да правите што сакате. Тие, исто така, посетија судница во владиниот центар на округот Колиер. Тие можеа да видат поинаков владеачки систем на дело: Едно од прашањата за судијата што ја поздрави нашата група беше „Кому вие му поднесувате извештај?“ "Никому. Јас сум газда на оваа судница“, им одговори тој. Алигаторите беа огромна атракција. Многу им се допаднаа локалните плажи, а ние ги однесовме и на возење со брод. Тие беа почестени со ручек во Вергина, со нејзините македонски врски. Ги запознавме и со Бургер Кинг, кој всушност им се допадна многу повеќе од Мекдоналдс. Дури ги однесовме и на една од локациите на Хабитат фор хјуманити, каде што помогнаа во изградба на една куќа. Се разбира, главната причина за посетата беа младинските програми на методистичката црква Северен Нејплс, а тие ги видоа и учествуваа во сите програми. Локалниот весник, Нејплс Дејли Њуз, објави неколку статии поврзани со оваа тема „Посветени на Бога“ (Hooked on God). Сите деца од Македонија беа одлични, но двајца од нив станаа неофицијални водачи – Љупчо Димитриев и неговата сестра Вера Димитриева. И двајцата сега се во адвокатска професија, Љупчо во Радовиш, а Вера во Скопје. Сè уште ги имам писменцата за благодарност и песните што ги испратија децата, а кога и да се вратев во Радовиш после тоа, тие беа во црквата да ме поздрават со прегратки, бонбони и цвеќиња. Секогаш ги прашував како оди нивната младинска група и дали се среќаваат неделно. Нивниот вообичаен одговор беше „не секоја недела“. Исто така прашав: „Дали ја читате Библијата кога ќе се сретнете? „Ние не. Попот ја чита“, беше одговорот. Сè уште имаше голема разлика од активното учество со децата на кое јас сум навикнат. На една од моите посети, со нас беше и протоерејот. Тој не беше вклучен во нашата дискусија, но очигледно слушна еден од моите коментари и сакаше да каже нешто, мислам. Тој се сврте и ме праша пред младите: „Зошто не им ја кажеш вистината и не им објасниш како католиците се одвоиле од православните, а подоцна протестантите од католиците? Мислам дека тој беше загрижен што се обидувам да им влијаам како да ја практикуваат својата вера. Тоа воопшто не ми беше целта; Единственото нешто што сакав да им пренесам е тие да имаат вера во Бога и да бидат редовно присутни во црквата. Се воздржав и одговорив на неговото прашање покажувајќи го прозорецот кон дрвјата на ридот. „Некогаш имаше само едно дрво, но со текот на времето таму пораснаа многу други, а сега имаме шума“, им реков на сите во групата. Јас не сум некој кој брзо размислува; тие зборови најверојатно дојдоа директно од Бога. Подоцна, седнав покрај протоерејот на ручек, а тој беше срдечен и разговорлив, но помислив дека тоа ќе биде крај на македонската младинска мисија. Среќен сум што можам да кажам дека не беше така. Ден кој ќе се памети за црквата Св. Троица Радовиш За време на многуте мои посети на Македонија имав задоволство со Ристо да ја посетам новата црква што тој ја градеше во Радовиш. Ристо го финансираше целосно како подарок за Радовишани и тоа е еден величенствен подарок.
Радовиш Гледајќи ги деталите вградени во црквата во различни фази беше неверојатно и едукативно. Структурата е извонредна и сликите на Библијата од украинскиот сликар Анатолиј Гајданака кои ги покриваат ѕидовите се сите прекрасни уметнички дела, како и нејзините фрески. Црквата е толку впечатлива што е наброена во водичите за туристи како нешто што мора да го посетат луѓето кои доаѓаат или поминуваат низ градот. Бев поканет во Радовиш на осветувањето на црквата на 12 октомври 2003 година. Пасторот Стефани Кембел, која имаше голема улога во македонската младинска мисија на мојата црква, ме придружуваше во Македонија за осветувањето. Тоа требаше да биде монументален настан. На настанот кој траеше цел викенд имаше гости од целиот свет, меѓу кои и еден кој не планираше да дојде: претседателот на државата. Во автобусот од Скопје за Радовиш дознав дека претседателот Борис Трајковски не доаѓа на отворањето на црквата. „Како мислите не доаѓа?“ Прашав. Не знаеја зошто, а не беа ни сигурни дали е поканет. За да го решам проблемот, додека се уште бев во автобус го зедов телефонот и му се јавив. Можам да се сетам на тоа како се одвиваше разговорот: „Г-не Претседателе, слушнав дека не доаѓате во Радовиш на отворањето на новата црква“, реков. „Мислам дека не сум поканет“, рече тој. „Покрај тоа, би ми било непријатно, бидејќи тоа е православна црква, а јас сум методист. Не сакам вниманието да се насочи кон тоа“. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |