|
|
Власите од Македонија остро реагираат поради непризнавањето како малцинство во Романија |
Унијата за култура на Власите од Македонија со индигнација и револт реагира и ја осудува одлуката на романскиот Парламент, донесена на 8 мај годинава, со која се направија измени и дополненија на Законот 299/2007, со кои измени Романија ги прогласува за Романци сите тие кои живеат на Балканот, надвор од границите на Романија и зборуваат јазик кој е произлезен од латинскиот јазик. Ова значи дека Ароманците или Власите како што се нарекуваат во Македонија, Меглено-Власите и Истро-Власите ги прогласуваат за Романци и со тоа си го присвојуваат и правото да вршат романска пропаганда. За жал ваквата одлука на романскиот Парламент е донесена на само еден ден пред 9 мај, Денот на Европа или Денот на победата над фашизмот, како што се нарекуваше и сe` уште се нарекува во Руската Федерација, каде и се прослави вчера со голема парада. Ова значи дека на самиот ден пред Денот на Европа, каде што е полноправен член и Романија, во Романија со одлука на Парламентот воскресна фашизмот и таа веќе станува втора земја, покрај Грција, каде што не се признаваат Власите како малцинство, а фашизмот им станува национална стратегија и определба. Романските парламентарци уште еднаш потврдија дека не е случајно што во 1913 година, или рамно пред 100 години, беа домаќини на проклетиот и злосторнички таканаречен мировен Букурешки договор со кој на Македонците и на Власите, без да бидат прашани, им беа одземени териториите и подарени на тацна на Грција, Бугарија и Србија. Романците и овојпат како и тогаш, во 1913 година се покажаа дека се фанариоти и лигуши кои работеа и работат и денес само за исполнување на пустите мегаломански апетити на Грција и за само два окрузи, Силистра и Калиакра, како петпариче ги злоупотребија националните интереси на Власите. Меѓутоа, за среќа, таа неправда донекаде беше исправена и во 1940 година тие територии, со Договорот од Крајова и` беа вратени на Бугарија. Бараме Претседателот на Македонија, Владата, Собранието, МАНУ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков”, Институтот за Национална Историја и Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, посебно Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, каде се уште се чувствуваат последиците од делувањето на еден романофил, да не наседнуваат на активностите кои ќе бидат преземани од романската политика за ширењето на својата пропаганда во Македонија. Годинава сигурно ќе бидат организирани било научни или други собири/трибини на кои ќе се зборува за ништавоста на Букурешкиот договор, па затоа бараме да бидат земени предвид и барањата на Власите и да се каже насекаде дека и териториите на Власите, Тесалија, Пинд и Епир се неправедно окупирани од Грција и тие еднаш треба да им се вратат на Власите за истите да станат национална територија на Власите. Исто така, ги молиме сите претставништва на европските земји во Скопје, оваа наша реакција и осуда на фашистичките аспирации кон Власите од страна на Романија да ја пренесат во министерствата на своите земји и во рамките на своите можности да делуваат за спречување на дејствувањето на Романија на просторите на Балканот и посебно во Република Македонија, каде што ние Власите сме признати за малцинство и ги уживаме некои од културните права и македонскиот модел треба да им послужи на Романија, Грција, Албанија, Бугарија и Србија за признавањето и на Власите како малцинство и да ги уживаат правата кои им припаѓаат според прописите донесени од европските институции. Димо Н. Димчев |