|
|
Колку светот го знае (не го знае) македонското минато и последиците од тоа |
Александар Русјаков во „Нова Македонија“ од 15 јули 2013 година, во статијата „Апсурдизам“, меѓу другото вели: „Кога македонските државници и дипломати седнуваат на преговарачка маса да им кажат дека не можат да разговараат за име и јазикот на народот, затоа што тоа им го забранува македонскиот устав“. Понатаму за евроинтеграциите Русјаков вели: „Треба да се размислува и преговара, кога со уставен амандман ќе се забетонираат македонските идентитетски прашања“. Кога зборуваме за името и уставот на Република Македонија, не е само името и македонската националност во прашање, туку и други важни работи за Македонците и Македонија. Во нив се прашањата за досегашната фалсификувана македонска историја од страна на јужниот сосед (Елада), која се наоѓа во светските енциклопедии, како еклузивно нивна македонска, како што е Британската енциклопедија (Encyklopedija Britannica), Колинската Фактопедија-Атлас (The Collins Faktopedia World reference Atlas), разни историски учебници, историски приказни со сликовници и слични на нив списанија, како и во играни и документарни филмови. Понатаму, душевните и материјални оштетувања од страна на окупаторските држави на Македонија од времето на поделбата на Македонија со Букурешкиот договор, Балканските војни, Првата Светска Војна, Втората Светска Војна и на крај Граѓанската војна на Грција од 1946-49 година. За овие големи испитувања потребни се тимови на македонски врвни интелектуалци, кои го познаваат и кореспондираат со Меѓународното право и владеат со поедини светски јазици. Горното не се однесува само на Македонците кои живеат во Република Македонија и етничките делови на Македонија, туку и за македонското иселеништво во дијаспората и за Македонците во околните пријателски земји на Македонија, Западниот Балкан и Источноевропските држави. Во САД, Канада, Австралија и Европа, на обично прашање: Од каде сте? Одговорот од нас Македонците обично е: Од Македонија. Бидејќи не помалку од 90% од нашите сограѓани во дијаспората учеле во своите образовни институции-училишта, гимназии, универзитети и дека Македонците се Грци или Грчки Македонци е апсурд, како и тоа дека Македонија била Грчка. Малку замислено, гледајќи го белиот лик на просечен Македонец-европеец, ќе прашаат: Од Грција или од Грчка Македонија!? Тие кои малку знаат за нашата историја ќе бараат повеќе информации за положбата на Македонија, додека тие кои немаат никакви познавања за историјата, ќе останат со мисла дека ние Македонците сме биле Грчки Македонци или Грци, и дека Македонија била Грчка!? Тоа е навреднливо и боли многу, особено за тие Македонци млади или од постарата генерација, кои не можат да им објаснат на своите сограѓани од мултикултурните заедници за положбата на нас Македонците и на Република Македонија. Не можат или не знаат како да објаснат, бидејќи или се потпаднати под туѓи влијанија или под антимакедонски поедини групи и политички партии од републиката, кои веруваат во заткарпатно-словенски карактер или се со недоволно историско познавање и образование. Пријателите на Македонците и на Македонија од дијаспората каде живее македонската емиграција, како што се Членовите на Парламентите (МП) од актуелната власт или опозицијата се најповикани за признавање на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја и уставното име на Македонија. За признавањето на уставното име на Македонија, во Австралија на пример, актуелната владеачка партија, Лабуристичката партија на Австралија, како и опозиционата партија на Австралија, Либералната партија на Австралија, која е во коалиција со Националната партија на Австралија, а и поедини самостојни политички партии, кои имаат свои претставници во австралиските држави и Федералниот Парламент, треба да ги цениме и да соработуваме со нив, што во пракса тоа не постои. Да им помогнеме во нивните политички ангажмани и активности да се одлучат да завземат позитивен став за македонското прашање и македонската реалност. Така ќе имаме и извесни влијанија за признавање на уставното име на Македонија. |