|
|
Мудра нацијa |
Да се стави знаењето во функција, длабоко да се разбираат луѓето, нештата, настаните и ситуациите, тоа е мудроста. Од најстаро време, кај секој народ, во сите религии, мудроста се смета за најголем дар на човештвото, доблест која ја имаат само некои. За старите Римјани, персонификација на мудроста била божицата Минерва, вешта и полна со знаење и чесност. Поради способноста да гледа и во темнина, бувот бил симбол по кој се препознавала мудроста. Тој и ден денес го има истото значење. Мудроста исто така зазема посебно место и во Христовото учење. Апостол Павле, во своето прво послание до Коринтјаните, тврдел дека постојат две мудрости: световна и божествена мудрост, и барал од Христијаните да ги извршуваат и двете. Претпазливоста, која е интимно поврзана со мудроста, стана една од четирите кардинални доблести на католицизмот, а Христијанскиот филозоф Тома Аквински смета дека мудроста е мајка на сите добродетелства. При анализирањата, психолозите се потпираат на народната теорија за мудрост. Според нивната теорија, мудроста се поклопува со интелигеницјата, перцепцијата и духовноста. Мудроста ја дефинираат како спој на знаење и искуство. Мудрите луѓе се познаваат себеси, тие се директни и искрени со другите и во согласност со своите етички верувања. Во денешно време, на секој национален празник политичарите и светските лидери упатуваат честитки, но и повикуваат на мудрост и толерантност. Тие велат дека на светот денес му е потребна мудрост. Се добива впечаток дека мудроста си заминала со времето и дека мудрите луѓе ги нема или никој не ги заприметува. Но македонската нација никогаш не патела од немање на мудри луѓе и дела. Тоа го гледаме во мудроста на македонските владетели, цареви, револуционери, преродбеници, поети, но и во мудроста на обичниот човек. Народот иако во тешки услови на ропства и окупации го сочувал јазикот благодарение на својата мудрост и непокорност. Македонските народни поговорки и гатанки кои и ден денес претставуваат тешкотија да се одгатнат се вистински траен доказ за мудроста што ја поседувал нашиот човек. Македонија е колевка на цивилизацијата, каде се` е во вистинска големина, и архитектурата и луѓето кои се живи паметници, најефективна демонстрација на своите потомци. Како лулка на најстарите цивилизации во светот, лулка на писменоста и земја со богата историја го задолжи светот да го почитува нејзиното минато и да и` создаде место кое го заслужува. Факт е дека Христијанството во Европа за првпат почнало да се шири токму преку Македонија, во Македонија и меѓу Македонците. Доказ за тоа е Библијата во која многупати се пишува за мисијата на Св. Павле и Лука, токму во Македонија. Првите европски Христијани што се христијанизирале на тлото на Европа биле Македонци. Македонија ги даде и светите браќа Кирил и Методија, кои денес, во Европа се третирани како 'сезаштитници на европскиот континент' и кои го создале првото писмо, го просветија човештвото. Македонија го дала и свети Климент Охридски, човекот за кој се смета дека ја создал кирилицата - писмо на кое денес пишуваат неколку стотици милиони Руси, Украинци, Срби, Бугари, Црногорци, Македонци и припадници на други народи. Над осумдесет светители се етнички Македонци, кои денес се слават во католичките и во православните цркви. Земја на цареви, земја на великани, па така важно е да се спомене и византискиот цар Јустинијан, кој бил роден во Македонија. А етнички Македонци биле и византиските цареви, припадници на Македонската династија, која владеела со Византија од 9 до 11 век. Уште од вториот век пред Христа Македонците континуирано се наоѓале под ропства. Во 1913 година Македонија е поделена на четири дела, по што се прават обиди да се збришат историските податоци и да исчезнат Античките Македонци. Македонија секогаш ставена на тест како ќе се соочи со креираните сценарија и притисоци. Но без оглед на странските пропаганди за негирање на Македонија, таа во 1991 ја прогласува својата независност и продолжува да го гради патот како засебна држава. Како земја со 6000 археолошки наоѓалишта од различни периоди, за чие градење во голем дел зеле учество војниците на Александар Македонски. Интересен е записот на антички писател кој вели: „При првото видување на нивниот омилен генерал, војниците Го поздравија на македонски јазик, заѕвечија сo оружјето и со силни повици Го предизвикаа непријателот да нападне, сметајќи дека тие ce непобедливи додека тој беше на чело“. Денес Македонците слободно можат да ја пишуваат својата вистинска историја за своите етнички корени и да проговорат за историската и културна величина на својата земја. Мудрите мисли на Филип и Александар, на македонските писатели, просветители и револуционери, се трајни белези на македонската мудрост од кои треба и ден денес да учиме и преточуваме во дела. Објавено на Радио Илинден, Мелбурн, на 27 септември, 2012 |