|
|
Од патувањата низ Бугарија (6) |
ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА” ОД СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН НА ГРОБОТ НА САНДАНСКИ Рожен е мало село сместено на двата брега наРоженска Река, во кое живеат околу дваесетина семејства. Селото е поврзано со асфалтен пат, а животот се одвива пред ресторанот на големиот паркинг. Оттаму до Роженскиот манастир се оди по асфалтниот пат што стрмно и како змија се извива кон ридот на чија рамна височина се наоѓа манастирот и гробот на Јане Сандански. Прво го посетивме манастирот кој датира уште од 1220 година, на чија основа е изградена црквата „Раѓање на Света Богородица“. Манастирот е заграден од сите страни со високи манастирски конаци, чии чардаци го привлекуваат секој посетител, а се влегува само од источната страна низ дебелата дабова врата. Црквата има интересни фрески и икони, а највреден е иконостасот направен од рацете на македонските мајстори од Дебарската школа, кои не се само тука, туку ширум Македонија оставиле трајни и многу вредни дела во резба. На оддалеченост од стотина метри од манастирот кон исток се наоѓа црквата „Свети Кирили Методиј“, пред чиј олтар е гробот на Јане Сандански. Се поклонивме и му оддадовме почит на македонскиот легендарен војвода, кого што често го нарекуваат „Пирински цар“. Бевме информирани дека во минатото гробот на Сандански на кој пишувало дека Јане се борел за човекови права и слобода на Македонија и, особено на македонскиот народ во пиринскиот дел на Македонија, бил на неколку километри далеку од црквата „Раѓање на Света Богородица“. Меѓутоа, ние се уверивме дека на сегашната надгробна плочана „Пиринскиот цар“ Јане Сандански го пишува следното: Јане Сандански 1872-1915 „Да живееш, значи да се бориш - Повторно се поклонивме пред големиот „Пирински цар“ и без збор го напуштивме гробот на војводата. Потоа, се упативме кон Петрич каде уште од кај реката Струма, на самиот премин во Петричкиот округ, како на дланка се гледа најјужниот град на овие македонски простори. Петрич е сместен во пазувите на северните падини на питомата Беласица, а е лоциран во непосредна близина на устието на реката Струмешница во Струма и на делницата што го поврзува градот со Солун, Софија и со Струмица. Таму планината Беласица со највисокиот врв Радомир (2.029 м) и врвот Поле (1.888 м) што се наоѓа на тромеѓето, стрмно и горделиво се издига над Петричката Котлина, спречувајќи го директното влијание на приморската клима што доаѓа од Егејско Море. Меѓутоа, по долината на рекатаСтрума, сепак, навлегуваат благи струи кои условуваат умерена клима на овие питоми простори, овозможувајќи поволни услови за одгледување суптропски култури, како памук, тутун, сусам, ран зеленчук и разновидно овошје.
|