|
|
Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори (12 дел) |
(од фалсификати до коректно презентирање) Пишува: Јанко ТОМОВ Пишувања во врска со историјата Интересно е тоа што некои истражувачи (а пред се застапниците на грчката пропаганда) упорно тврдат дека Пајонците биле сосема различни од Македонците, за кои, пак, тврдат дека биле "ист народ" со Грците, иако и Пајонците го користеле "грчкото писмо" и иако и тие верувале во истите индо-европски божества, во кои, главно верувале сите тогашни народи на Балканот. Значи, според овие хипотези, Македонците биле различни од Пајонците, а биле "исти" со Грците, иако и Пајонците и Македонците отсекогаш живееле во Македонија, а не на територијата на денешна Грција. Да ги спомнеме накратко и Десаретите, за кои некои автори сметаат дека биле илирско племе. Д-р Наде Проева ("Студии за античките Македонци", Скопје, 1997, стр. 110), низ конкретни примери приложува докази за разликите помеѓу Десаретите и Илирите, како и за сличноста помеѓу Десаретите и останатите македонски племиња (оружје, ономастика и т.н.). Во книгата на Џон Шеа под наслов "Македонија и Грција - борба за создавање на нова балканска нација" (John Shea: "Маcedoniа and Greece – The struggle to define a new Balkan Nation“) на стр. 47 го цитира Хогарт, кој ги споменува имињата на античко-македонските племиња: Орести. Линкести, Елимиоти, Пајонци и други. На стр. 51, тој го цитира авторот Арнолд Тунби (Arnold Tounbee), кој сметал дека Пајонците веројатно биле "словенско племе", а можеби и илирско. Тој потсетува дека се знае дека "не постојат докази дека Пајонците биле народ што зборува грчки" ("...Тhere are no evidence that the Paiones were Greek speaking people"). Продолжуваме со темава. Во книгата на Ема Станфорд (цит. дело) таа на повеќе места користи несоодветни термини како што се: античка Грција, Грчка митологија и сл. Нејзината книга е илустрирана со убави слики од уметнички дела, ќерамика и остатоци од антички градови. Во книгата на Фиона Мекдоналд е презентирана географска карта, на која пишува "Античка грчка земја". На неа, како "грчка територија" е презентиран речиси целиот Балкан и Мала Азија, како и брегот на Црно Море, потоа дел од северна Африка и дел од денешна Италија со Сицилија, како дел од Кипар. За останатите земји пишува дека во нив живееле "барбари", што секако дека не одговара на вистината. Точно е дека имало грчки колонии во наведените територии, но сепак Грците таму биле малцинство во однос на домородните "барбари" (не-Грци), па оттаму не може да се каже дека тоа биле "грчки земји". Грчки колонии имало и на македонскиот брег, но тоа не значи дек и Македонија тогаш била "грчка земја". Ако било така, зошто тогаш Филип Втори Македонски со сила ги избркал сите Грци од грчките колонии на македонскиот брег? Во пошироката јавност е малку познато дека за прв пат дури во 19 век биле создадени посериозните пропагандни артикулации за наводниот "грчки карактер" на античките Македонци. Најгласни во овие тврдења биле тогашните германски историчари. Познатиот американски историчар д-р Еуген Борза, во својата книга "Во сенките на Олимп - појавата на Македонците" (In the Shadow of Olimpus, The Emergence of Macedon, Princeton Univercity Press, Princeton, New Jersey, ISBN 0-691-05549-1, USA, 1990), прави детален преглед на теориите во 19 век поврзани со етничкото потекло на античките Македонци. Тој објаснува дека во 19 век, токму германските учени почнале погласно да го пропагираат хеленизмот кај античките Македонци. Д-р Борза пишува дека тие тоа го правеле поради сопствени потреби и интереси, како на пример поради обединувањето на Германија и сл. Ним им бил потребен некој древен јунак "обединител", на кого требало да се угледаат нивните тогашни политички водачи. Таков "обединител" тие виделе во лицето на Филип Втори Македонски, кој наводно ги "обединил" Грците. Но, д-р Борза (цит. дело, стр. 7) пишува дека во оваа идилична слика за Филип Втори како "обединител на Грците" германските учени од 19 век се судриле со една непремостлива пречка. Имено, тие не знаеле како да ги објаснат говорите на познатиот грчки (атински) оратор Демостен, во кои, тој жестоко ги напаѓал Македонците како окупатори (а не како обединители) на грчките градови-држави, нарекувајќи ги "барбари" и "тирани".
|