|
|
Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори (16 дел) |
(од фалсификати до коректно презентирање) Пишува: Јанко ТОМОВ Пишувања во врска со историјата Значи, во "Првата Книга за Макавеите", сосема јасно е опишано македонското потекло на Селевкидите, конкретно на кралевите Антиох (Трети) и на неговиот син Антиох (Четврти) Епифан, кој овде е наречен "грешно колено", затоа што ја забранил слободата на вероисповед во Светата земја. Практично, сите оние кои пишуваат дека Селевк и неговите потомци, т.е. династијата на Селевкидите, биле "Грци", не само што не ја пишуваат вистината, туку и се спротивставуваат на самата Библија! Во книгата (всушност нејзин роман) на Мери Рејнолдс под наслов "Оган од Рајот" ("Fire from Heaven") постои интересна констатација, според која, културата во Македонија била градена врз Хомеровата традиција. Меѓутоа, таа Хомеровата традиција ја смета за "грчка", а како "Грк" го третира и Александар Македонски. Дури за него пишува и обична бесмислица, кога го претставува како "генерал на Грција". Ваква држава не само што никогаш не постоела во антиката, туку и во негово време не постоеле ниту независните грчки градови-држави, затоа што сите до еден биле окупирани од Македонците или биле ставени под нивна контрола. Кога го опишува како "генерал на Грција", оваа авторка-фалсификатор вели дека тоа било во времето кога тој имал шеснаесет години и војувал во битката кај Херонеја. Каква дрскост од оваа авторка, посебно ако се знае дека тој војувал на Херонеја токму против Грците. Значи, во искривената имагинација на оваа авторка Александар Македонски ем бил "генерал на Грција", ем војувал против Грците. Навистина премногу од оваа авторка. Во книгата на Шон Шехан (Sean Sheahan) под наслов "Античка Грција - илустрирана енциклопедија" (цит. дело), на стр. 68 кога пишува за "хеленистичкиот период" авторот вели дека по Македонија, под римската окупација се нашла и "Грција" (иако таква држава немало во тоа време, а повеќето грчки градови-држави биле под македонска окупација. Исто така авторот пишува: "Хеленистичкиот период завршил со смртта на познатата кралица во 30 година пред Христа. Тоа била Клеопатра Седма, последната претставничка на Птолемејската династија (која била грчка), која владеела со Египет." (На англиски" "The Hellenistic age came to an end with the death of a famous queen in 30 B.C. She was Cleopatra VII, the last Prolemaic (that is Greek) ruler of Egypt."). Каква измислица во врска со Клеопатра Седма! Се знае дека таа не била никаква "Гркинка", туку била чиста Македонка. За македонското етничко потекло на Птолемеите веќе пишувавме, а овде ќе кажеме дека повеќе сериозни западни автори сосема јасно го потенцираат македонското етничко потекло на Клеопатра Седма. Во продолжение ќе наведеме некои од нив (презентирани во книгата на Александар Донски: "Уделот на Македонците во светската цивилизација"). Во ЦД енциклопедијата посветена на светската историја под наслов: "Chronicle Encyclopedia of History", (USA,1997), во поглавието за Клеопатра Седма (Chronology) читаме: "Во 69 година се родила третата ќерка на еден од македонските фараони на Египет, Птолемеј Дванаесетти." Во интернет изданието на светски познатата истражувачка корпорација " во врска кратката биографија на Клеопатра читаме: "По потекло Клеопатра била Македонка." (Copyright © 1999 Discovery Communications Inc" ). Во подолгата статија за Клеопатра, објавена во историската публи¬кација во издание на ИнтерОз од САД, во врска со етничкото потекло за оваа славна египетска кралица, читаме: "Клеопатра била енергична македонска кралица. Таа била брилијантна жена, која сонувала за голема светска империја. За малку и ќе успеела во тоа. Единствен владетел кој може да фрли сенка врз фасцинантноста на Клеопатра бил Александар, кој исто така бил Македонец. Птолемеите биле по потекло Македонци, кои владееле со Египет како фараони. Клеопатра била последниот египетски фараон." (Подетално во: Cleopatra VII, Ptolemaic Dynasty, Design, Layout and Graphic Art by Jimmy Dunn, an Inter City Oz Inc Employee USA, 1996). Древните историчари различно ја опишуваат Клеопатра. Јосиф Флавиј го критикува нејзиниот карактер, што впрочем е и сосема разбирливо ако се знае дека таа извесно време ги припоила еврејските територии кон својата држава. Меѓутоа, древниот грчки историчар Плутарх во својата биографија за Марко Антоние со восхит пишува за Клеопатра. Тој наведува дека таа зборувала голем број јазици, при што индиректно споменува дека нејзиниот мајчин јазик бил македонскиот. Плутарх пишува: "Беше вистинско задоволство да се слуша звукот на нејзиниот глас со кој, како инструмент со многу жици, таа преоѓаше од еден јазик во друг, така што, имаше само неколку барбарски народи со кои разговараше преку преведувач, додека со поголемиот број од нив таа директно разговараше. Такви беа: Етиопјаните, Троглодите, Евреите, Арапите, Сиријците, Медите, Партијците и многу други, чии јазици таа ги научи. Тоа беше уште поизненадувачко затоа што повеќето од нејзините предци кралеви одвај се мачеа да го научат египетскиот јазик, а некои од нив прилично го запоставија и македонскиот јазик." (Antony by Plutarch, Translated by John Dryden). П р о д о ж у в а
|