|
|
Од патувањата по Беломорска Македонија (3) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) ВО КОСТУР НА ГОСТИКога човек е во Костур и на брегот на Костурското Езеро има чувство дека се наоѓа во Охрид и на Охридското Езеро, бидејќи Костур наликува на Охрид и по својата местоположба и по природните убавини. Тука природата подарила многу убавини кои, за жал, не се целосно искористени. Инаку, градот Костур се наоѓа на југозападната точка на Македонија, на брегот на Костурското Езеро. Некои учени луѓе мислат дека името дошло од реткото животно кастор што се одгледувало во Костурското Езеро и од чија кожа се правеле многу убави и раскошни бунди. Исто така, во Костур има многу цркви, познати базилики и други споменици од историјата и културата. Направивме круг околу градот и езерото, а потоа пеш се упативме кон стариот дел на градот во кој се мешаат старата и новата архитектура. Видовме бројни дискотеки и многу дуќани за крзно и крзнени производи, а крзното е животот на Костур. По тесните улици пешаците тешко се движеа поради густиот сообраќај, кој како да им пркосеше на гостите да ги видат и доживеат убавините на овој езерски град, град кој е убав во сите годишни времиња. Се упативме кон источниот дел на градот и на самиот брег на езерото, во летната бавча на еден пристоен ресторан, седнавме да ручаме, да се одмориме, да уживаме и да се восхитуваме на убавините на градот. Секој од нас беше љубопитен да види и да разбере нешто повеќе за костурските ќурчии, за раскошните и скапи крзна што висеа во безбројните дуќани во градот, за езерото и лебедите кои ја дополнуваа убавината на езерската шир, за македонското население... По неколку пријатно поминати часови во Костур се упативме кон Лерин, но овој пат од другата страна, од кај Грамос за да го видиме и тој дел на Егејска Македонија каде што голем број Македонци загинаа во текот на Граѓанската војна. Појдовме по патот за легендарното село Д’мбени, родното село на големиот донатор и хуманист Атанас Близнаков, кој живееше во Гери, Индијана во САД и кој ја формираше најголемата Фондација за македонската младина – студентите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Селото Д‘мбени се наоѓа 22 километри северозападно од Костур, во јужните пазуви на планината Локвата и Вињари, на надморска височина од 980 метри. Оградено е со планини покриени со варовит камен, поради што се смета дека се дел од западниот македонски планински синџир и продолжение на далматинските алпи. Грчките официјални власти отсекогаш настојувале да ги избришат трагите што потсетуваат дека Македонија е античко-словенска земја. Постојано измислуваат закони, декрети, правила, амандмани... По Балканските војни и Букурешкиот „мировен“ договор и поделбата на Македонија, сите имиња на населените места во егејскиот дел на Македонија ги заменија со елински (грчки). Како резултат на тој акт на таа влада од ноември 1926 година, селото Д’мбени беше преименувано во Дендрохорион. Селото Д’мбени влегува во состав на реонот Корештата во кој во минатото имало 34 села распослани по источната и западната страна на реката Бистрица. Сите села во Корештата се исклучително македонски, освен едно од кое во немирните години неговото македонско население било сосема иселено, а на нивно место биле населени Албанци-муслимани. Д’мбени никогаш не го загубило македонскиот дух и белег, иако постојано било под туѓинско ропство. Неговото население со векови го пренесувало борбениот дух и љубовта кон родната земја и дедовските огништа, чиј магнетизам постојано ги привлекувал Македонците распрснати по светот. Благодарение на тоа, населението од овој крај на Егејска Македонија докрај им остана верно на борбените револуционерни и патриотски традиции. Широкиот асфалтен пат што се искачува по ридот на северната страна на Костур, на само десетина километри, поточно откај патот што се дели за селото Д’мбени, продолжува кон Габреш, Дреновени и други села. Тие се македонски села, меѓутоа, најголем број од жителите се иселиле по Граѓанската војна. Сега тие се места каде се гледаат високите ѕидови на куќите со искршени прозорци и без покрив. Се јавува глетка што оддава тага, страв и ужас. Застанавме на патот и ги гледавме куќите во кои зјаеја отворени долапи и искршени балкони кои тагуваат за своите стопани. Од таа тажна слика на минувачот му се крева косата и што побргу сака да ја заборави. Го продолживме патувањето по патот што води низ некогашните селски градини и зелени ливади. Чувствувавме дека отворените прозорци нѐ поздравуваат и ни кажуваат дека во минатото овде имало живот, а ѕидовите од старите македонски куќи плачеа заедно со урнатините и со бучењето на реката што одѕвонуваше во дивината за да нѐ потсетат на војните на Грамос. Го напуштивме просторот на Габреш од каде долго ја гледавме долината и појдовме по патот кон Желево, кое е лоцирано на границата на Леринско-костурската општина, припаѓајќи административно кон Костур. Тоа е едно од најголемите села на овие простори. Желево е сместено во подножјето на планината Бигла и се наоѓа на надморска височина од околу илјада метри. Желево отсекогаш било чисто македонска населба. Меѓутоа, поради политичките и економските причини, голем број желевци се преселиле во прекуокеанските (Канада, САД и Австралија) и други европски земји по Илинденското востание и Првата светска војна, но особено по поразот на Демократската армија на Грција во Граѓанската војна. Желево е живописно планинско село сместено на патот Лерин-Костур. Таму, во планината Бигла, над селото, извира реката Бистрица што ја сече областа Корешта и се влева во Солунскиот Залив. Тоа е планинска река со мали водопади и пастрмки, чија вода се користи за наводнување на зелените и сочни ливади и плодните ниви од двете страни во подножјето на планината. Желево е село од збиен тип со типични македонски куќи на кои висат пространи балкони. Тоа наликува на другите македонски села од леринско-костур-скиот дел, како што се: Ошчима, Руља, Бесфина, Брез-ница, Смрдеш, Габреш, Поздивиште, Д’мбени, или наликува на селата од другата страна на Превал кон Преспа. Според старите преданија, селото Желево го добило своето име од зборот „жилево“. Поточно, на местото каде постоело старото село високо се издигале огромни стебла кои пуштале долги и големи жили. Од зборот жила, селото го завикале Жилево, за потоа да се замени во Желево. Но, тоа е само легенда. Вистината е дека луѓето од Желево и од целиот тој крај на Егејска Македонија ги ширеле своите жили по целиот свет и дека низ нивните жили тече македонска крв. Вредните раце на желевци ги изградиле двете селски цркви: старата „Свети Никола“, што датира од 1713 година и „Свети Атанас“, што е од поново време, и на чии ѕидови се насликани живописни фрески од вредните раце на фрескописецот – мајстор Ѓорѓи и неговиот син Никола од Лазарополе.
Продолжува
|