|
|
Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори (27 дел) |
(од фалсификати до коректно презентирање) Пишува: Јанко ТОМОВ Пишувања во врска со јазикот Грчкиот професор Пецас, во својата статија "Едно свинче-патешественик", пишува дека не е пронајден ниту еден грчки натпис од античкиот период во Македонија. Истото го пишува и познатиот грчки археолог Андроникос: "Многу сум несреќен што во Вергина не пронајдов никаков натпис од петтиот век". (За оригиналните извори види кај: Александар Донски "Етногенетските разлики помеѓу Македонците и Бугарите", Штип, 1999). И познатиот грчки универзитетски професор Даскалакис се жали дека, оние странски научници, кои тврделе дека античките Македонци не биле Грци, тоа го тврделе поради повеќе причини, од кои едната била токму непостоењето на стари грчки натписи во Македонија. Притоа професор Даскалакис пишува: "Во Македонија и покрај толкуте ископувања до денес не се најдени натписи на грчки јазик од тој период". Слично пишува и во познатата општа ЦД Гролиер енциклопедија (1997). Овде, старогрчкиот јазик дури не е спомнат ниту како говорен јазик во Македонија! Во насловот "Грчки јазик" (greek language), точно се наведени обласите каде старогрчкиот говорен јазик бил во употреба во антиката и, притоа, воопшто не е спомната Македонија. Овде читаме: "Античкиот грчки јазик бил говорен јазик во Грција, на Крит, во делови од источниот Медитеран и во западна и северна Анадолија, на Сицилија и во јужна Италија, на северниот брег на Црно Море и делумно на северноафриканскиот и францускиот брег". Значи, Македонија воопшто не е спомната како подрачје на кое се говорел античкиот грчки јазик. Не држи забелешката дека авторот, кога ја споменува денешна Грција, автоматски во неа го вклучил и делот од Македонија (што и денес е под Грција), затоа што гледаме дека овде и островот Крит е спомнат одделно од Грција, иако тој денес е составен дел од неа! Инаку, автор на овој текст е Маргарет Алексиу, која овде се повикува на дела од еминентни странски и грчки автори (чиј подолг список го наведува на крајот од текстот). Во врска со досега изнесеново, се поставува прашањето: Како е можно Македонија отсекогаш да била земја со "грчка култура", до колку во неа не се пронајдени никакви натписи на грчки јазик од времето кога таа егзистирала без поблиски и помасовни културни врски со Грција, а истовремено такви натписи се пронајдени низ цела Грција? Како е можно Македонија отсекогаш да била "грчка земја", кога се знае дека во Македонија тогаш воопшто не се ни зборувал грчкиот јазик (посебно не меѓу широките народни маси)? Навистина на овие прашања грчката наука и пропаганда не можат да дадат одговор пред светската јавност. Но, дури и да претпоставиме дека античко-македонскиот јазик не постоел во својата писмена форма и дека прв писмен јазик на кој комуницирале античките Македонци бил грчкиот - тоа воопшто не значи дека античките Македонци биле Грци. Дури и турко-монгол-ските Бугари, по своето доаѓање од Азија на Балканот, во 7 век,пишувале со "грчкото" (всушност: феникиско) писмо, кое, повеќе од век и пол, било официјално писмо во Првото Бугарско царство. Па, зарем и тие биле Грци? А, што е со остaнатите тогашни народи: Илирите, Тракијците, делумно Евреите и други, кои исто така пишувале со ова писмо? Дури и Римјаните до вториот век пред Христа, ги пишувале своите хроники на овој јазик. Па, зарем и тие биле "Грци" с# до вториот век пред Христа, за потоа, наеднаш, да станат Римјани? Значи, користењето на литературниот старогрчки јазик од страна на античките Македонци (кое впрочем воопшто и не постоело пред петтиот век пред Христа), не претставува никаков доказ дека античките Македонци биле Грци. Освен тоа, се знае дека и старогрчкото писмо воопшто не е автентично грчко, туку тоа било само прилагодена варијанта на феникиското писмо. Во продолжение ќе наведеме еден интересен пример на западен автор. Се работи за Кристофер Хиберт, кој пишувал за византискиот (римски) цар Јустинијан, кој (како што е познато) бил роден во околината на Скопје. Овој автор во својата книга под наслов "Градовите и цивилизациите" (цит. дело) на стр. 59 пишува дека не постојат докази дека цар Јустинијан добро го зборувал грчкиот јазик. Овде читаме: "Како млад Јустинијан се придружил на својот чичко Јустин во Константинопол, каде се стекнал со солидно образование, иако никогаш не научил да зборува грчки добро" (на англиски: "As a young man Justinian came to join his uncle Justin in Constantinopl where he received a good education, although he never learned to speak Greek well."). Хиберт смета дека Јустинијан зборувал латински и дека бил "Илир". Меѓутоа, добро е познато дека Јустинијан бил Македонец и бил роден во околината на Скопје. Интересни податоци во врска со балканските јазици се среќаваат и во книгата "Предисториска Европа" (цит. дело). На стр. 378 авторот Тимоти Тајлер во својот наслов: "Тракијците, Скитите и Дакијците" (Timothy Taylor: "Thracians, Scythians and Dacians") нуди една интересна констатација, кога пишува дека јазикот на овие три народа бил сличен и тие можеле да се разбираат меѓу себе. Да спомнеме нешто накратко и за претставувањето на македонската ономастика. Во книгата од Мери Рејнолдс под наслов "Оган од Рајот" ("Fire from heaven") има направено фалсификат во врска со имињата. Таа пишува: "Се разбира дека вистинското име на Александар било Александрос." (На англиски: "Alexanders' real name was, of course, Alexandros".). Ваквото твдрење на Рејнолдс воопшто не одговара на вистината. Познато е дека античките грчки автори ги погрчувале сите имиња во своите дела. Така, на пример, во нивните дела се среќаваат бројни индиски, персиски, тракиски, македонски, египетски, либиски и други имиња и сите тие завршуваат со грчките суфикси "ос", "ис" или "ес" . Се разбира дека тие имиња биле поинакви, а грчките автори, за да ги направат поблиски до своите читатели, ги грцизирале. Но, тоа не значи дека овие имиња биле такви и во оригинал, затоа што ќе испадне дека сите луѓе во светот во антиката носеле грчки или грцизирани имиња. Кај стариот народ Хети, името на Александар е запишано како "Алешандру", а постојат наративни извори и во кои е спомнато токму името - Александар. Ова важи и за останатите имиња на Македонците од тоа време: Филип, Птолемеј, Касандар и други. И тие во наративните извори останале во две форми - едната вистинска, а другата вештачки грцизирана со грчките суфикси на крајот од нив. И авторот Дункан Строп во својата книга "Куќата на орелот - прва книга за Птолемеевиот квартет"(цит. дело) на разни начини ги презентира личните имиња на Македонците (некои грцизирани со "ос", а некои во оригинал). Така, на пример, овде го среќаваме и името "Филип" и "Филипос". На пример, таткото на Александар Филип Втори, коректно е напишан како"Филип", но Филип Аридеј е напишан како "Филипос". Ова е несериозно - истото име двапати различно е напишано. Овој автор во продолжение на својата книга македонскиот фараон на Египет Птолемеј го нарекува "Грк", со што уште еднаш доаѓа до израз неговата необјективност и несериозност. Практично и во врска со јазикот имаме ист случај како и со презентирањето на историјата од страна на некои западни автори. И овде гледаме еден широк дијапазон од коректни претставувања, до целосни фалсификати и измислици. П р о д о л ж у в а
|