|
||||
Жетварски обичаи од Дебарца |
Во жетварските обичаи во Дебарца на преден план се гледа култот кон лебот. Тука во голем обем е присутна имитативната магија што треба да обезбеди богат род, но и леснина при работата. Се зажнива на Павле (денот по Петровден). Дури и ако житото не е стасано за жетва, тоа се прави колку за адет, со сите обичаи. На зажнивање се оди на утро, кога сонцето оди нагоре и денот наголемува, а не попладне кога сонцето паѓа и денот малее. Секогаш се зажнива откако ќе огрее сонцето, за да е бел лебот. Притоа се внимава и месечината да е полна или барем да има една недела откако почнала да се полни. На зажнивање се носи торба со цел леб и дуле полно вода. Тоа се прави за да се полни и амбарите со жито. Со црвен конец за српот се врзува зелен босилек и пердув за да им е лесно на аргатите при работата, како што е лесен пердувот. Кога жетварките одат на зажнивање ако минуваат покрај вода, (чешма река, бразда), префрлаат преку себе неколку грста од водата, за да не ги боли половината, да им е лесно при работата и да брзаат како што брза водата. Зажнива оној што има лесна рака, што не го мрзи, некој маж или некоја жена штос е познати како работливи, за и аргатите во текот на жетвата повеќе да работат. Тоа е присутно и во песната од овој крај каде што жетварите ќе ја изберат Бела Ружа таа да ја започне жетвата зашто е „арна на полазок“ и „среќна на раката“. Пред започнување на жетвата се благословува: „Господи поможи, ајде нова жетва“. На зажнивање првите две ракатки се прекрстуваат, се прави крст. Потоа жнеат уште два полога и сите седнуваат да појадат. Лебот се крши на половина, за така да се кршат и амбарите со житото, од богатиот род, а потоа лебот се става врз крстот направен од првите два полога. Врз лебот се става солта. Сите јадат по три касаи, се напиваат вода и лебот се враќа во торбата. Ако житото не е стасано за жетва овие обичаи ги изведува една жена која веднаш потоа се враќа дома. Ако пак житото е стасано аргатите ја продолжуваат работата. Почетокот на жетвата го придружуваат некои обичаи чии корени се во имитативната магија, а кои треба на жетварите да им ја олеснат работата. Имено, пред да започнат со жнеењето сите жетвари седнуваат за да и ја остават тежината на земјата. „На неа тежина, на нас леснина“. Откако ќе префрлат преку себе по грст вода пресекуваат по еден клас од житото и го фрлаат напред, за да им оди напред работата. Кога ќе дојдат до потката ја кршат и ја ставаат на пологот. „Како што крцка потката така и амбарите да крцкаат од житото“, што значи од големиот род. Притоа се верува дека ако потката е сурова, годината ќе биде родна, а ако е сува ќе нема многу род. Жетвата е придружена со песни, хумор, натпревари – со цел да се разбие монотонијата и полесно да се поднесе тешката работа како и жешкото сонце. Посебна радост претставува наоѓањето на матицата (два класа од еден корен), зашто според верувањето тоа претскажува добро за куќата. Затоа на оној што ја нашол матицата домаќинот му дава подарок. Првиот ден од жетвата аргатите се враќаат порано, уште со сонце, за да е бел лебот. А лебот ќе биде бел ако зрното е полно и ако житото е чисто, ако нема трева, гламна и други плевели. На дожнивање последната ракатка треба да е полна, за да се полни и амбарите со жито. На крајот српот се остава на земја при што се верува дека и тежината и се остава на нивата, односно на земјата. На српот се врзува еден клас како што се вели и тој да се радува, да е задоволен. На крајот од жетвата особено внимание му се посветува на правењето и носењето на брадата. Брадата се прави само од пченица поради што секогаш за крај се остава пченица и тоа оној дел од нивата каде што таа е најубава, најчиста и највисока. Брадата не чини да се носи навечер, ниту преку ноќта да се остави на нивата, за да не се случи некој да направи магија. Затоа се остава неожнеан поголем дел за жетвата да заврши следниот ден, а брадата да се донесе дома претпладне кога сонцето оди нагоре. Носењето на брадата е поврзано со верувањето дека со неа дома се носи и касметот. Во култот кон брадата гледаме трага од желбите за продолжување на родноста. Во некои краишта, според народното верување во последниот сноп се наоѓа и духот на житото. Донесувањето на брадата би значело и обезбедување постојано богатство со леб за тој дом. За брада се остава колку една ракатка. Таа се дели на два дела, се вкрстува и откако ќе се додаде зелен босилек се врзува со црвен конец. Дури потоа се сече со српот. Врз корењата од пресечената пченица се тура вода од дулето што задолжително треба да е полно, а од тоа место се зема камче што се става под јазикот. Додека ја носи брадата жената не треба да се смее или да зборува. Кога ќе стигне дома брадата ја фрла во амбарот заедно со српот и каменот што го носела под јазик и вели: „Глувците камен да гризат, да не го гризат житото“. Оној што ја носи брадата, а тоа најчесто е девојка или некоја помлада жена добива подарок од домаќинот. Брадата останува во амбарот заедно со житото во текот на целата година. Од Дебарца, Охридско, запишал М. Китевски. Марко Китевски |