|
||||
Недовршениот храм на Соломон во Охрид |
Кога високиот отомански службеник и патеписец Евлија Челеби, во 1670год., бил во Охрид, силен впечаток му направил храмот на Светата Мудрост (Аја Софија). Тој во своите патеписни белешки не пропушта да каже, дека такви храмови има уште само во Солун, Истамбул и Трапезунт. Она што е запрепастувачко, а кое Челеби го прочитал кај латински и грчки историчари, но и го чул од местни информатори кога престојувал во Охрид, е дека впечатливиот храм имал некаква врска со старозаветниот пророк Соломон („хазрети Сулејман“). Поточно, изградбата на храмот Света Софија во Охрид Евлија Челеби ја поврзува со синот на пророкот, кој се викал Мелик Раџ, или мелик Раџим, што ќе рече: царот Раџ. Кај овој инспектор и патеписец може да се прочита дека храмот на Светата Мудрост бил довршен во времето кога владеел спомнатиот наследник на пророкот Соломон. Нему (на Мелик Раџ) му бил потчинет локалниот кнез, кој е одбележан како „кралот Охри“. И токму овој кнез (Охри) ја надгледувал изградбата на храмот на Светата Мудрост. Што точно запишал Евлија Челеби за изградбата на храмот Света Софија, кој прво бил христијанска црква, а потоа бил преправен во џамија? Еве го тоа многу интересно место од патеписните белешки на Евлија Челеби, во превод на Илхами Емин: „За време на владеењето на Раџим (Мелик Раџ – з.м.) син на Соломон, ја изградил (црквата) кралот Охри, брат на Јанван. Да не се смета за споредување, но оваа (сегашна) џамија за тогашните христијани била нивни Ерусалим. Но Алах рекол денес таа да биде место за молитва на муслиманите.“1 Кон овој извадок ќе додадеме само неколку забелешки. Она што веднаш паѓа в очи е времето (датирањето) на изградбата на овој храм. Јасно е кажано дека тоа време е непосредно по владеењето на славниот цар и пророк Соломон. Излегува, дека кога владеел синот на „старозаветниот пророк и цар“ Соломон (хазрети Сулејман), познат како цар („мелик“) Раџ, неговиот вазал Охри го градeл, или само го довршувал, храмот посветен на Божјата Мудрост (Света Софија). Одредувајќи го времето на градењето на храмот (според историчарите кои ги читал, но и преданијата кои ги чул на самото место), како „време на владеењето на Раџим, синот на пророкот Соломон“, записот на Евлија Челеби нè тера да се потсетиме на две запишани средновековни легенди. Секоја посебно, двете легенди зборуваaт за некои интересни детаљи околу подготовката, изградбата и (не)довршувањето на храмот на Божјата Премудрост. Според едното од овие запишани преданија, а тоа е балкански старословенски апокриф, порачката за изградба на храмот е од „светиот“ цар Давид, татко на Соломон и дедо на Раџим. Според овој средновековен христијански апокриф, Давид го видел нацртот (веројатно тлоцртот) на идниот храм – на небото! Ќе го цитираме тоа место од апокрифот: „Кога царот Давид наврши 30 години испадна во голем ужас. Бидејќи беше разболен од лута болест, душата му беше земена од ангел. Тој му покажа црковен лик на небото и му ги рече овие зборови: „Таков да биде божјиот дом во Ерусалим“2 Тоа нè тера да претпоставиме дека основите на храмот на мудроста ги предаваат имагинарните линии, кои ги поврзуваат звездите од некое впечатливо созвездие. Тоа би бил тој „црковен лик на небото“. Најприфатлива ни се чини претпоставката дека тоа е созвездието кое нашиот народ го вика „Големиот Крст“. Во востановената астрономска терминологија е познато како Cygnis („Лебед“) и спаѓа во таканаречените циркумполарни созвездија. Карактеристично за ова созвездие е дека неговите вечерни и утрински (хелиактички) изгреви и неговите опозиции со сонцето приближно ги маркираат двата еквиноција и двата солстициуми на соларниот круг.
Појдовна точка за претходната хипотетичка идентификација на созвездието „Големиот Крст“ со „црковниот лик на небото“ од апокрифот е фактот дека голем број од претхристијанските и христијанските храмови имаат крстовидна или Т-форма. Така, „крстообразните базилики“ би биле земна имитација на спомнатото крстообразно соѕвездие („Големиот Крст“, Cygnis). Кога Соломон на татко си Давид му рекол дека не може да си го претстави тоа што тој го видел на небото, значи описот со зборови му е недоволен, тогаш царот Давид ќе нареди тројца слуги да му донесат по 100 восочни свеќи. Топејќи и лепејќи ги свеќите, Давид направил своевиден восочен модел на идниот храм. Стариот, болен и грешен цар умрел, Соломон го запазил „моделот“ на светилиште и, кога се стекнале соодветните услови, започнал да го гради. Цртеж на претпоставениот надворешен изглед на храмот на Светата Мудрост. Според друга легенда, го имаме предвид текстот во светата книга на муслиманите, Куранот (сура 34, ајети 12-14), храмот започнат од Соломон, којшто се градел во „Светиот Град“ („Градот на Ридот“, „Градот на Светоста и Светлината“) до неговата смрт, и една година потоа, останал НЕДОВРШЕН! Легендата тврди дека Соломон им заповедал на духовите („џиновите“) да не престануваат со работа а тој, потпрен врз својот царски жезол, испуштил душа. Цела година царот стоел мртов, потпрен врз жезолот, влевајќи им стравопочит на духовите, кои продолжиле со работа за да го довршат храмот. Но, во еден момент, дрвениот царски жезол, врз кој се потпирал Соломон, разјаден од еден црв, се скршил и трупот на мртвиот цар се срушил. Тогаш духовите разбрале дека се плашеле од мртовец и престанале со работа, оставајќи еден дел од храмот недовршен. Евлија Челеби, се разбира дека ја знаел легендата со чудото на потпрениот труп на царот Соломон (коментирана во Коранот). Но, овој висок султанов службеник, инспектор и патеписец располагал со доволно здрав разум и за идните поколенија оставил една реалистична варијанта. Според Евлија Челеби, како што веќе цитиравме, не некакви духови туку сосема конкретни луѓе (со запишани имиња) ги платиле материјалите и мајсторите и го надгледувале привршувањето на недовршениот храм. Како и да е, записот на Евлија Челеби ни ги дава следните две драгоцени сведоштва: 1.Храмот Света Софија во Охрид е изграден (или само дограден) во времето непосредно по смртта на „старозаветниот“ пророк Соломон („хазрети Сулејман“), т.е. во времето кога владеел неговиот син Мелик Раџ (т.е. царот Раџим).
Запишаното од Челеби може да мине и како веродостоен документ ако веднаш не се јават „стандардно“ школуваните „специјалисти“, кои „се крстат“ во „општоприфатената“ хронологија на светските настани. Не било во ист век! Наводно, црквата света Софија била градена 1000 години по Христа, а Соломон Владеел 1000 пред Христа (965-928пр.н.е.). Така баба знае – така бае! Јасно, за секој почитувач на догматската Скалигерова црковна хронологија и од нејзе произлезена („светски прифатена“!?) световна „историографија“, писменото сведоштво на Евлија Челеби нема никаква „вредност“. Но, за таквите догматици е најсоодветно она народното: „немој на татка си да му ги броиш нивите“. Значи, ако еден од најерудираните луѓе во тогашната Отоманска Империја, кој лично бил на самото место и располагал со сите расположливи податоци за маркантните објекти во царштината, не знаел што видел, што чул, што прочитал и, накрај, што запишал, како може да им веруваме на оние кои оддалеку, од своите кабинети во Ватикан, Париз, Лондон или Москва, значи посредно, се здобиле со некаква (полу)информација за односниот предмет на интерес и, од свои, политички (империјални) причини, истата таа вистина ја извитопериле? Обратната позиција, а, имено дека градењето на храмот било во векот на Соломон, се разбира, е не помалку проблематична и со сета тежина ни се струполува прашањето: Дали сме во состојба да си ги претпоставиме сите можни консеквенции доколку, за миг, земеме дека токму цитираниот ерудиран очевидец (сведок) е во право, а не отпосле (кабинетски) дотеруваната и насилно (низ „образовниот процес“) наложена „вистина“? Тука на читателот на кратко ќе му кажеме дека десетици, ако не и стотици, книги на оваа тема се напишани од јавувањето и загосподарувањето на ватиканската црковна порачка, реализирана од Јозеф Јулиус Скалигер, син на Јулиус Цезар Скалигер и другар на – Нострадамус! Делото на Нострадамус е живо и во него веруваат наивните. Делото на неговиот најблизок пријател Скалигер (помладиот), е уште поживо, и во него веруваат оние кои се уште понаивни (и поснаодливи безрбетници) – “историчарите“ и „универзитетските професори“. Најголемиот ум на 17 век, Исак Њутон, му се спротиставил на Скалигер, докажувајќи дека „старите Грци“ се најмалку илјада години помлади отколку што Скалигер ги претставил. Сепак, благословот на папата бил посилен од аритметичката пресметка на прочуениот физичар и – Њутон ја загубил битката! Што останува за другите автори кои со документи докажувале дека „историјата на светот“ е растегнувана во времето – како обичен ластик. Што пречат тука некакви си 1000 или 2000 непостоечки години? Ами токму со овој „невин“ ватикански хокус-покус, некои народи станале ем стари ем културни, а некои, ем нови, ем груби, прости и примитивни! Еден артефакт од 12 век ќе го претставиш дека е од втори век пред Исуса Христа, ќе го припишиш на епохата на непостоечки император (Ситалк Шести, на пример), и ете ти – ем старост, ем култура и, што е најважно (т.е. најлукративно), ПРАВО НА НАСЛЕДСТВО СПОРЕД ПРВЕНСТВОТО НА ВЛАДЕЕЊЕ НА ЕДНА ТЕРИТОРИЈА! Но нека се вратиме на темата. Откако наведовме што запишал Евлија Челеби за охридската Света Софија, која тогаш функционирала како џамија, сосема накусо ќе го предадеме преданието, кое говори за „светиот цар“ Соломон и за градењето на храмот на светата Мудрост. Ќе ги цитираме и спомнатите ајети (стихови) од Сура 34, застапени во Куранот.
Накратко за мудриот и славен цар и пророк Соломон. Тој бил помал син на царот узурпатор на јудејскиот, а покасно и на израелскиот престол. Тоа е легендарниот „свет цар“ Давид, синот Есеев од Вирсавија. Кога остарел и легнал болен, овој цар го избрал својот помал син Соломон за свој наследник (затоа што „Господ го возљуби“) [II Цар. 12:24]. Од своја страна, Соломон прво го задушил востанието на својот поголем брат Адонијах, којшто сметал дека нему законито му припаѓа престолот. Откако го победил својот постар брат, од страна на татка си Давид, кој бил на смртното легло, Соломон бил прогласен за цар и од него го добил благословот. Така, помалиот од браќата станал владетел на Израел (во старословенските и во постарите латински текстови Хиздраел, соодветно Hisdrael). Владеејќи, Соломон стекнал голема, ненадмината и неугаслива слава. Во Старозаветните списи, но и многу пошироко: од Блискиот исток до Индија и од словенските земји дури до Ирска – насекаде се пишувало за Соломон. Достапната литература ни кажува дека нашироко се раскажувале легендите за неговата неспоредлива мудрост. Освен Библијата и Коранот за него спомнуваат и „Илјада и една ноќ“, многу персиски и турски поети, за него се говори во грчкиот „Завет на Соломон“, во латинската Gesta romanorum и во многу други. Во 14-18 век за него биле раширени многу старословенски, француски, германски, и англиски легенди. Повеќето легенди кажуваат дека Соломон наредил да се изгради голем дворец (харем) со многу жени, меѓу кои и туѓинки. Така, постепено, попуштајќи на желбите на прекрасните туѓинки, Соломон се обрнал кон нивните, за него туѓи богови. На нив им подигнал олтари по ридовите. Бидејќи кон крајот на својот живот почнал да почитува идоли, славниот но и порочен цар, умрел во немилост пред Бога. Бог ги потикнал непријателите да се подигнат против него. Така Соломон ја загубил својата власт над Едом. Но тоа не била единствената казна. Казнет бил да умре без да го види довршувањето на храмот на Божјата Мудрост кој, со негови средства и под негов надзор, со години се градел, а бил еден вид аманет оставен од неговиот татко Давид. Легендите за царот Соломон спомнуваат некаков волшебен прстен, чиишто четири скапоцени камења му давале власт над ветровите и над силите на природата, но и над животните, над луѓето и над сите духови. Со помошта на овој магиски предмет Соломон ги поробил злите духови, коишто се обидувале да го попречат издигнувањето на Храмот. И, тие, не само што не го попречиле градeњето, туку од мудриот цар биле натерани да работат на изградбата.
Коранот кажува дека кога наближил часот на неговата смрт, Соломон го помолил Бог џиновите да не го дознаат тоа, за да продолжат да работат на изградбата на храмот. Бог му ја исполнил желбата. Соломон умрел исправен, потпрен на својот жезол. Не минала една година и еден црв го изгризал догоре дрвениот жезол. Мртвото тело на царот паднало на земјата и џиновите разбрале дека се плашеле и работеле за мртвиот цар. Тогај веднаш запреле со работата. Храмот бил речиси готов. Сепак, не бил довршен. А еве како е предаден тој дел во светата книга за муслиманите Куранот (Сура 34, ајети 13-14): „13. Тие (џиновите) за него го работеа она што тој (Соломон) го посакуваше: и храмови, и споменици, и садови како чамци и котли неподвижни. „Работете, о семејство Давидово, за да бидете благодарни.“ Малкумина од робовите Мои се благодарни!
Ова место од светата муслиманска книга говори во прилог на тезата застапувана од Челеби дека храмот на Светата Мудрост во Охрид е доизграден во времето на царот Раџим, син на веќе мртвиот цар Соломон. Но, нели тој храм се градел во Ерусалим (Јерушалајм, Hierosolima), ќе прашаат кротките верници, но и самоуверените „специјалисти“? Да, таму. Со едно уточнување – во Vero Hierosolimae (на Балканот) а не во Al Kuds (во Палестина). „Вистинскиот Ерусалим“ (Vero Hierosolima) е „Градот на Вистината“, на „Првата Вистина“ – затоа понекогаш е нарекуван Јустиниана Прима. Впрочем, токму тука треба да си припомниме што запишал Челеби, кога, во 1670 година престојувал во Охрид. Според него : Црквата (Св. Софија) и местото каде што била изградена (Охрид) „за ТОГАШНИТЕ ХРИСТИЈАНИ биле нивни ЕРУСАЛИМ.“
Има уште еден момент кој може да помогне за разгатнување на оваа енигма. Тоа се двете археолошки сондирања во непосредна близина на охридската Св.Софија. Првото е во 1951-52 година, а второто е во 1985 год. Според увидот од првото сондирање, археологот Р. Љубинковиќ запишал: „…храмот е ѕидан на старо култно место. Под денешната градба има темели на две постари згради…Едната е од времето на Јустинијан.“ Од своја страна, раководителот на конзерваторските работи од 1951г. Б.Чипан, користејќи ги и резултатите од археолошките испитувања од 1985г. извлекува заклучок дека подлабокиот, антички слој, кој оди во длабочина до -4,80 метри, со под на -3,80, дава основа за претпоставката дека тука имало монументален објект – „римска базилика – покриен пазар“. Тој го поставува прашањето: „Како можело да се изгради таква монументална градба во еден провинциски град како Лихнид“?5 Можниот одговор на ова прашање е дека не се работи за световен објект, туку дека уште во оние древни времиња бил изграден сакрален објект.
Темелите во слојот од -2,70м. според Чипан, треба да се земат дека биле основите на ранохристијанска базилика, од времето на Јустиниан Велики, кое стандардната скалигерова хронологија го ситуира во 6 век. Слојот -0,85м., по сегашниот под на храмот е датиран во половината на 9 век, а слојот означен како кота 0,00 – со првата половина на 11 век. Врз основа на овие претпоставки, Чипан прави реконструкција на претпоставените придружни објекти кон запазената сакрална градба. Во слојот од 11 век Чипан се обидува да обезбеди докази, врз основа на кои може да се прифати, дека меѓу средновековниот сакрален објект (христијански храм) и брегот на езерото имало резиденцијален објект – палата на Охридската архиепископија. Охридското предание, предавано меѓу православното население, говори дека тука била палатата на Самоил. Од своја страна, малубројното муслиманско население верува дека на тоа место бил „сарајот на Селим паша“. Или, накратко, и едните и другите го викаат – „С’р’ишче“(„Сaрaишче“). Кој се крие зад името Селим? Самоил или Соломон?
______________________ 1 Евлија Челеби за Македонија, Слово, Скопје, 2007, стр.124 2 Цитирано според И. Свенцицка, Тајните ракописи, Менора, Скопје, 2008, стр. 277 3 Цитирано според македонското издание Куран со превод, Комплекс „Мелик Фахд“, 1418 Х 4 Ljubinkovic R., Sveta Sofija u Ohridu…Konzervatorski radovi na crkvi Sv. Sofije u Ohridu, Beograd, 1955, str.10 5 Борис Чипан, Света Софија – катедрален храм на Охридската архиепископија, Сигмапрес, Скопје, 1995. стр.25 |