Среда, 09 Декември 2015    PDF Печати Е-пошта
Похвала на Климента

kminet

„Од Бога вдахновен органоне, ластовица златоуста, славеју слаткопоен, уме духовен, светило светлозрачно, очи златнозрачни, усто богогласна, јазику методичен, Клименте светителе, мили се за тие што ти чинат светол спомен! Кое место не се свети со твоите молитви, светителе, а која црква не се осветила со твоите зборови. Духовна свирко, кимвалу ѕвонлив, кавалу чудесен, со златни раце те венчаваме!’ – пишува во „Похвала на Климента“ на анонимен ученик на Климент.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија со посебна гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски - Чудотворец. Првиот македонски архиепископ и творец на познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со своето дело (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Свети Климент и Свети Наум Охридски биле најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тие дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Сепак, иако е познато дека Климент од млади години го следел Методија, изворите го започнуваат животниот пат на Климент по смртта на Методиј и одисејата која ја доживуваат протераните ученици на солунските браќа.

Според овие извори, Климент и Наум Охридски се наоѓале во групата која со сплав ја минале реката Дунав и пристигнале во Белград. Од таму биле испратени во бугарската престолнина кај кнезот Борис, а потоа заминале во Западна Македонија. Климент кој во Рим се стекнал со свештенички чин, истата 886 година, ќе ја основа Охридска книжевна школа, позната уште како прв славјански универзитет - трајна придобивка за македонската историја и култура.

Како прв учител, Климент интензивно работи на описменување на старо и младо. Така, во Охридката школа биле оспособени над 3.500 ученици за црковна богослужба. За разлика од кирилицата која се употребува во Праславската школа, во Охридската се шири глаголицата, која ќе остане во употреба цели два века по смртта на Климент.  

    

Паралелно со црковната и образованата, Климент се занимавал интензивно и со книжевна дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници, пофални слова за други празници на апостоли и маченици и многу други дела.

Во 893 година, Климент Охридски го напуштил учителското место во Охрид и бил назначен за прв славјански епископ во Велика. Во Охридската школа, него го заменил неговиот сопатник и брат Наум Охридски. На оваа должност Климент останал се до својата смрт во 916 година. Починал во истоимениот манастир што го изградил уште за животот.

Смртта на Климент Охридски болно ќе одекне меѓу македонскиот народ и неговите ученици. Анонимен ученик на Климент ќе напише „Похвала на Климента“ во која се вели:

„Од Бога вдахновен органоне, ластовица златоуста, славеју слаткопоен, уме духовен, светило светлозрачно, очи златнозрачни, усто богогласна, јазику методичен, Клименте светителе, мили се за тие што ти чинат светол спомен!

Кое место не се свети со твоите молитви, светителе, а која црква не се осветила со твоите зборови. Духовна свирко, кимвалу ѕвонлив, кавалу чудесен, со златни раце те венчаваме!

Сета твар го почитува твојот спомен, Клименте, пречисти оче!

Доброгласна труба се јави разгласувајќи по вселената златнозрачни зборови. Клименте блажен, како гром загрме со светата наука, што огреа како сонце, со своите пресветли лачи, со кои и мене ме просвети, светителе, и ме озари со своите молитви, блажени!

Оче Клименте, славен, како река духовна што излегува тајно од рајот и протечува на четири страни, со своите зборови на сите краишта на земјата, ти сите ги упатуваш на вера со твоето златно учење. Затоа, одозгора ти е дадено со божја помош и нам, ти богомудри, за да ни подадеш. Моли се за спасение на нашите души.

Откако пострада, како ангел се јави на земја, озарувајќи ги, ти преподобен, срцата на верните, секогаш со божји знаменија. Затоа те љубиме и почитуваме, Клименте!.

Израелецот водата ја премина како по суво, избегнувајќи од земјата египетска, и вопиеше, како што се прослави.

Елате, со песни духовни да го восхвалуваме светлиот спомен на свети Климент, со којшто сета црква го слави просветувањето на Христа.

Како сонце му грееш на светот, свети Клименте, и ја осветлуваш сета свелена со својот свет живот, со него просвети ме и мене, ти се молам!

Се јави блескав спомен којшто осветлува се, Клименте! Во твојата света црква верните се собраа и ти пеат за спомен, светителе Клименте!

Елате сите, да го почитаме украсителот на црквата, молејќи му се на Климента да не се тргне од стадото свое, блажениот, и да им прати мир и милост на нашите души.

На твојата светиња и се преклонуваме, блажени, и со умилен глас тебе ти пееме: погледни кон нас, блажени, ти се молиме.

Со зраците на писмото го напојуваш сиот свет со наука, светејќи како сонце златозрачно со зборовите со кои и мене ме озари, ти се молам!

Сложно со похвали да го почитаме светиот спомен на овој што ги напоил сите со книжевен збор и сиот свет го осветил со духовни лачи. Затоа, собрани, еве, достојно го славиме, достојно твоето свето успение, верни ти пееме, славен Клименте! Моли го Христа Бога да им подаде опростување на гревовите на тие што ти искажуваат љубов.

Христос те даде тебе, богоблажени, за пастир на светот, поверѕвајќи ти одбрано стадо и ти, како сонце, светителе, грееш и ги озаруваш сите молители.

Ти ја очисти својата душа и телото и умот, блажени, стана како сјајно злато в земја, светителе, се покажа достоен суд на пресветиот Дух, Клименте.

Сета твар денес силно ликува поради твоето успение, просвети не, Клименте, и со овие молитви дај ни проштение на гревовите.

На твојата светост сите и се клањаме, Клименте, пеејќи со умилен глас и со солзи извикувајќи: Не ги заборавај тие што ти се молат, блажени!

Ти имаше ангелски живот на земјата, блажени, и чест рамна на ангелски прими, сега со нив си, владико, помоли се, блажени за стадото свое.

Секогаш вршеше свештеничка служба на Бога и се упатуваше кон Бога со своите духовни зборови. Со нив и мене озари ме, ти се молам

Се јави изобилен градоносен облак над сите цркви и духовна роса пролеа над певците. Моли му се на Бога, владико, свети Клименте.

Сјае охридската црква како крин огреана од твоите молитви, и твоето свето успение се празнува во неа како благодет. Чувај го споменот на тие што те почитуваат, Климент.

Со гроногласен јазик, како гром загрме небесната наука, како кимвали ѕвонливи, со златозрачни усни, блажени, и сета земја ја огласи, богогласен Клименте.

Стиејќи во страв до твојот чесен гроб, со умилен глас, ти пееме светителе, молејќи избавување од гревовите.

Не го одвраќај твоето лице, блажени Клименте, светителе, помоли му се за нас на Христа Бога избавител, да не избави од гревовите.

Пружи ги своите пречесни раце за милост, просвети не, блажени, заштитувајќи од сите зла, укрепувајќи и осветувајќи, Клименте светителе.

Со бестелесните сили си се прибрал, славни. Дар му поднесуваш на Христа Бога. Со него помоли се за тие што ти чинат пречесен спомен, свети Клименте.

Погледни, блажени, на своите пилци што си ги одгледал под својот покрив насладени духовно од твоите методични зборови и од твојата света наука. Пружи ги нагоре рацете и просвети ги своите ученици, Клименте.

Воедно ве молам и вас, блажени Кириле, со светлозрачни зборови светлозрачно светило, Методија, што си се рацутил како крин; секогаш со духот си планина, Клименте! Молете се за стадото ваше.

Не си спомнувај, блажени светителе, за безбројните гревови, но крени ги своите пречисти  раце и изведи ме мене, пропаднат во гревовите погибелни.

Клименте, тебе ти се молам, рацете кои тебе ги пружам и солзи леам, колената ги преклонувам, молејќи проштение за моите безбројни гревови.

Измоли, блажени, победа од небеси над гнасните непријатели на царот крстољубец и неговите војници избави ги од зло и сите луѓе за да те величаме достојно.

Радувај се денеска, цркво божја, просветена со благодат, верно тржествуваат празникољупците собрани пред твоите чесни мошти. Клименте златнозрачен, црквата твоја го слави Христа што ни подава голема милост.“

Се смета дека Климент Охридски е роден околу 840 година и се знае дека умрел на 27 јули 916 година. По Моравската мисија, истата дејност ја пренел во Македонија, која станува расадник на кирилометодиевската писменост и традиција. Тој се истакнал како прв учител, како организатор на Македонската православна црква, како добротвор кој се стремел во се да го поучи народот, како родоначалник на средновековната македонска книжевност.    

(извори: Х.П.- Книга за Климент Охридски, Скопје, 1966, стр. 203 – 205; В.А. – По стапките на Климент Охридски, 2003. Стр. 37 - 42)

Македонска нација

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.