|
||||
Премиера на документарниот филм „Сведоци: Европа“ |
Ова е документарен филм за вистината, за судбината на сите дискриминирани и репресирани Македонци кои, иако го продолжија својот животен пат во европските држави, не ја заборавија својата татковина Република Македонија ... Интервјуа на 42 Македонци, некогашни деца бегалци од Егејска Македонија, кои живеат во Унгарија, Чешка и во Полска содржи 50-минутниот документарен филм „Сведоци: Европа“ кој премиерно беше прикажан денеска во Кинотеката на Македонија. Марија Џиџева е режисер на филмот, кој е четврто продолжение од серијалот филмови „Сведоци“ на владиниот проект „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање видеоматеријали и разговори со Mакедонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“. Проектот во 2010 година го почна Кинотеката на Македонија, во соработка со Министерствата за култура и за надворешни работи, Институтот за национална историја, здруженијата на деца бегалци и Mакедонци по потекло од Егејот и Македонската радио-телевизија. Филмот го третира егзодусот од Егејска Македонија од перспектива на македонската емиграција во Европа. Џиџева вторпат соработува на овој проект, по режијата на третиот дел „Сведоци: Австралија“. Првиот и вториот дел („Сведоци: Македонија“ и „Сведоци: Канада“) ги режираше Атанас Чупоски. Се работи интензивно на документирање и на последниот дел од серијалот, „Сведоци: САД“, за кој интервјуата беа снимени минатиот месец. - Ова е уште една потресна приказна од нашето минато и нашата историја. Потресни сведоштва, чие искуство се надевам ќе ни помогне да се соочиме со вистината и да не дозволиме повторно да ни се случуваат вакви приказни - рече Џиџева, која филмот го направи од изјавите и интервјуата на тимот од Институтот за национална историја (ИНИ) кој во 2014 година ги сними со деца бегалци од Граѓанската војна во Грција кои денес живеат во Чешка, Полска и Унгарија. Теон Џингов од ИНИ рече дека шестчлената екипа за време на двонеделниот престој се соочила со судбината на 42 Македонци протерани од егејскиот дел на Македонија. - Секоја судбина е уникатна, но тоа што ги спојува е фактот што нивниот единствен и најголем грев бил тому фактот што се Македонци. Не е воопшто лесно да се соочиш со нечие минато, особено кога тоа пред тебе го толкува човек кој е немоќен да ги сопре солзите и да остане сталожен - рече Џингов. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека во изминатите пет години, колку што трае проектот, досега се архивирани над 700 животни приказни од три континенти (Европа, Северна Америка и Австралија). - Ова е документарен филм за вистината, за судбината на сите дискриминирани и репресирани Македонци кои, иако го продолжија својот животен пат во европските држави, не ја заборавија својата таковина Република Македонија. Во овој серијал се содржани нивните најинтимни чувства, нивниот копнеж и љубовта кон сопствената земја од која беа оттргнати на еден суров начин кој остави длабоки траги во нивната меморија - рече Канческа-Милевска. Таа додаде дека снимените материјали од овој проект се значајни за историската наука зашто се збогатува со нови сознанија и очекува од проектот да произлезат научни трудови и монографии, а можеби собраните материјали ќе бидат предизвик и за некој режисер да сними игран филм. |