Среда, 03 Февруари 2016    PDF Печати Е-пошта
Предание од селото Лески, Неврокопско

Иако јас отпорано го знаев преданието за Св. Герската карпа, како и за името на реката Топлица, која извира под таа карпа, јас повторно го замолив овчарот да ми го раскаже оригиналот на тоа за мене интересно предание. Тој продолжи:

- Едно време змејот имал два сина, и тие змејови. Тој, велат живеел по сите гори, кои се од Пирин надолу меѓу Струма и Кара–су. Кога остарел веќе, тој ги праќал синовите нагоре-надолу по работа.

– А каква била работата на змејовите, дедо Марине, - го пресеков јас?

- Работата им била – ми рече тој – да им наредуваат на облаците, да разнесуваат дождови, град, грмотевици, секавици – тоа. Потоа помалиот син на тој змеј еднаш минувал над Мусомица – било ден Велигден, та луѓето биле на орото. Напред на орото играла поповата ќерка, која се викала Топлица. Таа била многу убава. Змејот кога ја догледал од облаците ја бендисал и се спуштил, та ја грабнал од среде орото, така што никој не можел да види како исчезнала и каде отишла таа убавица. Кутриот поп, татко и, се пребарал, насекаде распрашувал, не оставил ни гора ни поле, но ништо, ништо! Минало баеѓи време и попот веќе ја прежалил. Преку летото еден ден попот и попадијата жнееле пченица токму над Топлица, вечерта попот и рекол на попадијата да си оди дома да зготви вечер,а а тоа кинисал нагоре по Св. Герската карпа да собира суви дрва, за вечерта да си го натовари магарето. Се качувал нагоре по карпата ама дрвата не му се допаѓале, тукуречи како нешто да го влечело нагоре. Де, де се качил дури тука близу под нас и ја догледал ќерка си сама, ама облечена во срмена облека и нанижана со жолтици. Облеката толку многу и светела што на попот му се заслепувале очите. Се сретнале тука, се прегрнале и двајцата се расплакале. Ќерка му тогаш му раскажала дека ја грабнал змејот и дека кога за тоа разбрал татко му на змејот, многу се налутил и го испадил од Алиботуш и тој сега за живеење си ја избрал Св. Гергевската карпа и и неа ја донесол тука. Јас уште денеска кога ве видов на нивата како жнеете со мајка ми – рекла ќерка му – сакав да дојдам кај вас, ама ми беше страв да не се случи да дојде змејот ненадејно, та кога ќе види дека ме нема, којзнае што ќе ми направи после кога ќе ме најде. Ама многу добро се случи тате, што те донесе Господ овде барем да се видиме и да ти дадам еден бакшиш да однесеш дома И сега брго тате да се вратиш за да не се случи да дојде змејот и да те најде тука. Тогаш ќерка му зела и му наполнила една торба со жолтици. Таа ја преполнила торбата, ама направила на попот да му се гледа многу лесна, така што ич да не му тежи. Попот кога слегувал по карпата со торбата на рамо и дошол токму на тоа место каде што сега Топлица извира и си рекол: „Чекај да видам, каков бакшиш ни дала ќерка ми?“ Ја симнал торбата од грбот, ја отворил и што да види: Торбата била полна со лушпи од кромид. Се налутил ги истресол таму лушпите, си ја зел торбата и си заминал без дрва. Тој за се и раскажал на попадијата. Попадијата му се скарала и му рекла: „Пусти попе, веднаш да ги собереш тие лушпи каде што си ги истресол, та да ги донесеш тука, тие се жолтици од ќерка ни“. Попот се вратил, ама што ќе најди? На тоа место каде што тој ги истресол лушпите, излегла голема река со топла вода и потекла надолу. Кога попот ја тресел торбата со лушпите ќерка му од карпата го гледала и многу се плашела да не се случи да дојде змејот и да ги види. Таа почнала да го моли Бога, тоа да го сокрие од очите на змејот. Господ, сполај му ја послушал молбата и и заповедал на тоа место да излезе голема топла вода и надолу да ги понесе тие лушпи. Оттогаш таа река се вика Топлица, по името на поповата ќерка. Таа река тогаш била многу топла, но оттогаш до сега остинала. Помнам дека стари луѓе кажуваа кога таа сосема ќе истине како другите реки тогаш и ќе секне водата. Тоа сум го запомнил, даскале, од стари луѓе во чуџуклукот (детството) тоа и ти го раскажувам.

При завршувањето на таа историја за змејот и за реката Топлица јас го запрашав овчарот:

- Ами сега каде му е сврталиштето на тој змеј, дедо Марине?

- Ха а, не ти докажав до крајот, даскале. Потоа попот и попадијата многу оделе и многу шетале по Св. Гергската карпа белким ќе ја најдат и ќе ја видат некаде ќерка си, ама не можеле ништо да најдат; змејот се научил поради што се кренал и со жената отишол да живее на врвот на Бориката. Во старо време многу луѓе го гледале на Бориката, од каде што ги чувал синорите, ама сега луѓето сите стана ѓаволи па и змејовите не се кажуваат. А пак едни кажуваат оти откако излегле пушките, тогаш и змејовите се исплашиле, та фатиле да се кријат, и па јас не знам што е точно.

- Велиш, дедо, дека змејот ги чувал синорите, ами од што ги чувал?

- Од град, нели знаеш? Санким вие учените дип, дип тоа не го верувате, ама ние си веруваме даскале, Хе-е-е оди денеска на врвот да видиш што станува таму, таман му е и денот, па и времето е топло.

„...денеска нели е курбан на Свети Дух,  нашите чорбаџии и селани мене ме пуштија на врвот да ја однесам просфората. Ја однесов пред сонце и сега идам кон градот...“

...дедо Марин се сврте кон мене и ми рече:

- Даскале ти не ќе сториш лошо да одиш денеска на врвот... таму денеска ти ќе ги видиш и ќе ги научиш нашите старовремски адети...Паметам дека една година и ние не излеговме и не направивме курбан, ама таа година се ни истепа градот, ама малку беше тоа, ами од некаде се зададе една самовила се искрши и искорна од корен каде што имаше нишанлија дрво во нашиот синор... За нас денеска и од Виллиден е потешко!“’

...

- Токму на врвот колиме овен, крвта му истечува во пештерата каде што велат живеел змејот. Во таа пештера ги нафрлуваме роговите и сите остатоци од јадењето. Ако времето е ветровито и студено тогаш откако ќе го заколат на врвот, ќе го симнат на едно пониско, завет место и таму варат и јадат. Ама ајазмото (водосветот) и јадењето се прават горе на врвот. Таков е нашиот курбан даскале. Во ново време божем за поубаво се изоставаат старовремските адети ама тоа не е убаво.

... Штотуку наближив до селото го слушнав остриот глас на клепалото, кое го викаше населението да излегува кон врвот, откако црковната служба веќе беше завршила. Влегов во селото и видов дека селаните секој облечен во празнична носија се готвеа да тргнат... Откако ја минавме таа убава градина, низ која се патува три четвртини од час, ние излеговме на едни голи камења и по малку се искачивме на врвот, каде што при толку топлото мајско сонце ние се потрудивме да си ги облечеме дотогаш заборавените облеки. Жените ги наредија околу пештерата своите колаци (обредни лебови). По мал одмор на една мала плоча токму до пештерата се налеја вода во еден сад и започна водосветот. По светењето вода и по прскањето, старите жени фатија оро околу пештерата. На тоа оро се пееше следнава песна:

Јој ти милинки Свјати Дух,

като грмнеш и треснеш,

сичка са гора путриса,

и м’жку детја фаф мајка,

и руду јагња пуд овца

и љута змија в грамада.

О слушај нашта мулитва,

мирен д’ш прати по нива,

пу ниви и пу љуваде,

чувај градини и лозја,

от град, градушка и вјат’р,

та ша ти курбан дунесем,

и ша ти молба принесем,

и ду година с’с здраве.

Орото со таа песна  се водеше со такт, се пристапуваше со десната нога напред и потоа следуваше и левата. Бабата што го водеше орото, беше свртена кон исток, даваше знак, сите се отпуштија со молчење и три пати се прекрстија. За забележување е што на тоа оро присуствуваа и мажите без да земат учество во него. По извршувањето на тој обред старите мажи и жени поседнаа и по раздавањето на колаците почнаа да пијат ракија, а младите од двата пола се фатија на орото под звуците на гајдата и дајрето.

Тој врв претставува еден конус... На самиот врв на тој конус се наоѓа пештерата, малку свртена кон запад. Таа повеќе личи на дупка отколку на пештера. Во таа пештера била нафрлана крвта од курбаните, кои веќе се вареа. Општиот курбан (овен) е само еден, но некои по ручекот принесуваат и посебни курбани што можа да бидат и јагниња или овци. Кога веќе се сварија курбаните епитропот  со удирање на железното клепало, кое за тоа специјално се изнесува на врвот, ги кани присутните на молитва и јадење.. При тоа клепање сите се собраа околу пештерата. Свештеникот креваше леб и присутните седнаа на трпезата за јадење. Од секоја трпеза одредија по еден за да принесува храна. Одбор од неколкумина првенци на чело со свештеникот и учителот, седнаа на одделна трпеза на која се почестија и гостите колку што ги имаше. Излишно е да се рече дека виното во таков случај е премногу недоизпразнетите баклици една по друга се носеа на дополнување пред винарот, кој за продавање дури на врвот изнесол мешини полни со мелничко вино. Кога се сврши јадењето свештеникот го благослови остатокот, а луѓето го собраа и го фрлија во пештерата. По јадењето пак се повторија ора пукање со пушки и други забави додека дојде времето за враќање. Вечерта околу единаесет часот или единаесет и половина сите се упатија кон селото По патот бидејќи сите одеа пешки единствена занимација им беше да ги креваат баклиците со вино, да се пука и да се вика. Кога пристигнавме во селото изиграа едно општо оро макар што беше темно. Потоа си благословуваа еден на друг за тоа што беше тој ден и за догодина и се разотидоа по своите домови. Така се празнуваше старовремскиот празник во селото Лески.

Запишал А. Иванов, улител во Караќој, 1896, март 17.

(Подготви Марко Китевски)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.