|
||||
Свадбени обичаи од Лазорополе |
а) Годеж Колку и да е тежок животот во Лазорополе, и другите села, гурбетчиите кои заминале на печалба во други далечни градови, имаат голема желба да се вратат за кратко време и пак да тргнат на печалба обратно. Враќањето секогаш се случува во пролета. Додека престојуваат дома работат на подготовка на потребите на домашните за преку зимата, за кога ќе одат на работа да бидат спокојни, дека домашните имаат со што да ја истераат зимата до другото нивно враќање. За тоа време во семејствата во кои има стасани за женидба се пристапува кон свршување и набрзо оженување. Другите момчиња што се стигнати во зрела возраст за женидба се вршат и следната година се женат обично на Илинден во Лазорополе, Селце и Росоки, а во Тресонче и Галичник – на Петровден, во Гари на Св. Богородица (голема) и во Осој на Св. Пантелеј. Пред да се пристапи кон самото свршување, таткото и мајката се советуваат која мома да ја изберат за снаа, мајката која веќе знае која е соодветна за синот ја одбира и определува. Во многу случаи самиот ерген си одбира и со голема тврдоглавост им кажува на родителите да појдат на тоа место и да се распрашаат со родителите на момата за да им ја дадат. Гледајќи ја упорноста на синот родителите се согласуваат и ја исполнуваат неговата желба. Одењето се прави со некој близок роднина на момата кого што го наречуваат стројник. Со негова настојчивост, ако нема претходна согласност, годежот се прави со негово посредување, со посредувањето на стројникот, а ако има согласност тоа одење со стројникот е само форма. Стројникот кога ќе пристигне веднаш меша во огнот за да има успех неговата мисија. Кога ќе се договори годежот се прави „врзување риза“. Во една бела крпа се врзуваат пари, по три зрна пченица, шеќер, грозје (суво) три мали парчиња леб и три страка расад од зелка. Крпата со парите ја зема момата, по кое, забулена им бакнува рака на гостите. На момата и се дава цевка со жива која ја зашива и ја носи до првата брачна ноќ. Истото го прави и момчето. На првата брачна ноќ живата ја растураат. Тоа се прави за здравје. Не тропоти коње, ја не те продава. Тогаш ги договараат некои од условите, главно кога да се прави официјалниот годеж. Родителите се враќаат од малиот годеж со нишани, китка од рози, наречени џунџулиња за јунака, од годеникот дар на свекорот, свекрвата и стројникот – по една риза (крпа) кое е знак на согласност. Дома јунакот чека, како ќе се вратат тие што отишле на годеж – весели со успешно завршена мисија или не. Тој чека со неколку од најинтимните другари кои се посветени на прашањето. Еден од нив оди да дознае и се враќа среќен или не според исходот, му соопштува и започнува веселбата за која се дознава пошироко и започнува мала веселба. Мисионерите (стројниците) при враќањето ја затечуваат веселбата, која со нивното идење уште повеќе се засилува. Истата веселба е и во домот на свршеницата. На договорената недела со повеќе годежари, тогаш веќе сите се стројници, составени од многу роднини и пријатели одат на строј (на годеж). Роднините на свршеницата ги пречекуваат на подалечно место и така до пристигнувањето во домот се прави голема веселба. Веќе пристигнуваат пред домот. Таму се наредени таткото и мајката на свршеницата, таа придружена од две момичиња на нејзина возраст, од најблиските роднини и многу други нивни роднини, ги пресретнува стројниците и по вообичаениот поздрав со добре дошле, да е аирлија, да се ќердосаат итн. ги седнуваат на веќе одредените места во кои се поставени долги софри врз кои има ракија, мезиња и цели погачи со леб. Свршеницата со влегувањето на сите стројници во домот и целува рака а другите со вообичаениот поздрав: добре дошол, ги седнуваат. Откако сите ќе седнат, свршеницата повторно започнува да бакнува рака, што значи истото: добре дошол, добре дошла, добре дошло. Потоа од софрата станува свекрвата со неколку од стројничките, најблиски нејзини роднини, одат кај свршеницата и ги даваат пратените од свршеникот дарови, цел кат руво (облека) за носење цело време до свадбата. Таа тоа го зема со бакнување рака и свекрвата во образ, што значи благодарност. Свекрвата се враќа кај сите гости радосна, дека снаата ги примила принесените дарови. Потоа се става погачата од свекрвата пред свекорот и гостите што седат до него (стројници). Свекорот врз погачата ги става алтаните кои ќе треба да ги носи како свршеница до свадбата, а тие по број и вредност се колку што им дозволуваат условите. Тие се поставуваат врз риза везена од свршеницата специјално за тој чин и заедно со погачата се разнесува по целата софра за да може да ги видат сите стројници, потоа става пари кое го следат сите. По обиколката на погачата по трпезата погачата се враќа пак кај свекорот. Иде и свршеницата, а свекорот со свекрвата ги принесуваат алтаните, едниот, а другиот ги принесува собраните пари и и ги дава на годеницата (свршеницата). Таа ги зема со тоа што им бакнува рака и ги подава на една од нејзината придружба за да ги однесе во нејзината соба. Потоа на сите им бакнува рака во знак на благодарност и си оди. Се облекува со донесеното руво и се дотерува (нагиздува) со алтаните, ја донесуваат кај гостите за да биде видена и тогаш веќе на сите им бакнува рака по кое и се дава бакшижот. Им се дава ручек на гостите, кои откако ќе се нахранат започнуваат со песни и веселби. Мажите пееја стари и современи песни. Меѓу нив беа: „Зората се зазори,“ „Овчарче младо пастирче,“ „Девет години, Тинке ле, аман,“ „А бре Кољо, мамин Кољо, мамина комито,“ „Ирино Пирин планино, многу си Пирин хубава,“ и многу други, а жените пеат песни соодветни на случајот. Најпосле станувајќи испеваа некои специјални за случајот песни како: Станувајте гости пријатели, и тргнуваа да си одат. На заминување свршеницата на секого му целува рака, но сега не е задолжително да и се даваат пари, туку така за збогум. Подалеку од дворот ги испраќаат некои со по едно шише вино од кои пиеја, пееја и се искажуваше најубаво расположение. На одредено место се поздравуваа и разделуваа и секој тргнуваше во својата насока. Свршеникот ги чека стројниците. Сите се упатуваат кон него и сите му ја стискаат раката со значење: честито. Пеењето на стивнуваше до доцна во ноќта по кое сите си одеа во своите домови. Три дена по годежот, годеникот со двајца од најинтимните другари и еден свој роднина кој ќе му биде стар побратим, приквечер кога добро ќе се стемни по традиција и по претходен договор одеа при годеницата која само со присуство на мајката, а не и на таткото и најблиските свои роднини (снаа, золва, сестра) ги пресретнувала и го земала свршеничкиот прстен од годеникот, а тој пак од годеницата. По кратка и скромна церемонија годеникот и тие што го придружувале си оделе задоволни. Со ова завршувале церемониите за годежот (свршувачката). Од „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев, Софија 1941 г. |