Среда, 30 Март 2016    PDF Печати Е-пошта
Манастир „Свети Ѓорѓи“ Курбиново

Ако сакате да го посетите манастирот “Св. Ѓорѓи„ треба да ја знаете неговата местоположба. Манастирот се наоѓа во атарот на село Курбиново, Преспа во непосредна близина на преспанското езеро на магистралниот пат Битола - Ресен, на некогашниот римски "Виа Егнатиа", кај крстосницата "Маказа", каде што се одделува пат за преспанските села, под планината Баба позната уште и како Пелистер. Кај селото Асамати, патот овде се дели и еден од краците ве води кон селото Курбиново. Црквата се наоѓа на околу три километри над селото, во пазувите на Баба. Околината низ која минува патот, не е толку живописна, колку величествениот поглед кон планината и панорамата на речиси секогаш мирното Преспанско Езеро. Црквата "Св. Ѓорѓи" е една мала и неугледна, еднокорабна градба која, оддалеку, и не се познава дека е црква сe додека не и се приближите и не го здогледате олтарот на источната страна. Изградена е во 1191 година во 12-от век што се гледа од натписот кој стои над олтарот. Црквата самата по себе е интересна затоа што има специфичен начин на обработка на фасадите, кој што денес може да се забележи само во долните делови на западниот и јужниот ѕид на црквата. По изведбата на ѕидовите било изведено малтерисување и боење на фасадите со цел да се постигне побогат изглед. Ваквиот начин на обработка кој што е застапен во оваа црква е пристигнат преку византиската градителска традиција. Со право можеме да кажеме дека црквата „Св. Ѓорѓи“ своето место во ризницата на светските вредности го обезбедува со сочуваниот фрескоживопис кој плени со својата појава. Фреско-живописот од дванаесеттиот век е сочуван скоро во целост, освен уништениот дел од претставите во првата зона на северниот ѕид и дел од јужниот, како и горниот дел од третата зона. Тоа е времето на владеењето на Комненовците со Византија, кога во црковното градителство доминира разнообразност на архитектурните форми на цркви, особено, еднокорабни со едно или дури пет кубиња и тоа се смета за чиста Цариградска концепција, или измешана со "провинциски" комбинации. Манастирот во селото Курбиново не се одликува толку со архитектурата, туку со извонредниот живопис кој ја обвива целата внатрешност на црквата и ја прави возвишена. Историчарите на уметноста имаат запишано дека во живописот се претставени чисто Цариградски елементи во одделни композиции или фигури. Но истотака има внесено нови елементи, што во престолнината Цариград и надвор од него, никаде не е толку изразито предаден како во Македонија. Со еден збор тоа е чувството за реалноста на внатрешните доживувања на личностите во драматичните сцени, како што се страдањата на Христос. Во црквата "Св. Ѓорги" во Курбиново овие сцени и доживувања се доминантен елемент. Тука, линеаризмот на Комненовскиот стил во уметноста е резултат на разбирањата на домашните зографи и тоа минува во фаза на барокна подвижност. Сепак тоа не преставувало пречка да се изразат најсилните внатрешни доживувања, што за целата византиска уметност значи откривање на нови простори во уметноста. Но тука, во Курбиново, Цариградската концепција на моменти се губи и надвладува таков линеаризам и форми, што повеќе и одговараат на "провинцијата", а тоа е специфично за месните мајстори. Тоа се гледа и во издолжените и мускулатурни фигури, со посебна елеганција, но и со мошне компликуваните драперии, кои дури се прозрачни, карактеристика за ова мошне значајно сликарство. Фреските во црквата се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро сочувани фрески што од тој период допираат до нас. Творештвото на тројцата непознати мајстори во Курбиново, претставува надоврзување на творештвото на нерешките мајстори, иако во голема мера се забележува голема оригиналност во стилот и изразот. Се до крајот на 13 век во македонскиот живопис доминира комненовскиот стил. Концепциски живописот е распореден во три зони: во првата зона се насликани поединечни претстави на светители во раст, во втората циклусот на Големи празници, а во третата пророци. Во олтарниот простор во првата зона е насликана композицијата Поклонување на архиереите на Христос - агнец (Мелисмос), а во конхата на апсидата Богородица Никопеа фланкирана од двете страни со Архангелите Михаил и Гаврил. На источниот ѕид се насликани Благовести со Архангел Гаврил (северно) и Богородица (јужно). На јужниот ѕид во олтарниот простор насликани се Св. Методиј Солунски, Св. Кирил Солунски и Св. Кирил Александриски. Надвор од олтарниот простор насликана е претставата на Исус Христос Ирини, а до него Богородица и Св. Јован Претеча од Деисиз. На западниот ѕид во првата зона се насликани претстави на жени светителки: Св. Текла, Св. Петка, Св. Теодора, Св. Варвара, Св. Недела и Св. Катерина. На северниот ѕид се насликани претставите на Св. Онуфриј и Св. Ефросин, а на источната страна од северниот ѕид претставата на Св. Ѓорѓи. Некои композиции: "Вознесение" , "Благовештение" и "Средбата на Марија и Елисавета" го вклучуваат живописот од Курбиново во првиот ред на византиското сликарство, воопшто. На јужниот ѕид во втората зона на олтарниот простор претставени се две сцени со Марија и Елисавета, а надвор од олтарниот простор циклусот продолжува со Раѓањето Христово, Сретение, Крштевање и Воскресение Лазарево. На западната фасада во горните партии сочувани се остатоци од ктиторска композиција која е истовремена со живописот во внатрешноста. На јужната фасада сочувани се остатоци од циклусот посветен на житието на Св. Ѓорѓи кој потекнува од XIV век. Во црквата сочуван е и живопис од претставата на Св. Димитриј на коњ од XVI век насликана на северниот ѕид. Денес Св. Ѓорѓи е споменик на културата заштитен со закон.Сегмент на фреската на Светецот Архангел Гаврил „Ангелот од Курбиново“ од оваа црква се наѓа на позадината на банкнотата од 50 македонски денари. Програмата во црквата е догматски посебно обмислена целина, со присутни нови сцени кои и даваат посебно обележје. Овде посебно се мисли на композицијата Поклонување на Исус Христос Постар од денот над Успението на западниот ѕид, како и на претставата на Вознесението Христово насликано на источниот тимпанон. Живописот во цркавата содржи високи ликовни остварувања кои се видливи во целото сликарство. Живописот претставува многу силна и конзистентна догматска перфекција која во себе содржи и нови и стари ликовни транспонирања. Она што импресионира и восхитува во оваа црква е нејзиниот живопис кој претставува едно врвно и оригинално остварување од периодот на Комненската уметност во Македонија. На западната фасада се видливи остатоци на фрески со претстави на женски и машки ликови во цел раст, облечени во царска облека, како и фигура на црквен великодостојник. Најверојатно станува збор за луѓето кои ја изградиле првобитната црквичка. Живописот во ентериерот на црквата е поделен во три зони. Цртежот е експресивен, динамичен со нагласена виткост, живост и раздвиженост на насликаните фигури. Карактеристична е претставата на драпериите коишто, истотака, се барокно разиграни со мноштво лелеави набори. На фреските се илустрирани сцени од животот на Исус Христос и Богородица. Црквата е градена од кршен камен и според формата и димензиите е еднокорабна црква која има полукружна олтарна апсида со димензии 7 на 11 метри а ѕидовите се дебели 1 метар. Во XIX век, црквата во Курбиново била обновена, а во првите децении на XX век, била направена дрвената таваница, проповедалницата, припратата и биле соѕидани северниот и јужниот влез со двата прозора. Црквата е под заштита на заводот за заштита на спомениците а според археолошките испитувања се знае дека имало и конаци кои откако во нив удрил гром не се повторно изградени. Богослужба во манастирската црква имало се до 1920 година но откако се изградила нова црква во селото во црквата Свети Ѓорѓи не се служи литургија. Во 1958 година направена е првата конзервација на Свети Ѓорѓија во Курбиново, додека во 1974 година на платно е пресликана источната страна која на изложба во Москва ќе го освои второ место, а на изложба во Париз ќе го освои првото место. Манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново е македонскиот бисер на средновековното фреско-сликарство во кој ако имате прилика да го посетите нема да зажалите.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.