Црквата „Св. Ѓорѓи“ во кумановското село Старо Нагоричане се смета дека е едно од најзначајните и највисоките места во историјата на средновековната византиска уметност во Македонија. Црквата датира од 11-от век и се смета дека била во форма на базилика за која не постојат пишани документи и записи од што е срушена. Како прв градител на црквата се спомнува името на Роман IV Диоген кој што бил византиски цар а значајно е да се напомене дека истата била и фрескоживописана но по нејзиното рушење зачуван е само еден дел. Станува збор за фрагментот од северниот ѕид на наосот кој што е зачува од 11-от век додека денес се она што е во црквата датира од крајот на 13-ти и почетокот на 14-ти век. А истотака од првата црква од 11-от век зачувани се и ѕидовите на фасадите од тесани камени блокови до сводовите. Денешната црква која плени со нејзината убавина е обновена од страна на српскиот крал Стефан II Милутин во 1313 година што може да се забележи по камениот натпис кој е поставен на западната влезна врата во црквата. Црквата која што ја обновил цар Милутин и која што до ден денес е во селото по својата архитектура претставува монументална, трокорабна, петокуполна базилика во форма на впишан крст со издолжен травеј кон источниот и западниот дел. Куполите и сводните површини се украсени со богата керамопластична декорација. Внатрешниот крстообразен изглед е формиран со полукружните сводови преку столбовите и пиластрите. Над централниот дел се издига голема осмострана купола а во аглите се распоредени четири помали кубиња. Олтарната апсида од внатрешната страна е полукружна а однадвор во горната половина петострана. Јасно се забележуваат пиластри кои се остатоци од постара црква а на западната страна зачувани се урнати ѕидови и отвори за греди од постоењето на некогашната припрата. Кога се обновува црквата се возобновува и фрескоживописот во 1313 година кога како игумен на манастирот бил Венијамин. Живописот на манастирот е работен од страна на најпознатите средновековни солунски зографи во Македонија, Михајло Астрапа и Евтихиј. Овие двајца познати зографи ја цртале црквата 5 години и истата била насликана од темелот па се до кровот. Значајно да се напомене за живописот во манастирот е тоа што преку него може да се забележи развитокот на стилот од 14-от век во кој што циклусите се претставени на наративен начин запазувајќи го реализмот кој што опстојувал во тоа време. Интересни се фигурите кои се изведени во живо движење и динамика се со цел да се диференцираат ликовите. На прв поглед иако композициите изгледаат пренатрупани со ликови тие се јасни со правилно сместување во просторот. По ѕидовите на манастирот се распоредени циклусите од Големите празници, Страдањата, Чудата, Параболите Христови, сцените од животот на Св. Ѓорѓи, на Св. Никола и на Св. Богородица а календарските сцени се во горните зони на нартексот. Во централната купола за првпат во византиската уметност е насликан Христос Седржател (Пантократор) заедно со Небеската литургија која подоцна ќе стане составен дел од сликарството. Во олтарската апсида е насликана Богородица со Христос на трон фланкирана со два архангели а под неа се претставени Причестувањето на апостолите и Литургиската служба на архиереите. На олтарската преграда северно е насликан Св. Ѓорѓи патронот на црквата а јужно Богородица Пелагонитиса кои се допојасно прикажани и се единствен пример на фреско икони на камен во Македонија од 14-от век. Над главниот влез на западниот дел во нартексот е претставена вообичаената композиција Успение на Богородица. Ктиторската композиција кралот Милутин со модел на црквата во рацете и неговата сопруга Симонида, ќерка на византискиот цар Андроник II Палеолог, заедно со Св. Ѓорѓи кој во левата рака држи меч како подарок наменет за кралот е насликана на северниот ѕид на нартексот но денес истата е видно мошне оштетена. Истотака забележителна е композицијата на двајцата од четворицата браќа кои живееле испоснички живот а тоа се Прохор Пчински и Јоаким Осоговски. Календарските сцени се издвојуваат по тоа што на нив се претставени казните кои биле изрекувани додека некој нешто згрешел. Истотака претставено е мачењето на Св. Ѓорѓи и мачењето на Исус Христос. Од третиот ред па се до пантократорот било нацртано целото детство на Исус Христос но со рушењето на црквата голем дел од фреските биле уништени. Голем дел од фрескоживописот е уништен и при течењето на црквата затоа што истата била покриена со олово кое турците го украле а потоа била покриена со керамички плочи кои биле причината за течењето на водата. Пред 15 години сменет е покривот на црквата која повторно е покриена со олово и сместени се крстови на покривот. Фрескоживописот во црквата е автентичен и истиот само е конзервиран и исчистен. Посебноста на црквата е во тоа што е зачувана првобитната олтарна преграда односно иконостасот кој што е изработен од камени столбови, паралелни плочки и орнаментира архитраф. Чувството на светост се доловува и во дворот на манастирот каде сеуште постојат гробовите на црковните луѓе и на селаните. Во дворот поставена е камбанаријата која е во поново време изградена и ако во минатото манастирската црква не била отворена за црковните обреди, денес таа е отворена и во неа се изведуваат кршевки, венчавки и слично поради фактот што истата е предадена на црквата. Со еден збор сите оние кои што немале можност да го погледнат овој стар храм, пропуштиле да видат богата и неповторлива галерија од фрески кои се ремек дело на византискиот класицизам во 14-от век од палеологовската епоха и воопшто од средновековната уметност во Македонија, Балканот и во светот. |