|
||||
Убавините на Македонија - Областа Порече |
Областа Порече или просторот кој денес го зафаќа општината Македонски Брод се наоѓа во западните делови на Република Македонија. Поточно областа се протега во средниот тек на реката Треска. Долината на реката Треска е пробиена помеѓу мошне високи планини и наликува на високо распостранета котлина, односно басен. Басенот на Порече на југ е ограничен со планината Бушева, на запад е загреден со планинскиот венец составен од планините Песјак, Челоица (Добра Вода – 2.061 m) и Сува Гора, а на исток котлината е обиколена со планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина), со нејзините ограноци Сува Планина, Караџица (2.472 m), Перчулица (2.423 m), Јакупица (Солунска Глава 2.540 m) и Даутица (2.178 m). Во однос на сообраќајната поврзаност, главна и најпрометна сообраќајница претставува регионалниот пат Р – 513, пат кој ги поврзува Прилеп, М. Брод и Кичево. Сообраќај се остварува и по патниот правец Скопје – М. Брод, преку преминот „Кула“ (Јасен), каде се поминува временски во еден правец. Истиот пат не е довршен и еден дел е претставен со макадам. Најголемиот дел од релјефот во Порече е претставен со структурните манифестации, најмногу се застапени планините кои се спомнати погоре и пробиената котлина. Поречката Котлина нема форма на права рамничарска котлина, туку наликува на разбранувана површина, пресечена со бројни речни долини и долови. Од структурниот релјеф голем интерес побудуваат планински врвови, кои овде се издигнуваа со височини од над 2.000 метри. Меѓу нив најатрактивен е врвот Солунска Глава, висок 2.540 m. Исто така, атрактивни се и врвовите: Караџица (2.472 m), Перчулица (2.423 m), Попово Брдо (2.380 m), Миленков Камен (2.217 m), Даутица (2.178 m), Бел Камен (2.074 m), Добра Вода (2.061 m), Јошков Камен (1.917 m), Дупен Камен (1.857 m), Мусица (1.788 m), Фојник (1.421 m) др. Покрај структурниот релјеф, застапени се бројни преобразби на овој првичен релјеф. Релјефните форми главно се настанати под дејство на водата и тоа изразено преку ерозијата на рецентните флувијални и карстни процеси, како и на фосилните абразивни и глацијални процеси. Ретко се забележува ерозивното дејство на денудационите и периглацијалните процеси, а исклучок се еолските и палеовулканските појави. Преобразениот релјеф во најголем случај е претставен со карстните форми, кои се меѓу најзначајните појави од ваков вид во Република Македонија. Карстот во Порече е застапен со површински и подземни манифестации. Површинскиот карст е претставен со неколку карстни полиња, како што се: Солунско Поле и Шилегарник на Мокра Пл. (Јакупица) и Живкови Дупки на Сува Гора. Исто така, впечатлива појава претставува и карстната површ „Боро Поле“. Покрај овие крупни релјефни површини, значајни појави се и подземните карстни форми, претставени со пештери и пропасти. Во областа има повеќе од 50 – тина пештери и пропасти, кои досега се доста добро проучени. Најатрактивни пештери се: Пешна – препознатлива по нејзиниот маркантен пештерски отвор (најголем на Балканот), пештерата Слатински Извор (најдолгата пештера во Р. Македонија, долга 4 km), Пурало (најбогата со пештерски украси), Горна Слатинска (пештера – тунел, со влез и излез), Змејовица, Девина, Момичек, Лапарница, Голубарник, Алена (пештера со највисока надморска височина во Р. Македонија) и др. Од пропастите најтрактивни се: Словачка Јама (најдлабоката пропаст во Р. Македонија, длабока 598 m), Длабока Јама (длабока 370 m), Солунска Јама (длабока 274 m) и др.
Климатските прилики во Порече главно се условени од поставеноста на локалниот релјеф. Областа е затворена со високи планини, кои претставуваат бариери во однос на влијанијата од околните мориња (Јадранско и Егејско Море), како и од внатрешноста на континентот, па затоа климата на овие простори главно е во согласност со локалните климатски влијанија. Климата се манифестира со ладни и врнежливи зими, додека летата се суви и топли. Во регионот има брз преод од пролет кон лето, а долг преод од есен кон зима. Хидрографијата во Порече главно е составена од реката Треска и нејзините притоки. Треска во Порече навлегува од југозапад преку Бродската Клисура (Ореовец – М. Брод), потоа тече низ централниот дел на Порече, делејќи ја областа на две половини, а од областа излегува преку Шишевската Клисура, која денес е заезерена со Поречкото Езеро (Козјак).
Низ Порече Треска прима 12 притоки, и тоа четири леви и осум десни притоки. Меѓу кои најголема и најатрактивна е реката Белешница (Беличка Река). Исто така, особена атракција претставува и понорот на Крапска Река, испод селото Крапа. Секако, впечатлива појава претставува и водопадот на Марковска Река (во близина на Слатина), висок 4 метри. Покрај реките, своевидна атракција преставуваат бројните извори, како што се: Беличките Извори, Модришките Извори (Модришки Ливаѓе), изворот „Извор“ крај Долни Манастирец, изворот „Пешна“, солениот извор во Слатина, солениот извор во Сланско итн. Во Порече нема природни езера, но затоа пак со преградување на реката Треска и формирањето на браната Козјак, создадено е вештачко езеро, кое заезерува голема површина од Поречкиот Басен. Поречкото Езеро или Козјак како што е повеќе познато, има должина од 32 km и претставува најдолго езеро во Р. Македонија. На неговите брегови, досега се изградени повеќе викенд – населби (Здуње, Близанско, Брезница), а се планира изградба и на повеќе туристичко – угостителски објекти.
За заштита на шумите како и на животинскиот свет, на просторот на долината на реката Оча е прогласена заштитена област, која се до 2008 година имаше статус на строг резерват, а последниве години природниот резерват ,,Јасен“ (ЈПУЗПП Јасен) е отворен за јавноста. Културно – историските вредности во Порече се среќаваат како археолошки наоѓалишта (разурнати населби, тврдини и сл.) и црковни светилишта. Во Порече има повеќе старини (археолошки локалитети), меѓу кои најпознати и највпечатливи се Девините Кули и ѕидините во пештерата Пешна. Меѓу сите светилишта, најважното централно место му припаѓа на манастирот посветен на раѓањето на Пресвета Богородица во село Горни Манастирец, познат уште како Поречки Манастир. Покрај овој манастир, атрактивни се црквите Св. Илија во Самоков и Св. Богородица во М. Брод, а посебна атракција претставува и новоизградената црква на врвот Фојник (1.421 m), посветена Св. Преображдение. Поречки Манастир – Св. Пресвета Богородица, Горни Манастирец Од обичаите, доста интересен и масовен обичај претставуваат ,,Велигденските Кули“. Истиот обичај се одржува во градот М. Брод и има историска поврзаност со Отоманската Империја. Во периодот на Турското ропство, Македонците од Брод го откупиле вториот ден од Велигден за да можат слободно да го празнуваат. Во чест на тој успех, извеле обред каде најпрво се оди на покрсти, а потоа се издигнува двокатна кула од луѓе, кои се наредени во круг по петмина, едни врз дргуги, што го симболизира пет вековното мрачно ропство, притоа Македонците се на вториот кат и се над Турците, и на тој начин се прославува слободата. Инаку, најмасовни манифестации во Порече се: ,,Поречки Средби“ и ,,Костенијада“. Манифестацијата ,,Поречки Средби“ се оджува во почетокот на месец јуни, а местото на одржување се менува, секогаш се избира некое ново село. Додека манифестацијата ,,Костенијада“ се одржува во средината на ноември и истата има стационарно место во градот М. Брод. Денес, во Порече се повеќе се инвестира во изградба на туристичко – угостителски објекти. Сите туристичко – угостителски објекти, располагаат со вкупен капацитет од околу 200 легла, кои засега се доволни за туристичката понуда. Најголем капацитет има хотелот ,,Поречки Бисер“ во Самоков. Исто така, доста атракнивни се рибните ресторани по долината на реката Треска, како што се мотел „Пешна“, меана „Дедо Иљо“, ресторан „Извор“, но и по долината на реката Белешница (Беличка Река), мотел „Белица“ и ресторан „Чифлик Белица“. Покрај овие туристичко – угостителски објекти, свои објекти изнајмува и природниот резерват Јасен (ЈПУЗПП Јасен).
|