|
||||
Од хоби до капитално дело - Голем германско-македонски речник |
Круна на долгогодишна работа на авторите, брачниот пар Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер од Берлин, пред неколку месеци излезе од печат досега најобемниот и најмодерен Голем германско-македонски речник. Речникот, во издание на издавачката куќа „Буске“ од Хамбург, содржи четири тома и опфаќа вкупно над 3.800 страници. Тоа се приближно 129.000 заглавни единици. Цели 18 години брачниот пар Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер работеа на неговата изработка. Освен самиот речнички дел, во прилог се наоѓаат обемни табели како за германската, така и за македонската граматика. Тие им соодветствуваат на граматичките упатства во самиот речнички дел. „Се стремевме во речникот да го вклучиме како секојдневниот јазик, така и терминологијата на многубројни струки и науки, како на пример биологија, хемија, физика, музика, медицина, политика, географија, геологија, економија и право. Освен тоа, речникот содржи голем број географски називи. Во многу случаи употребата на зборовите се илустрира со примери и фразеолошки единици. За разлика од повеќето речници, не ги избегнувавме ниту вулгарните зборови. Тие, според нас, се исто така составен дел на еден јазик и мора да бидат одразени во едно такво обемно дело“, истакнуваат Нина и Роланд. Делото на двајцата лингвисти има интересна историја. Почнало како еден вид хоби, а прераснало во производ вреден за секаква почит. Славистот Роланд, за време на студискиот престој во 1988/1989 година во Скопје, ја запознал Нина, тогаш асистентка на Катедрата за македонски и југословенски јазици на Универзитетот Кирил и Методиј. Љубовта ја крунисале со брак, Нина го напуштила работното место и заминала во Германија, каде од почетокот на 1990-те години Роланд почнал да работи како преведувач и толкувач. Во неговата работа се појавила голема потреба од речник што покрива различни сфери. „Дотогаш постојните речници ни оддалеку не ги задолуваа тие потреби. Тоа беше во средината на 90-те години. Тогаш сè почна со собирање еквиваленти на стручни термини што ги среќававме во преведувачката работа, а ги немаше во речниците. Набргу потоа почнавме и насочено да бараме зборови. Не го избравме класичниот пристап за изработка на речници. Обично цели тимови собираат со години речнички материјал, ексцерпирајќи најразлични писмени извори. Потоа резултатите се алфабетизираат и од нив се прави речник. Ние почнавме од А, па збор по збор продолжувавме до последната буква на речникот. Притоа како скелет се водевме по зборовниот состав на германскиот правопис, "Duden". Преводните еквиваленти ги баравме насочено.“ Долгогодишна макотрпна, но ентузијастичка работа „Во почетокот, кога уште не постоеше интернет, тоа беше многу макотрпна работа. Користевме речници на сродни јазици, на пример српски, хрватски и бугарски, за да најдеме сугестии какви решенија да избереме. Освен тоа, ексцерпиравме безбројни извори, како на пример учебници по физика, хемија, биологија, анатомија итн., за да натрупаме богат материјал од стручни термини. Исто така, се обраќавме до стручни лица од разни сфери со молба за терминолошка помош“, велат Нина и Роланд. Брачниот пар Шмигер, со различен интензитет, главно во вечерните часови и во слободното време, на речникот работел цели 18 години. „За тој период потрагата по зборови ни прерасна во навика, да не кажеме во манија. Веќе не сме во состојба да гледаме филм, да слушаме вести или да читаме книга без потсвесно да ги скенираме текстовите од гледна точка дали содржат некоја вредна единица за речникот. Секако, во текот на годините работата се олесни. Од една страна, нашето искуство се зголеми, од друга страна, појавата на интернет со своите безбројни извори на информација и брзиот пристап до нив ни помогнаа многу. Во прилог, освен интернетот и неговите можности, ни одеше праксата на Роланд како професионален толкувач и преведувач. Редовното соочување со законски текстови, договори, административна дописка и слични жанрови ни го отвори достапот до голем број лексички единици“, дополнуваат авторите. Тешка завршница - наоѓање издавач Со оглед што за германскиот јазик во Македонија постои се‘ поголем интерес, што е и разбирливо ако се земе во предвид ориентацијата на земјата кон ЕУ и стопанските врски со Германија, „моторот“ на Унијата, би се очекувало во земјата да постои интерес за издавање на овој речник и негово пречекување со раширени раце. Но, искуството на сопружниците Шмигер е горчливо. „Ние сакавме да го издадеме речникот во Македонија, каде што е најголем бројот на потенцијалните корисници. Преговаравме со издавачка куќа, која имаше желба да се нафати со издавањето на нашето дело, но финансиите не дозволија да се издаде таков огромен труд кој, сепак, не може да се очекува да се продаде во некој огромен тираж. На крајот на краиштата, пропадна проектот. Почнавме да бараме издавач во Германија. За среќа, издавачката куќа ’Буске’ од Хамбург покажа интерес и нашиот труд конечно виде бел свет. Чувствуваме големо олеснување што долгогодишните напори доведоа до видлив и опиплив резултат. Меѓутоа, истовремено жалиме многу што речникот, со оглед на тоа дека е издаден во Германија, само тешко ќе си го пробие патот до потенцијалните корисници во Македонија. Тоа е навистина капка пелин во чашата на радоста од успешно завршената работа“, истакнуваат Нина и Роланд. Со оглед на тоа што поради малиот тираж не добиваат хонорар за продаден примерок од речникот, тие немаат ни информација како се продава делото. Но, сепак за нив е утеха што доста научни институции и библиотеки во земјата и во странство го купиле речникот. „На пример германската амбасада во Скопје ѝ подари на Катедрата по германски јазик при Скопскиот универзитет ’Св. Кирил и Методиј’ два комплета од речникот за работата на научниците и на студентите. Тоа ни влева надеж дека, сепак, нашиот труд ќе си го најде патот до заинтересираните лица“, велат Нина и Роланд Шмигер. DW |