|
||||
На Каменот од Розета карактеристики на битолскиот говор |
И античките Македонци, како битолчани денес, не ги членувале именките со гласот „т“ на крајот. Ова го тврдат нашите научни работници Томе Бошевски и Аристотел Тентов, кои го проучуваа и дешифрираа средниот текст на Каменот од Розета. На Каменот, пронајден во 18 век во местото Ел-Рашид во Египет, запишана е фараонска наредба од 196 година пр. н.е. од кралот Епифан Петти од династијата на Птоломеите, која потекнува од античка Македонија. Бошевски и Тентов тврдат дека средниот текст е пишуван со писмото на јазикот на античките Македонци. Корените на овој јазик потекнуваат од татковината на Птолемеидите кои живееле во јужна Пелагонија, кај ископините на денешниот град Птолемаида, кој се наоѓа 60 километри јужно од Битола. Со анализирањето на текстот запишан на Каменот од Розета, Бошевски и Тентов дошле до сознание дека јазикот на античките Македонци оставил големи траги во денешниот македонски јазик. „Има околу 20 граматички правила, како што се формирањето еднина и множина, суперлативот кај придавките, формирањето пасивна форма на глаголот. Тука ја сретнавме и карактеристиката на битолскиот говор во однос на членувањето на именките. Имено, за битолчани се вели дека не знаат да зборуваат литературно, дека не ставаат 'т‘ на крајот од именките, на пример, столо, моливо и слично. Докажавме дека оваа неправилност што им се припишува, во суштина, води корени од античко-македонскиот јазик“, тврди Бошевски. Интересно е и следново мислење. Според Бошевски и Тентов, античкиот јазик е променет во 10 век со појавата на кирилицата. Од Кирил и Методиј сега нè делат околу 1.200 години. Кога тие ја формирале кирилицата, од Каменот од Розета, исто така, ги делеле 1.200 години. „Значи, тие во свое време го знаеле античко-македонскиот јазик како што ние денес го знаеме јазикот на Кирил и Методиј. Анализиравме артефакт кој никој не може да го оспори и да нè обвини дека сме го измислиле. Тој е значаен за писменоста во целиот свет“, нагласуваат тие. Трудот на Бошевски и Тентов е ставен на веб-страница на интернет: http://rosetta-stone.etf.ukim.edu.mk/. Според датотеката на „Google“, интересот за него е голем. Во последните четири-пет месеци, според посетеноста, е на првите места. „Пред извесно време дознавме дека нашиот труд може да се најде и како печатен материјал во книжарниците во Велика Британија и во САД, а искрено не знаеме како стигнал таму“, вели Тентов. Инаку, домашната научна јавност многу е скептична за резултатите на Бошевски и Тентов, особено лингвистите. „Тие не можат да се ослободат од теоријата која е сосема погрешна за нас, дека Македонците заедно со другите Словени во 5 век дошле од зад Карпатите. Ние сметаме дека нашите корени се длабоко на Балканот. Негирање има априори без аргументи, но конкретни забелешки или критика со укажување на пропусти кои би можеле да ги најдат во нашиот приод нема. Зашто она што го направивме не е измислување некоја комплицирана математика. Резултатите се едноставни. За дешифрирање на текстот, место египетскиот јазик, ние го применивме македонскиот и дојдовме до резултати“, подвлекуваат Бошевски и Тентов. Соња Тантарова-Груевска |