|
||||
ВО ГОРНА ПРЕСПА КАКО ДОМА (11) |
ПОДМОЧАНИ И ГРНЧАРИ СО УБАВИ НОВИ ГРАДБИ Селото Подмочани се наоѓа во источниот дел на територијата на Општината Ресен. Тоа е распослано на десетина километри на патот кој што води од Ресен за Љубојно, чиј дел од атарот се протега кон Преспанското Езеро, а се издига и кон планината Пелистер, каде се граничи со општината Цапари. Селото Грнчари, пак, е продолжение на Подмочани во правев кон Асамати. Тоа е верски мешано село во кое сложно живеат Македонци, над македонски Албанци и Турци Во историја на Подмочани се вели дека од секогаш било едно од најголемите села во Преспа. Но, тоа било и причината што најмногу настрадало за време на Илинденското востание во 1903 година, а потоа да стане и едно од најпечалбарските села во Преспа. Во сегашноста, пак, може да се каже дека Подмочани е едно од поголемите, поубавите, позначајните и во кое иселеничките процеси се’уште траат. Подмочани е старо македонско село со национално и верски мешано население, во кое сложно живеат претежно православни Македонци и мал број македонски Албанци. Според научните сознанија, а и според преданија на подмочанци името на ова село е етничко, префиксално и суфиксално изведено од коренот „моч“ (мочуриште), односно населбата во минатото се наоѓало под мочуриште, од што и го добило името. За Подмочани има и други преданија, но најважно е тоа што ова село од секогаш било центар и општина за селата Грнчари, Рајца, Курбиново, Претор, Асамати и Долна Бела Црква. Така било и со првото училиште од 1920 година во кое учеле и децата од овие села. Денес новото централно училиште што го носи името на славниот војвода „Славејко Арсов“ е во адаптираната зградата но некогашниот задружен дом. Тоа, всушност е административна зграда што го дели Подмочани од Грчари, меѓу кои, доколку човек не ја види таблата за името на селото, не ќе може да ќажи каде завршува Подмочани, а каде почнува Грнчари. Центарот на Подмочани Тука, кај училишната зграда, кај споменикот на Коста Кусаковски се спојува и разделува Подмочани од Грчари. Старата зграда на училиштето во Подмочани што е лоцирана на самиот влез во селото, пак, е преуредена во Младински дом и Месна канцеларија. Подмочани е значајно место и по тоа што во него постои и приватна етнолошка музејска поставка сопственост на ентузијастот Јоне Ефтимовски. Во музејот кој е сместен во приватниот дом на етнологот Ефтимовскит се изложени стари различни народни носии, накити и украси, предмети од домаќинството, оружје и други експонати. Овој етнолошки музеј е единствена ваква институција во Преспа и Македонија за која фолклористот Јоне Ефтимовски ентузијастички педесетина години го негува фолклорот и собира македонски носии од сите краишта, како и од етнички групи во Македонија и од другите балкански и други блиски или подалечни држави и региони. Дека љубовта кон народното богатство и традицијата нема граници, живо сведоштво претставува Етнолошкиот музеј на Јоне Ефтимовски. Тој е со неуморен дух и полет и за подолг период собрал над двесте народни носии од сите краишта и региони, неколку илјади разновидни експонати, околу триста и педесет комплети, а има над 2.500 заведени предмети. Тоа е музеј со непроценлива вредност каде доаѓаат патеписци, фолклористи и намерници од целиот свет. Тој е музеј кој го посетиле дури и двајца македонски претседатели - Киро Глигоров и Борис Трајковски, како и голем број уметници и видни граѓани на светот. Етнолошкиот музеј во Подмочани Во Подмочани постои црквата „Св. Ѓорѓи“ во чиј круг се и селските гробишта. Се пренесува дека на сред село некогаш постоела црква по име „Св. Никола“. Но, денес се чини новата црква „Св. Петар и Павле“ претставува пример на убав духовен, народен и преспански храм. Црквата е плод на донаторство и израз на љубовта кон селото, особено на иселениците. Затоа овој црковен комплекс е еден од значајните верски собиралишта не само за Подмочани и Преспа, туку и за Македонија. Таму е сместен и Преспанскиот крст кој е изграден во 2000 година како симбол на христијанството, а е донација на познатиот и признат иселеник Борис Ничов од Подмочани, кој педесетина години живее во метрополата Чикаго, во САД. Крстот е висок 33 метри со што симболично се прикажани годините на Исус Христос. Црковниот храм, камбанаријата и Преспанскиот крст се изградени на местото викано Горица, над селото Подмочани, од каде се гледа најголемиот дел од Преспанска Котлина и голем дел од Преспанското Езеро. Благодарение на голем број иселеници и, секако на селаните од Подмочани (првите помогаат со пари, вторите со работка рака), за неколку години се изградија три христијански храма: „Свети Ѓорѓи“, „Света Петка“ каде има лековита вода и најимпозантната црква „Свети Петар и Павле“ на панорамска Горица. Црквата „Свети Петар и Павле“ е главно собиралиште на мештаните, кои го одржуваат местото, црквата и крстот, потоа на намерниците кои доаѓаат да запалат свеќи и на вљубениците во Преспа, кои уживаат на прекрасната гледка кон Преспа и Преспанското Езеро. Во историјата на Пормочани е забележано дека од оваа преспанско село води потекло, меѓу другите, Трајко Китанчев (1858-1895), педагог, публицист, писател и поет, академик на Бугарската академија на науките, и професор-филолог на Московскиот универзитет, како и претседател на Врховниот комитет на ВМРО. И корените на архимандрит Панарет, ректор на Пловдивската семинарија се од Подмочани. Училиштето „Славејко Арсов“ во Подмочани Исто така, од ова село се и војводата Кочо Кочовски, учесник во Илинденското востание, а за слобода на Подмочани, Преспа и Македонија ги дале своите животи и: Коста Кусаковски, Петар Ристевски, Милан Стојчевски, Мите Фотевски, Ѓорѓи Шушевски и Панде Стефановски. Денес за Подмочани се грижат голем број иселеници во светот, меѓу кои, Борис Ничов, Калче Магдески, Мите Стојановски, Дорче Николовски, Марјан Кочовски и многу, многу други Македонци чиј корени почнуваат во Преспа, а завршуваат во туѓина. Затоа Подмочани е наречено дека е едно од најпечалбарските села во Преспа. Селото Грнчари, пак, е продолжение на Подмочани во правец кон Асамати. Тоа е верски мешано село во кое сложно живеат осумдесетина Македонци, над триста македонски Албанци и десетина македонски Турци. Во него постои црквата „Св. Атанас“, каде се наоѓаат селските гробишта, познатиот манастир „Св. Илија“ што се наоѓа на 4 км источно од селото и џамијата во селото, за која се претпоставува дека е изградена врз темели на македонска црква. Исто така во Грчари има и Теке кое било изградено во 1935 година. Треба да се потенцира дека над село Грнчари, кое е опкружена со живописна природа, сочувана е малата еднокорабна црква „Св. Илија“. Таа е изградена од камен и тула, а е засводена со полукружен свод. Првиот, постар живопис, временски се совпаѓа со градењето на црквата. За него, науката претпоставува дека потекнува од првата половина од XIII век. Од овој фрескопис сочуван е фрагмент од композицијата “Успение Богородичино” и композицијата “Преображение Христово”. Втората фаза на живописување се совпаѓа со времето на обновувањето на црквата.
Манастирот „Св Илија“ Џамијата во Грчари Интересно е да се напомене дека во манастирот „Св Илија“ е насликан свети Ахил, светец чиј култ бил особено карактеристичен и многу почитуван во околината на Преспа. Тој е претставен зад иконостасот, на јужниот ѕид. Инаку, карактеристично за селото Грнчари е тоа што дека до Втората светска војна немало ниту еден со средно образование, а по ослободувањето со вишо и високо образование се стекнале педесетина грнчарци, меѓу кои и еден доктор на науки и многу други интелектуалци и познати личности во општественото живеење на Република Македонија. Инаку, селото Грчари кое е залепено на Подмочани на патот кон „Маркова Нога“ е многу карактеристично по тоа што скоро од секоја куќа има по еден гурбетчија. Грнчарци важат за големи домаќини и газди. Тоа се гледа по нивните куќи, во кои има и дури и лифт, по дворови во кои се прават богати свадби, по луксузните возила. За намерникот или посетителот Грнчари со своите преубави куќи од кои повеќето се отвораат само во летниот период, личи на некоја странска населба. Продолжува
|