|
||||
ВО ДОЛНА ПРЕСПА КАКО ДОМА (3) |
ВО ДОЛНОПРЕСПАНСКИТЕ СЕЛА КРАНИ И АРВАТИ Крани е познато како едно од најубавите летовалишта на брегот на Преспанското Езеро. Летовалиштето се наоѓа во регионот на Крани и го носи името на селото Крани. Таму, недалеку од песочните плажи се сместени камп приколки, ресторан и хотелот во сопственост на MВР. Сите овие објекти во текот на летниот период претставуваат вистински рај за летувалците и другите посетители Многу години летовалиштето Крани беше собиралиште на туристи од сите делови на Македони. Затоа, со право се вели дека најтуристичкото место во Долна Преспа е Крани. Тоа, пред се’, се потврдува со хотелскиот комплекс на МВР и со новиот хотел ресторан “Капри“, и автокампот и другите туристички објекти кои значат иднина за овој дел на Долна Преспа. Големи се можностите што овој туристичкиот комплекс во Крани може да ги понуди со цел да стане атрактивен туристички центар. Природните убавини на Преспанското езеро, сместувачките капацитети, ресторанските услуги, песочната плажа и спортот се дел од приказната за иднината на летовалиштето Крани. Но се чини дека Автокампот Крани нуди услуги за кои цените во однос на останатите турисатички места се преполовени а квалитетот е на висина. Затоа, преспанчани посебно се среќни за ревитализацијата на овој автокамп. Локалната самоуправа го подржува инвеститорот „Капри“ и се надева дека автокампот ќе го врати поранешен сјај на одморалиштето Крани и дека ќе направи туристички бисер на Преспанското Езеро. Инаку, селото Крани се наоѓа во југоисточниот дел на Општината Ресен и е лоцирано во подножјето на планината Баба, односно на југозападната падина на Пелистер, на надморска височина од околу 1 000 метри. Селскиот атар на запад го заплискуваат водите на источниот брег на Преспанското Езеро. Од Ресен е оддалечено околу 20 километри. Атарот на селото зафаќа простор од околу 7 километри квадратни, со што претставува едно од најголемите, ако не и најголемо село во Долна Преспа. Плажа во Крани Интересно е да се спомене дека селото Крани од источната страна се граничи со селото Арвати, при што тие сосема се приближени едно до друго, така што посетителот не би можел да разграничи до каде се протега Арвати, а од каде почнува Крани, затоа многумина мислат дека овие две села имаат заедничко селско подрачје, заедничка судбина на опстојувањето и, се разбира, заедничка иснина. Со еден збор. Едно без друго село не ќе може да опстои и да има светла иднина на овие македонски простори. Во селото има основно училиште до четврто одделение, пошта, Дом на културата, продавници, месна заедница, амбулантата на д-р Асиме Османи, земјоделската аптека со железарија „Преспа промет“ сопственост на Васил Јанкуловски од Наколец и друго. Тие заедно, на свој начин ја трасираат иднината на селото. Во оваа пригода ќе смоменеме дека во селото Крани постојат пет цркви и една џамија. Црквата „Света Богородица“ (Пречиста) се наоѓа во селото, а е подигната во 1876 година и до неа се наоѓаат селските гробишта и црквата „Свети Никола“, потоа црквата „Свети Илија“ која е донација на мештанинот Петре Трифуновски, кој живее во Торонто, новата црква „Света Богородица“, изградена во 1995 година и црквата „Свети Ѓорѓија“, која е обновена од мештанинот Петре Јаневски. Џамијата, пак, се наоѓа во источниот дел на селото, на синорот со селото Арвати и служи за муслиманските верници од двете села. Нема податоци за нејзината изградба, но се претпоставува дека е подигната во текот на XIX век. Од Крани потекнуваат помал број иселеници во дијаспората, меѓу нив се: Перо и Славе Кирицовски, Љубе Секуловски, Васил Димитриевски, Тони Николовски, Цветко Црковски, Ристо Трифуновски, Донка Лозановска – Трифуновска, како и од печалбарските семејства Јовановци, Ристемовци, Садиковци, Серветовци. Исто така од Крани потекнуваат и универзитетските професори д-р Зини Османи, д-р Имер Оџа и др. Исто така, се вели дека Арвати е едно од помалите села во Долна Преспа. Тоа се наоѓа во југоисточниот дел на Општината Ресен, во подножјето кон исток од селото Крани и е сместено во пазувите на Баба Планина, на надморска височина од околу 1000 метри. Од градот Ресен е оддалечено околу 20 километри. Атарот е доста голем и зафаќа простор од 29 километри квадратни. Во него преовладуваат пространи шуми и пасишта, а помалку обработливо земјиште. Инаку, Арвати се граничи со следните населби: од исток со Нижеполе, Битолско, од североисток со Брајчино, од југ со Штрбово, од запад со Крани, од север со Сливница, од североисток со Маловиште, Битолско и еден мал дел се граничи со Курбиново Се претпоставува дека кон крајот на XVI век и почетокот на XVII век кога предците на денешните жители кревале селански буни во Хрватска, решиле да бараат засолниште некаде далеку, во други краеви. Си го собрале целиот свој имот и тргнале кон југ, мислејќи дека во Македонија животот ќе им биде подобар, посигурен и позасолнет. Дење патувале, а ноќе преспивале каде ќе ги стемнело и сè така талкале додека не стасале до денешниот регион на Арвати. Пишаните документи за селото Арвати, пак, датираат уште од втората половина на XVI век, поточно од 1568 година, кога во него живееле 25 семејства. Во текот низ вековите, бројот на жителите во селото Арвати бил различен. Денес во него живеат околу 130 жители, од кои 60 се Македонци, а 75 се македонски Албанци. Во атарот на Арвати постојат следните верски објекти: македонските православни цркви: „Света Богородица“, која е над селото и се смета дека е од времето на цар Самуил, потоа црквите „Свети Никола“, „Света Недела“ и црквата „Свети Архангел“, во чиј круг се наоѓаат селските гробишта. Џамијата, пак, која се наоѓа на синорот на Крани и Арвати служи и за муслиманите од Арвати. Интересно е да се спомене дека во минатото на Кранската Река, која извира од Баба Планина, поминува низ Арвати и Крани и се влeва во Преспанското Езеро, имало осум воденици и една валавница, како и хидроцентрала, која ги снабдувала двете села со електрична енергија. Во Арвати, според големината на селото, има поголем број жители иселени во странство, меѓу кои: бизнисмените Стево Пановски, Јонче и браќата Илија и Миле Недановски и Љубе и Миле Лозановски, во Детроит, потоа големото семејство Лозановски во Торонто. Со високо образование во САД и Канада се: Јулијана Пановска, Никола Секуловски, Христина Пановска и Мајкл Крунтовски, додека од Арвати се и следниве интелектуалци: инженер-агроном Ристо Крунтовски, кој е познат со своите трудови објавени во Земјоделски календар, потоа проф.Методија Лозановски, Дарко Крунтовски, Јасмина Лозановска, Љупчо Пампулевски, професорот Ефтим Лозановски, Пецо Котевски,Стево и Снежана Крунтовска, Гани и Дрита Исмаили и други . Од Аравати посебно место во литературата имаат Али Алиу и Алексо Лозановски. Али Алиу е универзитетски професор и академик, есеист, критичар, книжевен историчар, теоретичар, преведувач и приврзаник кон албанската кауза како интелектуалец од албанска националност во Македонија. Тој е автор на следните дела: „Расправи“(1975); „По тековите на книжевноста“ (1978); „Истражувања“ (1979); „Критики“ (1980); „Книжевни студии“ (1982); „Теорија на книжевноста“ (1984); „Литературни читања“, „Литература“ (1995); „Дон Кихот меѓу Албанците“ (1996); „Книжевни рефлексии“ (1999); „Антологија на современата албанска поезија“ (2000) и други. Алексо Лозановски е еден од основопшоложниците на Литературното друштво „Браќа Миладиновсци“, кое постои во Македонската православна црква „Св.Климент Охридски“ во Торонто. Тој, меѓу другото, бил претседател на оваа значајна македонска литературна асоцијација. Алексо е е член на Друштвото на писателите на Македонија. Алексо е автор на повеќе литературни остварувања, меѓу кои: „Од итар поитар“ (1995); „Скаменети траги“ (1996); „Прозорци“ (1999); „Арвати“ (2001); „Народни преданија“ (2005); „Подарен цвет“ (2005); „Народни приказни“ (2007) и „Светулка“ (2011). Монографијата „Арвати“ од Алексо Лозановски е најзначајно и вечно дело за Арвати, издание на „Менора“, Скопје 2001, 1-302, а публикацијата „Дон Кихот меѓу Албанците“ е дело на Али Алиу. Неколку поетски и прозни остварувања на Алексо Лозановски оставија белег во македонската иселеничка книжнина. Посебно место во неговиот опус има стихозбирката „Светулки“, во која Алексо Лозановски ги покажа и докажа неговите поетски постигнувања. Со своите поетски остварувања во стихозбирката „Светулки“ тој успеа да ја осветли иселеничката судбина. Затоа, со право се вели дека селото Арвати е малечко пранинско село, но од него излегле многу видни интелектуалци, кои се дел од македонска вистина во дијаспората и во Република Македонија. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |