|
||||
ИЗРАЕЛ - ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (4) |
ДЕЛ ОД ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА ИЗРАЕЛ Израел, или на еврејски Medinat Israel, е еврејска држава во Палестина, во Ветената земја на Евреите, во која дошле по ропството во Египет и долгото лутање по пустината. Името, пак, Палестина, на еврејски Erez Israel (потекнува од Филистејците) најголемите непријатели на Евреите, го добила од Римјаните. Сите настани во Светото Писмо (Библијата) се случувале токму во Палестина, која секогаш е третирана како родна земја на Евреите. Зборот Евреи, на еврејски Ivrim има неколку значења. Едно од значењата е: дојденци, оние кои дошле од друга земја, име со кое другите народи ги нарекуваат Израелците. Аврам се нарекувал Евреин, а Мојсеј добил заповед на фараонот да му предаде порака од „еврејскиот Бог“. Во Новиот завет, во Делата апостолски со името Евреи се нарекувале палестинските христијани, кои зборувале еврејски или арамејски. Не постои „еврејски“ или „еврејски јазик“ како ознака на древниот јазик на Евреите во Стариот завет. Древниот еврејски јазик се нарекувал канаански или јудејски јазик. Изразот „еврејски јазик“ што се среќава во Новиот завет се однесува на арамејскиот јазик. Тој јазик во последните векови пред појавата на Исус Христос, го истиснал еврејскиот во богослужењето. Другото значење за името Евреи, ја означува семитската група племиња кои дошле во Арабија и се населиле во Канаан. Тие живееле како одвоени групи околу 1.000 години пред Христа кога опасноста од Филистејците ги принудила да се здружат под заедничкиот цар Саул. За време на владеењето на Давид и Соломон, Евреите доживеале најголем напредок, но по смртта на Соломон се поделиле во две независни царства. Ерусалим За Евреите се знае дека се еден од најстарите народи во светот. Тие првобитно живееле племенски, биле древни сточарски племиња кои од Арабија се спуштиле во Палестина од XII до X век пр.н.е. Поради недоволната плодност на земјиштето и гладот, овие племиња се преселиле во Северен Египет, но таму тие потпаднале под таканареченото „Египетско ропство“. За да се ослободат од ропството, по подолго време, пак, се вратиле во Палестина. Меѓутоа, со текот на времето во нивната непосредна близина се населиле Филистејците, кои ги напаѓале областите населени со Евреи. Овие борби го забрзале обединувањето на еврејските племиња – Израелци и Јудејци во едно царство на чело со еден од водачите на Јудејците, царот Давид. Тоа се случило околу 1.000 година пред Христа кога Давид успеал да ги разбие Филистејците, а градот Ерусалим да го прогласи за престолнина на државата. Преданијата за Светиот храм говорат дека за време на патувањето низ пустината, Евреите имале подвижно светилиште, Шаторот или Скинијата на Заветот, во кој бил Ковчегот на Заветот и облакот кој го означувал Божјото присуство. Давид сакал да му подигне храм на Бога, но поради неговите гревови не го сторил тоа, туку му ја препуштил задачата на Соломон. Тој го изградил храмот околу 950 година пред Христа, меѓутоа Вавилонците го срушиле во 586 година пред Христа. Пристаниште во Ашход Вториот храм бил изграден во периодот меѓу 520 и 516 година пред Христа со големи напори на пророците Агеј и Захарија. Ирод Велики го подигнал третиот храм во 19-та година пр.н.е., но Римјаните го срушиле во 70-та година од н.е. и до денес се останати рушевините од него – „Ѕидот на плачот“. Храмот бил единственото место каде Евреите можеле да ги принесуваат жртвите. Тој бил верски центар за сите Евреи. По разорувањето на последниот Храм, како место за богослужење се користеле синагогите. По смртта на Соломон, од единственото царство се отцепила северната област која се организирала во посебно царство – Израел. Израел водел чести војни со соседната држава на Асирците. Асирците го освоиле Израел, така што тој потпаднал под „Асирско ропство“, додека Јудејското царство опстанало уште околу стотина години како самостојно. Меѓутоа, вавилонскиот цар Навуходоносор, во 586 година пр.н.е. ја освоил Јудеја, со што и двете еврејски држави ја изгубиле својата независност. Тогаш бил срушен Царскиот двор, бил спален прекрасниот Храм на Богот Јехова во Ерусалим, додека Јудејците биле протерани во таканареченото „Вавилонско ропство“ т.е. во Месопотамија. Тоа било првото еврејско раселување во светот, таканаречената дијаспора. Меѓутоа, поголемиот број Евреи се вратиле од „Вавилонско ропство“ по педесетина години. Сепак, и тогаш не биле слободни, тукку во период од околу двесте години морале да ја признаваат туѓинската власт. Овој историски развој на Евреите детално се прикажува во Библијата, при што историските настани се испреплетени со религиозни преданија. Поточно, во Библијата пишува за родоначалникот на Евреите, Авраам, кој бил на чело на дванаесетте еврејски племиња и кој од Арапската пустина ги одвел во Палестина – земјата во која „тече мед и млеко“. На враќање од Египет во „земјата на татковците“ како водач на Евреите се споменува Мојсеј, познат и по тоа што на несложните еврејски племиња им ги предал „Десетте божји заповеди“ во кои биле точно определени обврските на Евреите кон единствениот бог Јехова. Во таквите бурни, немирни времиња за Евреите – нивното паѓање под разни ропства, борбата за опстанок, преселувањата, кај нив се родила една цврста вера во еден бог Јехова, чиј избран народ биле токму тие – Евреите. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |