|
||||
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: БОГОЈА ФОТЕВ ОД ГЕРМАН – ГОЛЕМ РЕВОЛУЦИОНЕР И СТРАДАЛНИК (1) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Посебно место меѓу Македонците од Долна Преспа зазема Богоја Фотев од Герман кој беше револуционер и претседател на Президиумот на АСНОМ. Тој e македонски револуционер, државник, носител на Партизанска споменица 1941. На Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) бил избран за член на Президиумот на АСНОМ и за прв повереник за финансии. На Второто заседание на АСНОМ (28–30 декември 1944) бил избран за повереник за земјоделство, по што се ангажирал за успешната пролетна сеидба. На Третото заседание на АСНОМ (14–16 април 1945) бил избран за член, а во пролетта на 1945 година бил избран и за претседател на Президиумот на Народното собрание на Македонија. По Резолуцијата на Информбирото како неподобен засекогаш бил отстранет од сите функции Богоја Фотев е роден на 14 август 1900 година во селото Герман, во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија. Како син на преспанскиот војвода Наум Фотев Геровски, член на ТМОРО и учесник во Илинденското востание, Богоја Фотев уште во раното детство бил задоен со револуционерни идеи. По задушувањето на Илинденското востание во 1903 година, татко му Наум бил еден од првите Преспанци кој со неколкумина емигрирал во Соединетите Американски Држави, но, веќе во 1904 година се вратил во родното место. Десет години подоцна, во 1924 година, семејството на Богоја Фотев се преселило во битолското село Бистрица. За тоа време Богоја се школувал, најпрво, во родното место, а потоа во Битола и Охрид. Инаку населбата Бистрица, каде Богоја Фотев го помина својот живот и каде се наоѓа неговото вечно почивалиште е оддалечена 5 км од Битола. Таа се наоѓа на регионалниот пат Битола-Драгош кој води до граничниот премин со јужниот сосед. Често за Битрица се вели дека е ни село ни град, од каде потекнуваат поголем број видни личности во општественото живеење на Македонија По Првата светска војна, поточно во 1924 година, во тешката економска криза која владеела во поделена Македонија го натерала Богоја Фотев неколку години да замине на печалба. По двомесечно патување преку Австрија, Швајцарија и Канада пристигнал во Соединетите Американски Држави, каде работел две години во сојузните држави Илиноис, Мичиген, Охајо и Пенсилванија. За време на престојот во „ветената земја“ го чувствувал тешкиот печалбарски живот и како работник во фабрика за автомобили се разбудил неговиот револуционерен дух што го доближил до работничкото движење. Во есента 1926 година, Богоја Фотев се вратил во Македонија и активно се вклучил во општествено-политичкиот живот. Во текот на 1933 година, на општинските избори во село Буково влегол со своја кандидатска листа за општински советници, но неговиот избор го спречила власта. Меѓутоа, тоа не го попречило во 1936 година да се приклучи и да учествува во активностите на Македонскиот народен покрет (МАНАПО), формиран по иницијатива на македонските студенти од Зaгрепскиот и Белградскиот универзитет. Панорама на селото Герман Движењето МАНАПО во своите напори да ги обедини прогресивните сили во единствен македонски фронт, стапило во тесна врска со македонските комунисти. Непосредно пред Втората светска војна, по укинувањето на движењето, најголем дел од членовите се придружиле на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Меѓу нив бил и Богоја Фотев кој го основал Месниот комитет на КПЈ за Битола. Но, по провалата во 1940 година во битолската организација, Фотев бил уапсен и осуден на петгодишна затворска казна, која потоа ја издржува во затворот на Сремска Митровица. Инаку, родното место на Богоја Фотев е селото Герман, во Долна Преспа, за кое првата и најстара легенда е дека германчани пред доаѓањето на Римјаните своето село го имале долу на крајбрежјето на Преспанското Езеро близу денешниот (затворен) граничен премин Маркова Нога. Селото Герман е едно од најголемите населени места во Преспа. Во селото, во 1888 година е пронајдена надгробна плоча на комитата Никола, жена му Рипсимија и синот Давид. Таа била поставена таму од цар Самуил. Гробот на кого што била поставена не е пронајден, но се смета дека се наоѓал во црквата „Свети Герман“. Не е познато кога умреле Никола и жена му, а Давид бил убиен во 976 од некои Власи во местото „Убавите дабови“ крај Костур. Се претпоставува дека комитата Никола умрел во селото Герман или во околината, каде што и може да управувал. Моментално плочата се наоѓа во Софискиот музеј, најверојатно, пренесена во виорот на војните. Посебна епизода во приказната за убавините на овој дел на Егејска Македонија е дека Долна Преспа е природен резерват на убавина и на бројни историски и културни знаменитости. Тука е островот „Свети Аил“ на којшто уште живеат малкумина Македонци што останале на родните огништа и со столетија ги чуваат спомените за големиот македонски цар Самуил. Имено, на овој остров некаде околу 970 година живеел Самуил и тука го изградил огромниот манастир и црква посветена на светецот Аил, чии коски ги донел од Лариса. Сѐ уште стојат делови од таа црква, заедно со една помала црква на задниот дел на островот. Во биографските податоци на Богоја Фотев е забележано дека окупацијата на Југославија тој ја дочекал во затворот во Сремска Митровица. На 22 август 1941 година, заедно со Орце Николов, Бане Андрев и други затвореници, избегале од затворот и се приклучиле на Фрушкогорскиот партизански одред. Набргу потоа, македонските комунисти добиле задача да се вратат во Македонија, каде се вршеле подготовки за создавање на првите партизански одреди. Во тие турбулентни времиња, при обид да влезе во Македонија, Фотев бил фатен од бугарската полиција. Во недостаток на докази тој бил ослободен во јули 1942 година, но, во летото 1943 година повторно бил затворен и интерниран во Бугарија. Од Бугарија Фотев се вратил кон крајот на 1943 година и набрзо заминал во партизани и пристапил на Првата македонско-косовска ударна бригада. Како истакнат борец, Богоја Фотев бил предложен за делегат на АСНОМ, како претставник од Битолскиот и од Мариовскиот Регион. По десетдневно ноќно патување со група делегати Фотев пристигнал во манастирот „Свети Прохор Пчињски“. На 2 август 1944 година на Првото заседание на АСНОМ бил избран за член на Президиумот на АСНОМ, а потоа бил назначен за повереник (министер) за финансии и секретар на Президиумот на АСНОМ. Во неговите биографски податоци е запишано дека како „чувар на трезорот“, Богоја Фотев се грижел за „Првата македонска државна каса“, која истовремено претставувала државен трезор и зародиш на Народната банка на Македонија. Под неговото будно око, се чувале парите запленети од неколку филијали на Бугарската народна банка. Истовремено, тој бил задолжен со Киро Глигоров да ја проверат можноста дотогашните валути левот и лекот да бидат заменети со бонови, што во практика не било спроведено. Со појавата на динарите во 1944 година, на првите книжни пари за првпат се појавува и името на Македонија на кирилица, со што се поставуваат темелите на финансискиот, како дел на државноправниот суверенитет на Македонија. Богоја Фотев го издал и првиот налог за контрола на дотогашното работење на Бугарската народна банка, филијала Скопје, што претставува прва супервизија во финансискиот и банкарскиот сектор на Македонија. Значајмо е да се одбележи дека на Второто заседание на АСНОМ одржано од 28 до 30 декември 1944 година, Богоја Фотев бил избран за повереник за земјоделство, по што се ангажирал за успешната пролетна сеидба. На Третото заседание на АСНОМ одржано од 14 до 16 април 1945 година, тој бил избран за член, а по оставката на Методија Андонов-Ченто во пролетта 1946 година ја вршел и функцијата претседател на Президиумот на Народното собрание на Македонија.
Споменикот на АСНОМ во Скопје На таа функција останал до декември 1950 година, кога паднал во немилост кај своите сопартијци. По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото, кај Фотев се јавила дилема за исправноста на ставот кој го зазема Белград кон Москва, со што станува неподобен. Партиското раководство предводено од Лазар Колишевски, несакајќи да ја повтори грешката со Ченто го принудило да даде оставка од сите функции и да се пензионира. Соочен со огромен притисок, како врз него така и врз неговото семејство, Богоја Фотев посегнал по својот живот, но не успеал да се самоубие. На почетокот на 1951 година со сопругата се враќа во селото Бистрица, Таму започнала една нова. судбината на Богоја Фотев која била чудна и единствена. Тој, всушност, е една од најголемите жртви на информбировските години кога ќе доживее невидени трауми, а во еден момент дури и ќе посегне по својот живот. Во озлогласениот логор ќе бидат испратени сите негови најблиски - синот Јонче, братот Геро, шурата Илија Шмакевски, првиот братучед Методија Стојчевски. Тогаш од Партијата биле исклучени неговата сестра Вида и внукот од брат Никола. Според Виолета Ачкоска и Никола Жежов, автори на книгата „Репресијата и репресираните“, Фотев спаѓа во плејадата комунисти задоени со љубовта спрема Сталин, со вербата во меѓународната пролетерска солидарност, со победата на светската револуција, чиј водечки одред ја сметаа Советската комунистичка партија. Богоја Фотев, како и многумина фанатични верници во комунизмот, не можел преку ноќ да се промени и да верува во спротивното, да ги отфрли СССР и интернационализмот и да верува само во КПЈ и во Тито. Тие денови кога бил на функцијата претседател на Президиумот на Народното собрание се нашол на тешко искушение, а на Крсте Црвенковски, негов тогашен секретар, му говорел за таа дилема: „Не знам на кого да му верувам – навечер, слушајќи го Радио Москва, си велам тие се во право, утредента, читајќи ги весниците и особено статиите од Моша Пијаде, доаѓам до заклучок дека Моша Пијаде е во право. Па не можам да се двоумам околу исправноста на еден толку добар комунист, кого го запознав во затворот во Сремска Митровица“. И така Богоја Фотев западнал во голема депресија. Околу судирот на КПЈ со Советската комунистичка партија самиот Фотев вели: „По Резолуцијата, јас застанав на линија на нашата партија. Не се обелодени веднаш сето она што беше причина за судирот, туку, главно, се зборуваше за Резолуцијата. Во мавровските села ги објаснував причините за нападот врз Југославија...“, истакнува тој, подвлекувајќи дека кога судирот веќе почнал да се разгорува и стигнал дотаму да се каже дека СССР е најголемиот непријател на југословенската револуција, тој не можел да го проголта тоа. За жал, на својот 90–ти роденден, во 1990 година ја прифаќа партиската рехабилитација и станува член на СКМ-ПДП. Умира на 27 јануари 1993 година, во селото Бистрица, Битолско. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите |