|
||||
ИЗРАЕЛ - ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (7) |
ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА ИЗРАЕЛ ДЕНЕС Според монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин, а во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“, од Скопје и Фондација „Ѓорѓија –Џорџ Атанасоски“ од Прилеп, 2017, 1-376, (на англиски, македонски и хебрејски), авторовото патувањето во Израел беше дел од неговите посети на педесетина различни земји ширум светот Во ова дело, меѓу другото, се вели дека Израел е суверена држава во Западна Азија. Земјата е сместена на Блискиот Исток на југоисточниот брег на Средоземното Море и на северниот брег на заливот Акаба во Црвеното Море. Таа граничи со Либан на север, со Сирија во североисточниот дел, со Јордан на исток, со палестинските територии (за кои се тврди од страна на државата Палестина дека се делумно под контрола на Израел) и Египет на југозапад. Израел има географски различни карактеристики во рамките на релативно малиот простор. Финансиски и технолошки центар на Израел е градот Тел Авив, додека Ерусалим е самоназначен главен град, кој не е признат од Обединетите нации, но е најнаселен град и е под владината администрација на земјата. Во текот на нашиот престој од пишаните документи бевме информирани дека на 29 ноември 1947 година, Генералното собрание на Обединетите нации препорача усвојување и имплементација на Планот за поделба за Палестина. Овој план на ОН ги утврди границите за новите арапски и еврејски држави, а е одредена и површината на Ерусалим и неговата околина која требаше да биде спроведена од страна на ОН под меѓународна контрола. Британскиот мандат за Палестина заврши на полноќ на 14 мај 1948 година. Тој ден, Давид Бен-Гурион, извршниот шеф на Ционистичката организација и претседател на Еврејската агенција за Палестина, прогласи формирање на државата Израел. Според Државниот завод за статистика на Израел, на пописот во 2014 година, бројот на населението во Израел изнесувал 8.146.300 жители. Со 6.212.000 граѓани или 74,9% таа е држава со најбројно еврејско мнозинство во светот кое се регистрирало како Евреи. Втората поголема група граѓани која ја сочинуваат Арапите, брои 1.718.400 жители, а другиот дел се христијани и други народи. Според основните закони, Израел се дефинира како еврејска и демократска држава. Израел е претставник на демократијата со парламентарен систем и пропорционална застапеност на универзалното право на глас. Премиерот е шеф на Владата и Кнесетот како законодавно тело. Израел е развиена земја и членка на ОЕЦД. Таа беше на 37. место во светската економија по номинален бруто-домашен производ во 2014 година. Пристаниште во Еилет Израел е земја со висококвалификувана работна сила и е меѓу првите земји во светот по образование со највисок процент на граѓани кои имаат дипломи за високо образование. Таа има највисок стандард на живеење на Блискиот Исток и четврт највисок во Азија, а луѓето имаат најдолг век на живеење во светот. Израел е развиена индустриско-аграрна земја со природни богатства во кои доминираат фосфати, сол, магнезиум, железо и бром, со мали резерви на нафта и природен гас. Главни индустриски гранки се металургијата, производството на машини, автомобили, авиони, бродови и оружје, потоа хемиската, фармацевтската, електронската, прехранбената индустрија и индустријата за широка потрошувачка. Во земјата постојат околу 750 објекти за обработка на дијаманти (над 50% од светското производство). Земјоделството обезбедува околу 75% од прехранбените потреби на населението. Изградени се и се градат цели мрежи на водни акумулации, каптажи и канали, вклучувајќи ги и пустинските области каде што е овозможено одгледување на суптропски култури. Сите видови сообраќајни врски се на висок степен на развиеност. Парична единица во Израел е нов израелски шекел. Првите литературни пројави во Израел од 1948 година беа определбите и творештвото на писателите дојдени од Европа, кои пишуваа, главно, на јазиците јидиш и ладино, а подоцна и на обновениот хебрејски јазик. Логично е дека и темите и атмосферата во европските земји беше пренесена во делата на еврејските/израелските творци. Дури при крајот на XX век, израелската литература позначајно се свртува кон „сопствените“ современи теми од авторите веќе родени во Израел. Паралелно, музичкото творештво, како и секое друго уметничко создавање, помина сличен пат, под влијание на европските уметнички текови. Сепак, во повеќето творечки изрази секогаш беше присутна и врската со корените никнати милениуми наназад, третирани на современ начин во една синтеза специфична за творештвото на израелските уметници. Првите универзитети се отворени во Хајфа (1912) и во Ерусалим (1918). Притоа, службени јазици се хебрејскиот и арапскиот, нашироко се користи англискиот, а во последно време и рускиот јазик. Ерусалим е најсветиот град на јудаизмот, третиот најсвет град во исламот и свет град за христијанството. Тој е основан во IV век пр.н.е., затоа е еден од најстарите градови во светот и, според верувањата, тоа е местото каде од Земјата се оди кон небото. Во него во минатото се влегувало низ Златната порта и, токму низ оваа порта Исус за првпат влегол во градот. Меѓутоа, во 1541 година, султанот Сулејман Величенствениот ја запечатил Златната порта и таа и денес е затворена. Во Ерусалим се наоѓа улицата „Виа Долороса“, која кај христијаните е позната како Пат на страдањето по кој чекорел Исус од местото каде бил осуден до местото каде бил распнат на крстот; а верниците кои го поминуваат овој пат симболично го претставуваат страдањето на Исус Христос. Ерусалим е лулката на духовништвото и место каде се наоѓа црквата на „Светиот гроб“, изградена на местото каде се верува дека Исус бил распнат. Над Ерусалим се наоѓа Маслиновата Гора, свето место за христијаните и муслиманите; токму таму се наоѓаат гробот на мајката Божја, света Богородица, црквата на Марија Магдалена и Гетсиманската градина, местото каде Исус честопати се молел и каде ги поминал последните часови од животот; таму се наоѓа „Црквата на сите нации“, за која се верува дека на тоа место Исус се молел пред да биде спроведен од Римјаните. Планината Сион е уште едно од светите места во бројните светилишта во Ерусалим. Се верува дека таму било местото на тајната вечера, каде верниците ја посетуваа и гробницата на Давид. Ерусалим е местото каде се наоѓа Ѕидот на плачот, свето место за Евреите кои таму доаѓаат да се молат и каде во пукнатините (дупките) на ѕидот ги оставаат напишаните молитви и желби, со верување дека молитвите пред Ѕидот на плачот одат директно до Бога. Ерусалим Ѕидот на плачот за Евреите е дел од некогашниот храм на кралот Соломон, а за муслиманите тој е свето место, бидејќи од едната страна на ѕидот се издига џамијата Ал - Акса, место на кое воскреснал пророкот на муслиманите, Мухамед. Со тоа може да се каже дека Ерусалим е портата или предворјето каде се чувствува рајот и Бог. Местото каде се случило Господовото преображение, гробот на воскреснатиот Лазар, просторијата каде се одржала Светата евхаристија, односно местото каде се одвивала тајната вечера. Христијаните сметаат дека тоа е местото каде Бог им кажува како тие треба да се спасуваат како христијани. Затоа се смета дека Ерусалим како дом на три религии, несомнено е многу блиску до небото, бидејќи токму таму човек може да биде сведок на сопственото духовно издигнување, да најде мир и да се доближи до Бога да биде поттикнат да ги почитува и туѓите религии, зошто верувањето во Бога е исто и за Евреите, и за христијаните и за муслиманите. Аџилакот во Светата земја Израел, пак, е во поклонение на празниот гроб на Господ Исус Христос и посета на сите места каде чекорел и ги правел чудата опишани во Библијата. Аџилакот претставува поттик кон утврдување на библиските вистини и кон искрена вера во Господ Исус Христос. Да се чекори по стапките на Господ Исус Христос и да се почувствуваат сите места по кои тој одел и го пренесувал словото е неопишано искуство и треба целосно да се доживее. И ние станавме аџии откако ги посетивме сите свети места од самото раѓање на Господ Исус Христос во Витлеем, до градовите во кои проповедал, местата каде ги направил многуте чуда, реката Јордан каде бил крстен, пустината каде бил искушуван од сатаната, Маслиновата Гора каде често бил со неговите ученици, градината каде се молел, до Голгота и местото каде е празниот гроб на нашиот Господ од каде воскреснал, како и местото на Христовото Вознесение. Затоа, со посетата на Израел се збогативме духовно, и понесовме спомени кои ни оставија силни и вечни впечатоци. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |