|
||||
ИЗРАЕЛ - ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (10) |
ДИЈАМАНТИТЕ ЗА ЕВРЕИТЕ ЗНАЧАТ ЖИВОТ Денес, државата Израел е распространета на бреговите на Средоземното Море, со вкупен простор од 20.700 квадратни километри. Израелската територија ја сочинуваат Есдарелонската, Шафелската и Шаронската Рамница, со обработени тесни делови на песочните дини. Таму се протегаат планинските области и висорамнините Јудеја, Самарија и Галилеја, како и пустината Негев Долината на реката Јордан, која поминува низ Галилејското Езеро и се влива во Мртвото Море и реката Кишон, која спаѓа во Средоземното сливно подрачје. Се чини просторот долж Средоземното Море е темелник на новата израелска држава, која сјае како сонце на сите страни каде што се раселиле Евреите во својата земја и во дијаспората. Таму се наоѓаат најголемите и најзначајните центри Јафа и Тел Авив, каде отпочнал новиот живот на Евреите во својата самостојна еврејска силна држава. Местото каде ја допревме Светата земја – Израел беше најголемиот и најзначајниот, како за цивилен така и за воен транспорт, аеродром „Бен Гурион“ во Тел Авив. Тој е најголемиот град во Израел, кој во последно време, од причини што во централното подрачје живеат претежно млади брачни парови, а повозрасните се селат во предградието, е наречен град на младоста. Според податоците што ги добивме од домаќините, само во градското подрачје на Тел Авив живеат околу 1.000.000 жители, а заедно со предградијата, тој има повеќе од 1.500.000 жители. Тел Авив е подигнат на просторот до стариот град Јафа. За него се вели дека е град на амбасади, конзулати, на разни други дипломатски претставништва и канцеларии, на бизнис центри, на научни институции и на голем број луксузни хотели изградени по должината на Средоземното Море и на многу други важни установи. Умните Евреи се досетиле да направат камени брани во морето кои придонесуваат да се таложи ситен кристален и убав песок на брегот, каде е изградена патека за џогирање и огромни плажи за туристите. Сето тоа наликува на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро. Тел Авив Еврејската дијаспора е тесно поврзана со судбината на градот Тел Авив. Тој е формиран од група еврејски емигранти во предградието на Јафа во 1909 година. Новата населба во почетокот ја нарекле „Ахуза Беит“ („Ahuza Beit“), а подоцна тој нов град го добил името Тел Авив, што значи „Рид на пролетта“. Бројот на населението во новиот град започнал рапидно да се зголемува во првата половина од минатиот век. Така, Тел Авив стана еден од значајните центри и важен општествен, културно – просветен и политички центар на Израел. Тоа се потврди кога таму на 14 мај 1948 година беа удрени темелите на независната држава Израел, и тоа во куќата на Меир Дизенгоф (Meir Dizengoff). Тел Авив не е граден по некој одреден урбанистички план, затоа во него се среќаваат различни архитектонски стилови. Особено брзо се градени станбените згради за новодојденците, по 1948 година. Денес, таму се среќаваат куќи претежно од три до пет ката, а се чини кулата „Шалом“ е највисока меѓу градбите и штрчи во просторот. Исто така, Тел Авив е голем културен и спортски центар. Во него со успех работи еден од светските симфониски оркестри, израелската филхармонија, како и познатиот театар „Хабиман“. Меѓутоа, Музејот за еврејската дијаспора има посебно место во целокупното национално и културно живеење, не само на Тел Авив, туку воопшто на Евреите во Израел и ширум светот. Како нераскинлив дел од Тел Авив, на јужната страна е сместен градот Јафа или Јафо. Во него живеат и Евреи и Арапи и тука се измешало и старото и новото, и библиското и современото. Таму ја посетивме католичката црква „Свети Петар“, каде апостолот ја ставил раката врз девојката Табита, која подоцна оживеала. Го посетивме стариот дел на градот, во чија непосредна близина на црквата, се вгнездиле многу познати уметници и отвориле значајни галерии на улиците што ги носат имињата на зодијачките знаци. Тел Авив, заедно со градовите Хаифа, Ерусалим и Тиберијада се познати во светот по режењето, брусењето и продажбата на дијаманти. Всушност, шеесет отсто од приходот на државата се остварува токму од дијамантите. А, брусењето на дијамантите е еден од најпознатите занаети на Евреите. Со оваа дејност тие почнале да се занимаваат уште од најстарите времиња, кога не биле сигурни каде ќе останат да живеат и каде ќе им биде нивната татковина. Вредни дијаманти Во честите прогонувања и преселби, тие постојано размислувале како да најдат нешто што ќе им обезбеди живеачка и лесно ќе се пренесува, за да не им прави проблем при честите преселби. Единствено решение им биле светлите ситни камења, што ги чувале како очите во главата и ги пренесувале криејќи ги во џебовите, во чорапите, во чевлите ... Еден грст дијаманти за нив претставувало цело богатство кое им ветувало сигурност и добра заработувачка каде и да се. Подоцна, почнале да го усовршуваат занаетот со брусење и со украсување со други благородни руди и метали, по што и не случајно денес Евреите се меѓу првите во брусењето на дијамантите. Во најпознатите градови за дијаманти во Израел работат повеќе од 10.000 луѓе, брусачи на овие благородни камења. Исто така, таму се лоцирани најголемите преработувачки капацитети и, се разбира, големите центри за продажба на скапоцени предмети. Ние го посетивме најголемиот и најпознатиот центар за дијаманти во Тел Авив, каде на лице место се запознавме со сјајот на овие скапоцени камења, како и со вештината на продажбата на предмети со дијаманти. Таму се уверивме дека Евреите мошне добро си го знаат својот занает – брусењето на дијамантите и трговијата со нив. При престојот во Тел Авив го забележавме големиот прогрес на тој регион, кој, покрај дијамантите, нашироко е познат и по производството на разни земјоделски и други машини и алатки, по производството на пластични маси, како и по рафинирањето на нафтата. Исто така, во текот на престојот бевме информирани дека во Израел постојат пет термоелектрани, кои се поредени вдолж брегот на Средоземното Море. Неколку од нив ги видовме при нашето патување. Меѓутоа, интересно е да се одбележи дека овие термоелектрани ја осветлуваат Светата земја, во која нема ни лопата камен јаглен, туку тој се носи од други земји. Имено, термоелектраните се поврзани една со друга преку системот преносни ленти, а со бродови се снабдуваат со јаглен кој се распоредува до електраните, од кои четирите активно работат, а една е секогаш во резерва. Се чини дека Израел има голем напредок не само во оваа сфера, туку и на многу други полиња, почнувајќи од земјоделството, науката и техниката, до културата, литературата, религијата ... Затоа, со право се вели дека еврејската држава Израел служи како пример за многу други земји и, не случајно е наречена земја на прогресот. На почетокот од минатиот век, Евреите од Јафа, старото утврдување на морето, поради честите конфликти со Арапите со кои живееле, решиле да из- лезат од стариот град и крај брегот почнале да го градат Тел Авив. Денес Тел Авив е административен центар на Израел. Таму се наоѓаат сите странски амбасади, но, сепак, тоа не е главниот град на светата држава. Сетот не го признава Ерусалим за престолнина на Израел, иако таму е Кнесетот, израелскиот парламент, Владата и клучните министерства. Најмоќните земји светиот град го сметаат за спорен, зашто Арапите имаат претензии кон Источен Ерусалим, каде што се мнозинство. Но Евреите немаат проблем со таквиот однос на Запад. Се плашат само доколку загубат дел од териториите каде што сега се Палестинците, да речеме Западниот брег, кој е под нивна окупација, може да им биде загрозена државата. За идентитетот не се плашат. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |