|
||||
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: ПРОФ. Д-Р ПЕТРЕ Т. ГЕОРГИЕВСКИ ОД ДОЛНО ДУПЕНИ - ПОЗНАТ СОЦИОЛОГ И ОПШТЕСТВЕНИК (8) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Кога се пишува за Преспа, неодминливо е името и делото на професор д-р Петре Т. Георгиевски. Тој е еден од претставниците на највозрасната, повоена генерација југословенски социолози и еден од создавачите на македонската академска социологија. Петре Георгиевски не само што е познат социолог, редовен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, туку тој е вљубеник во Преспа, каде редовно се навраќа и поминува убави мигови Во биографските податоци на Петре Т. Георгиевски се вели дека тој е роден на 1 јуни 1940 година во Долно Дупени, во Долна Преспа. Основно училиште завршил во родното место, а осумгодишно училиште во „Димитар Влахов“ во Љубојно; средно училиште, Учителска школа во Битола во 1959 година, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Белград на Одделението за социологија во 1965 година. Постдипломски студии завршил во 1971 година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, а докторската теза ја одбранил во 1981 година на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговото родно место Долно Дупени се наоѓа во Долна Преспа на крајот од југозападниот дел на Република Македонија, сместено во јужниот дел од источниот брег на Преспанското Езеро, на надморска височина од околу 900 метри. Од Ресен е оддалечено 34 километри. Во него работи основно училиште до четврто одделение, а денес има две продавници, некогашен Дом на културата, споменик на НОБ и др. Селото по големина е средна населба, а во последно време со иселувањето на жителите во странство - Австралија, Америка, Канада и низ градовите на Македонија, бројот на жителите е многу намален. Меѓутоа, бројот на населението се зголемува со изградбата на голем број викендици. Долно Дупени Селото Долно Дупени е познато по десетте црковни објекти, и тоа: црквата „Свети Архангел“, која е подигната кон крајот на X и почетокот на XI век, а била обновена во 1893 година, во дворот на црквата се наоѓаат и селските гробишта, потоа црквите, „Свети Атанас“, која била обновена во 1864 година, „Свети Врача“ (посветена на свети Кузман и Дамјан), „Свети Никола“, „Света Петка“, „Света Јана“, „Свети Димитрија“, како и манастирoт „Света Богородица“, средновековен духовен центар, обновен во 1906 година, потоа црквата „Свети Илија“ која се претпоставува дека е од времето на цар Самуил и вакавчето „Света Филипија“. Професор д-р Петре Т. Георгиевски е еден од тројцата основачи на Катедрата за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1973 година, која во 1975 година прераснува во Наставно-научна студиска група за социологија и со запишување на првата генерација на студенти. Тој и професор Владислав Квашниевич од Институтот за социологија на Филозофскиот факултет при Јагелонскиот универзитет во Краков беа иницијатори за соработка меѓу социолозите од двата факултета во Скопје и Краков, која започна во 1979 година и трае до денес, добивајќи институционална форма. Петре Георгиевски бил раководител на Наставно-научната студиска група за социологија, подоцна преименувана во Институт за социологија во повеќе мандати. Тој бил продекан (1983-1985), потоа и декан (1985-1986) на Филозофскиот факултет во Скопје. Инаку, професор Георгиевски е познат и почитуван меѓу студентите. Неговата кариера започнала во 1967 година кога бил избран за асистент истражувач во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, каде останал сè до 1971 година; од 1972 до 1981 година тој е со звање виш предавач по социологија, социологија на образование и методологија на социолошките истражувања на Филозофскиот факултет Скопје; од 1982 до 1986 година е вонреден професор по социологија, социологија на образование и на социолошките истражувања; најдолг период од 18 години, од 1987 до 2005 година бил редовен професор по социологија, социологија на образованието и методологија на социолошките истражувања на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје; од 2006 до 2010 година, по пензионирањето (1.10.2005) изведувал настава на постдипломски студии по методологија на социолошки истражувања, односно методологија на општествени истражувања на Филозофскиот факултет во Скопје и на приватниот Универзитет ФОН. Професор д-р Петре Т. Георгиевски својот тематски истражувачки и педагошки интерес во социолошките дисциплини го реализирал со учество и сопствено раководење во реализација на повеќе истражувачки проекти, потоа, во статии објавени во домашни и странски списанија, преку учество на меѓународни научни конференции одржани во земјава и странство и преку одржување на предавања на постдипломски студии, исто така, во земјава и странство. Бидејќи професорот Георгиевски потекнува од печалбарски крај, неодминливо е и иселеништвото да биде негова преокупација. Затоа, меѓу неговите научни трудови, секако, од посебен интерес е научното истражување за проблемите на втората и третата генерација иселеници. Така, меѓу другото, тој вели дека иселеништвото од Македонија (од сите три нејзини делови - вардарскиот, егејскиот и пиринскиот) има долга историја и традиција која може да се следи од втората половина на XIX век, па сé до сегашните денови, притоа, изразувајќи се во различни форми: печалбарство, надворешни миграции, привремена работа во странство и сл. Колку се широки и јаки печалбарските традиции во Република Македонија покажуваат и податоците за бројот на иселени и на привремена работа од поранешна Југославија во однос на вкупното население во републиките. Македонија е во водечките, веднаш зад Хрватска. Во широката проблематика на македонското иселеништво, професорот Георгиевски се осврнал на следните прашања: а) социјалната стратификација на родителите на првата и на втората генерација на иселеници и нивното поимно дефинирање; б) проблемите во процесот на социјализација на втората и третата генерација иселеници; в) јазикот на комуникацијата, училишната клима и успехот во образованието на втората и третата генерација и г) амбивалентноста на идентитетот на втората и третата генерација иселеници. Сето тоа е во функција појасно да се согледаат социјалните проблеми на втората и третата генерација на иселениците, бидејќи е неопходно да се погледа социјалната стратификација на иселениците од првата генерација, односно социјалната стратификација на родителите од втората генерација. Според пишувањето на д-р Георгиевски, Македонската црква одиграла и сè уште игра незаменлива улога во зачувувањето на етничкиот идентитет на иселениците и таа се јавува како брана на асимилаторската тенденција со која се опфатени втората и третата генерација на иселеници. Во текот на научната работа д-р Георгиевски е автор на голем број публикации и научни и стручни трудови. Негови книги се: Социјалното потекло и животната ориентација на средношколската младина, Скопје: Институт за социолошки и политичко-правни истражувања (1972); Социологија (коавтор) (1998); Социологија на образование (1999); Социолошки речник (коавтор) (2007) и Социологијата како критика на општествената, образовната и културната промена (2012). Објавил повеќе од 180 научни и стручни трудови (статии) во домашни и странски списанија како и во зборници од домашни и меѓународни научни конференции. Петре Георгиевски бил член на редакции на неколку списанија: „Социологија“ (Белград), списание на Југословенското здружение за социологија, „Социјална политика“ (Скопје), главен и одговорен уредник на списанието „Погледи“ (Скопје), „Facta universitatis“ (Niš). Во претходниот и овој мандат е член на редакцијата на списанието „Sociologija“ (Beograd). Бил член и претседател на организациски одбори на неколку домашни и меѓународни научни конференции. Тој бил рецензент на книги и повеќе зборници на прилози од меѓународни научни конференции, одржани во Македонија и странство. Од 1996 до 2005 година од Министерството за образование и наука бил именуван за експерт за вреднување на истражувачки проекти што ги финансирало ова Министерство. Во 2005 година и министерот за наука и еколошка заштита на Србија и Црна Гора го именувал за експерт за вреднување на одредени проекти што ги финансирало ова Министерство. Членувал во Југословенското здружение за социологија, бил и е член на Здружението на социолозите на Македонија и во два мандата бил негов претседател. Професор д-р Петре Т. Георгиевски ги има добиено следните општествени и академски признанија: Орден заслуги за народ со сребрена sвезда, доделен од претседателот на СФРЈ, по повод 30 години од формирањето на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (1979); Пофалница за посебен придонес во развојот на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод 25 години од основањето на овој Институт (1996); Плакета за придонес во афирмацијата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и членките во неговиот состав во земјата и странство за долготрајна работа и посебни резултати во образованието, науката и апликативната дејност. Плакетата е доделена по повод одбележувањето на 50-годишниот јубилеј од основањето на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (1999); Благодарница за придонес на научните постигнувања „Власинских сусрета“, доделена од Југословенското здружение за социологија на селото и земјоделството и од Заводот за социологија на развојот на селото во Белград, Република Србија ( 2003). Посебно е значајно што професор д-р Петре Т. Георгиевски е добитник на медал (одликување) „Заслужен за Јагелонскиот универзитет“, доделен од Сенатот на овој Универзитет во Краков, Полска, а по повод 30 години на успешна соработка меѓу социолозите од двата унивезитета (2008). За крај, Петре Георгиевски е еден од најголемите другари од детството до денес на авторот на овие редови Славе Катин. Затоа, слободно можам да кажам дека тој е голем научник, почитуван професор, значаен публицист, познат во земјата и во светот со своите научни трудови, за што има добиено бројни општествени и академски признанија. Во исто време, тој е семеен човек, патриот, почитувач на вредностите и постигнувањата на нашата татковина – Република Македонија, скромен човек по природа и голем другар и пријател. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите |