Проф.Др. Мартко Китевски
На 1 ноември е празникот на светиот пустиножител Прохор Пчињски, на 3 ноември е празникот на свети Иларион Мегленски, а на 8 ноември на големиот светител Димитриј Солунски, празник во народот познат како Митровден.
1.XI/19. X . СВЕТИ ПРОХОР ПЧИЊСКИ
ПУСТИНОЖИТЕЛОТ КОЈ МУ ЈА ПРЕТСКАЖАЛ ИДНИНАТА НА ЦАРОТ ДИОГЕН
Според житието свети Прохор Пчињски потекнувал од некое село од Овчеполието. Родителите, татко му Јован и мајка му Ана, биле чесни и побожни луѓе што долго немале деца. Поради тоа биле несреќни и секогаш го молеле Бога да им даде пород. И по многу години Бог ги дарувал со машка рожба на која ѝ ставиле име Прохор. Му се радувале и го воспитувале во христијански дух, а кога пораснал сакале да го оженат, да формира семејство и да го наследи имотот. Но Прохор сакал да му се посвети на Бога. Еднаш во црквата ги слушнал овие зборови од Светото евангелие: „Кој го сака својот татко, или својата мајка повеќе од мене, не ми е достоен, кој ја сака жената или децата повеќе од мене, не ми е достоен; кој сака да го земе својот крст и по мене да дојде ‒ стопати ќе биде примен и вечниот живот ќе го наследи“. По излегувањето од црквата Прохор се упатил кон планината и започнал испоснички живот. Најпрвин живеел во една пештера во близината на селото Старо Нагоричане, Кумановско. Се хранел со зелје и корења од трева, живеел во пост и молитви, зиме на мраз, лете во пот. На тоа место без да види човек, а дружејќи се само со дивите ѕверови, минал 32 години.
Тука имал средба и со Роман Диоген идниот цар на Византија, на кого му ја претскажал иднината. Имено, житието раскажува дека еднаш кога Диоген бил на лов во овој крај бркал една срна. Срната дошла пред пештерата и легнала пред нозете на светецот. Потоа, по неа дошол и Диоген кој се исплашил од глетката и се засрамил од старецот, поради што почнал да бега од местото. Но и се изненадил кога старецот го повикал по име: „Диогене, немој да бегаш, но врати се и јас сум човек“. А кога се вратил кај старецот барајќи прошка и благослов овој му рекол: „Диогене, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе дојдеш на престолот спомени ме мене, старецот, поради пророштвото што ти го изреков“.
Диоген навистина станал цар на Византија во периодот од 1067 до 1071 и тогаш го заборавил светиот Прохор. Овој пак го продолжил монашкиот живот во планината Козјак во една пештера во близината на реката Пчиња, каде што и умрел на 14-тиот ден од месецот октомври, а неговото тело долго не се распаднало.
Царот Роман Диоген навистина заборавил на светиот старец но еднаш тој му се јавил во сонот и му рекол: „Ја заборави твојата облека и мене старецот“. Тогаш тој тргнал да го бара на местото каде што ја имал чудната средба со него и со срната. А кога не го нашол, за спомен изградил убава црква што и денес ги восхитува случајните и намерните посетители на селото Старо Нагоричане. А кога сакал да се врати во Цариград пак во сонот му се јавил светецот и му рекол дека ако го бара ќе го најде во планината. Царот со придружбата тргнале низ планината и на едно место виделе како бел орел излегува од една пештера. Во таа пештера го нашле телото на светецот уште нераспаднато. Царот и придружбата се поклониле пред светите мошти, и ги понесле кон реката со намера да ги положат во манастирот посветен на неговиот спомен. На едно место ковчегот со светите мошти застанал и не можеле да го помрднат, а светецот во сонот му рекол на царот: „Нема да ме однесеш оттука“. Тука е изграден манастирот што го носи името на свети Прохор Пчињски, а неговите свети мошти и денес лежат во црквата од десната страна на олтарот.
Царот Диоген по овие настани среќен се вратил во Цариград.
Најстариот портрет на свети Прохор Пчињски заедно со портретот на свети Јоаким Осоговски се среќаваат во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, по обновувањето завршени во 1318 година, како единствени претставници на локалниот култ.
Свети Прохор Пчињски починал на 14 септември (с.с.), но поради тоа што на овој ден се празнува големиот празник Воздвижение на чесниот крест (Крстовден) празнувањето на преподобниот Прохор е пренесено на 19 октомври (с.с.) кога слави и неговиот манастир.
МАНАСТИР „СВЕТИ ПРОХОР ПЧИЊСКИ“
Манастирот на реката Пчиња е подигнат во 11 век. Бил и зографски центар, а и препишувачка школа, односно ракописен центар. Живописот на црквата е од 1489 година. Во 1944 година во манастирот е одржано Првото заседание на АСНОМ.
3 XI/21. X. СВЕТИ ИЛАРИОН МЕГЛЕНСКИ
ГОЛЕМ БОРЕЦ ПРОТИВ ЕРЕСИТЕ
ВО МАКЕДОНИЈА
Свети Иларион Мегленски, еден од македонските светци, борец против разните ереси во Македонија и посебно во мегленската област е роден во Цариград. Живеел во XII век, а за неговиот живот и дело дознаваме од двете творби: расказ за пренесување на моштите на светителот и неговото опширно житие, кои во истовреме служат и како значајни извори за проучување на разните еретички движења во Македонија во овој период.
Неговите родители биле од видна фамилија но несреќни поради тоа што немале деца. Поради тоа постојано се молеле на Бога да им даде рожба. Мајка му ја молела Богородица и верувала дека таа може да ѝ помогне. И еднаш во сонот навистина ѝ се јавила Богородица и ѝ соопштила дека ќе го добие тоа што го сака. Набргу добила машко дете што го крстиле Иларион што значи радосен и кое уште во првите години покажало необични дарби. Така во третата година ја запеало песната на ангелите „Свет, свет, свет“ и промрморило: „Еден Бог“ што предизвикувало восхит кај сите.
Кога пораснал го дале на училиште да го учи Светото писмо. Во училиштето се стекнал со образование, а во домот со добро воспитување. На 18-годишна возраст ги оставил родителите и го започнал монашкиот живот. Се закалуѓерил во некој манастир и се оддал на постојана молитва. Поради неговото образование и воспитување со него сите се гордееле. Кога старешината на манастирот почувствувал дека му се ближи крајот управувањето на манастирот му го доверил на Иларион, а тој со личен пример докажувал како треба да се живее во слога и разбирање.
Поради таквиот живот од Бога бил удостоен со чудотворна сила. Како раководител на манастирот направил чудо што уште повеќе ја зголемило неговата популарност. Имено, кога завладеала глад тој со молитви упатени кон Бога успеал да ги наполни амбарите со жито од кое се прехраниле не само жителите на манастирот туку и околното население. Потоа и манастирот се здобил со нови жители, особено со ученици.
Тогаш Бог го избрал за повисока должност. На охридскиот архиепискооп Евстатиј му се јавила Богородица и му рекла: „Архиепископе, не колебај се, ракоположи го Иларион за епископ Мегленски. Тој е способен многумина да убеди и да ги насочи на прав пат и да ги ослободи од заблудите“. Во тоа време и самиот Иларион видел сон дека ќе биде поставен на повисока должност.
Потоа, навистина бил поставен за епискооп Мегленски, во 1234 година. Иларион се трудел да го учи народот во христовата вера и жестоко се борел против разните ереси кои во овој крај зеле широк замав. Во неговото житие се раскажува дека со зборови и дела ги победил ерменците, манихејците, а потоа и богомилите и дека многумина припадници на овие еретички движења придобил за вистинската христијанска вера. Подигнал манастир посветен на Светите апостоли во кој бил погребан кога починал на 21 октомври 1164 година.
На гробот на Иларион се случувале чуда, болни оздравувале, што било причина со посебна царска и црковна одлука да се отвори неговиот гроб и неговите мошти да се пренесат во црквата. Кога го отвориле гробот виделе дека од очите му течело миро како од два извора, од кое многу се излечиле што било причина неговиот култ уште повеќе да порасне, а на гробот да доаѓаат луѓе кои барале лек и спокојство.
Свети Иларион и по смртта им се јавувал на еретиците и ги предупредувал и казнувал. Неговите мошти биле пренесени во Трново во 1206 година и биле погребани во од царот подигнатата црква посветена на Светите 40 маченици. Уште подоцна неговите мошти биле пренесени во Цариград каде што и сега почиваат.
8 XI/26 X. СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ (МИТРОВДЕН)
ПРАЗНИК НА ЗАШТИТНИКОТ НА ГРАДОТ СОЛУН
И ПОЧЕТОК НА ЗИМСКАТА ПОЛОВИНА ОД ГОДИНАТА
Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра...
Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.
Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.
Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.
Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, се чекаат гости, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митʼр“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.
Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна - митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.
Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен“. На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало.“
Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.
По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.
Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.
Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.
На иконите свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитриј.
За време на животот Димитриј бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата „Свети Димитриј“ во Солун од крајот на V век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.
Светата христијанска црква го празнува и споменот на светиот маченик Нестор, кој со благослов на свети Димитриј го убил гладијаторот Лиј. Тоа е денот по празникот на Св. Димитриј, 9 ноември според новиот календар (или 27 октомври според стариот календар).
Во некои краишта на Македонија, во народното верување овој ден се смета за празник на глувците. Во Кумановско, на пр. се вика „глушчов дʼн“ и тогаш не се работи за да не го јадат глувци житото и брашното. Според верувањето тогаш и не се буричка во брашното и не се дава заем за да не го разнесуваат глувците. Истото верување во минатото е забележано и во Битола. Но на овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој дʼн, ќе се фане и ница“ се вели во Кумановско. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ Св. Нестор се сметал за лесен празник. Се верувало дека тој бил помлад брат на свети Димитрија и бидејќи бил посиромав не успеал да се прослави како него, поради што и помалку се празнува. За свој покровител го имале мајсторите (ѕидарите).
Тропар
СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ - МИТРОВДЕН
Како голоем херој во бедите Те најде вселената, страдалнику победувајќи ги незнабошците. Па како што ја скрши Лиевата гордост а го поттикна на смел подвиг Нестора, така свети Димитрие, на Христа Бога моли се, да ни дарува голема милост.