Среда, 13 Ноември 2019    PDF Печати Е-пошта
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: АМБАСАДОРОТ РИСТО НИКОВСКИ ОД РЕСЕН – ГЛАСНОГОВОРНИК ЗА МАКЕДОНИЈА (10)

riston1

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“

Поранешниот македонски амбасадор и висок функционер во Министерството за надворешни работи, Ристо Никовски е еден од најактивните во јавноста на теми поврзани со надворешната политика на Македонија за спорот за името со Грција. Тој го анализира периодот од независноста на земјата до денес низ призмата на низа настани во кои биле инволвирани домашните и надворешните фактори

Тој е можеби, единствен во Македонија кој често ја потенцира негативната улога која ја имала американската администрација кон Македонија, за важни теми поврзани со спорот за името, конфликтот во 2001 година и други настани кои се случиле во последните 22 години. Исто така, тој повеќе пати јавно проговорил за дволичниот однос што го имале голем број дипломати кои и нанесувале штета на Македонија во процесот на развојот и интеграцијата во светските асоцијации.

Ристо Никовски е македонски дипломат од кариера. Во неговата долгогодишна кариера пишува дека бил поранешен амбасадор и редовен колумнист во дневниот печат во Македонија. Познат е по своите ставови, јавни настапи и согледувања за спорот и зачувувањето на вековното име на Македонија.

Во неговата богата биографија се вели дека Ристо Никовски дипломирал на Економскиот факултет во Загреб, а веднаш потоа се запишал на постдипломски студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 1971 година. По дипломирањето, за кус период, својата професионална кариера ја започнал во најголемиот хемиски гигант во Македонија - „ОХИС“, во Одделението за маркетинг, а следните 35 години ги поминал во дипломатска служба. Од 1971 до почетокот на 1992 година работел во Сојузниот секретаријат за надворешни работи во Белград, а потоа во македонската дипломатија. Службувал во амбасадите на СФРЈ во Пекинг (1972-1976), Хавана (1977- 1981), Џакарта (1986-1988) и Куала Лумпур (1988-1990). Како член на југословенски делегации учествувал на бројни меѓународни конференции во Њујорк (ООН), Виена, Хавана, Најроби, Бали.

riston2

Ресен

Во македонската дипломатија бил потсекретар во Министерството за надворешни работи во периодот од 1992 до 1993 година, дипломатски претставник, а потоа и амбасадор во Обединетото Кралство во Лондон, од каде како нерезидентен амбасадор ги покривал и Ирска и Исланд (1993- 1997), Тирана (1998-2002) и Москва (2004-2006) година. Во периодот од 2002 до 2003 година бил државен секретар во Министерството за надворешни работи.

Инаку, како дипломат од карирера предводел македонски делегации во Кина, Јапонија, Индонезија, Бугарија, Австрија, Велика Британија, Чешка, Шпанија, Украина, Албанија, Русија, Словачка и Унгарија.

По пензионирањето во 2006 година, амбасадорот Ристо Никовски бил член во Советот за меѓународни односи на претседателот на Република Македонија од 2009 година, каде што во 2011 година поднел оставка по бранувањето на медиумите и јавноста откако во негова колумна директно ги критикувал Соединетите Американски Држави и работата на амбасадорот Филип Рикер, оценувајќи дека дипломатот се меша во внатрешните работи на Македонија и треба да биде прогласен за персона нон-грата.

Како резултат на неговите дипломатски патешествија, меѓу другото, се здобил со знаења од лингвистички аспект. Така тој зборува англиски, шпански, руски и француски јазик.

Инаку амбасадорот Ристо Никовски е Преспанец кој сега живее во Скопје. Тој е роден во Ресен, на 13 мај 1942 година, во градот на јаболкото, како често го нарекуваат овој главен културно-просветен, административен и општествено-политички центар на Преспа.

Треба да се нагласи дека Ресен и цела етничка Преспа се богати со  Преспанското Езеро, националните паркови Галичица и Пелистер, кои  на регионот му даваат посебна убавина. Преспанското Езеро е второ по големина езеро во Република Македонија.

Културата во Преспа датира уште од времето на неолитот. Патот Виа Игнација поминувал низ котлината за време на Римската Империја. На овој питом дел на Македонија, постојат голем број  споменици на уметноста во регионот. Грнчарството,  е развиено во Преспа, особено во Ресен уште во минатото и сѐ уште е присутно, благодарение на Ресенската керамичка колонија. Таа е сместена во „Сарајот“ - Културен дом изграден од Нијази бег  и претставува дом за многу светски познати грнчари од земјата и светот.

Амбасадорот Ристо Никовски ги постави темелите на своето образование во родниот град Ресен, за подоцна да продолжи во Скопје и како дипломат да  го прокрстари светот. Денес како пензионер своите денови ги поминува во Скопје, каде, меѓу другото е член на Фондацијата „Браќа Џидрови“ на неговиот добар пријател д-р Лефтер Манче од главниот град на Канада – Отава. Инаку, покрај претседателот на оваа Фондација, д-р Лефтер Манче и потпретседателот Ѓоко Костадинов,  членови се и Славе Катин, Тодор Петров, Фиданка Танаскова, Коле Манев, Раде Силјан, Петре Наневски и Петре Кроневски.

Но, се чини дека амбасадорот Ристо Никовски е посветеник во редовното објавување свои мислења во колумни за актуелните настани поврзани со Македонија. Тој е еден од најплодните колумнисти во голем број информативни гласила во Република Македонија и пошироко. Автор е на книгите: „Македонското прашање повторно на маса“ (2012), „Улогата на САД во македонските голготи (1991 - 2013)“ (2013) и на популарното дело „Клучот за името е во Вашингтон, не во Атина“ (2015) .

Во своето последно дело „Клучот за името е во Вашингтон, не во Атина“, во врска со името и настанатите ирелевантни прашања и проблеми, амбасадорот Ристо Никовски вели дека на сите дипломати и земји треба да им се објаснат фактите дека: Македонија не претставува закана за ниту една земја, најмалку за Грција; името на земјата не е основа за каков било иредентизам, што го констатираше и „Бадинтеровата“ комисија; најдобра потврда дека сето тоа е точно е фактот што во изминатите 25 години немало никаков безбедносен инцидент меѓу двете земји.

Така е, и покрај исклучително непријателското однесување на Атина кон нас и поставувањето на нелегални гранични блокади и пречки на нашите евро-атлантски интеграции што ни нанесува несогледливи штети; нема никакви можности, кој и да дојде на власт во Македонија, да се актуализираат какви било територијални претензии кон Грција.

riston3

Напротив, кај нив се присвојуваат делови на нашата држава; Македонија како држава, ваква каква што е, апсолутно е најдобро решение за сите соседи и ако ја немаше, требаше да се измисли; промената на името на државата неизбежно навлегува во, националниот идентитет на македонскиот народ и го негира. Такво нешто нема да прифати ниту една политичка опција во земјата под никакви услови. Впрочем, и ако некој се осмели да го стори тоа, ќе предизвика внатрешни крвави пресметки, со враќање на комитите, со  несогледливи последици. 

Македонскиот народ неверојатно е трпелив и толерантен, и можеби, претерано но, кога трпението ќе попушти, тој е незадржлив; евентуалната подлабока дестабилизација на Македонија, со промена на името, неизбежно ќе ги инволвира сите соседни земји. 

Нова балканска војна ќе биде единствениот излез во таков случај, а последиците ќе бидат катастрофални за сите; и, последно ама не и најмалку важно–расположението на Македонците е недвосмислено прозападно и покрај јазичните и верските блискости со Русија. 

Исто така, во делото „Клучот за името е во Вашингтон, не во Атина“,  Никовски, вели дека побрзото вклучување на земјата во НАТО и Европската Унија е најголемиот гарант не само за стабилноста и безбедноста на Македонија, туку и на целиот Балкан. Ако Вашингтон навистина сака да ја види Македонија во Алијансата, без неприфатливи услови, никој тоа не може да го спречи и може да се реализира во најкус можен рок, преку амбасадорите во Брисел.

Во продолжение Ристо Никовски смета дека за сето погоре наведено треба да има заклучок кој мора да биде таков, што политиката која ја води оваа Влада, треба да е базирана токму на горните постулати и тоа мора да се почитува. На долгорочен план, единствено истата може да донесе позитивни резултати за сите. Затоа, сегашното дестабилизирање на земјата, за да се сруши власта, е крајно погрешен потег, бидејќи во земјата нема алтернативна политичка сила.

Тој, исто така, во неговото најново дело вели дека, пресилната американска поддршка за Албанците во  регионот и, особено, во Македонија, може да се покаже како контрапродуктивна. Ако се оди на нивно обединување, што сега изгледа како политика на Соединетите Американски Држави, разликите меѓу Приштина, Тирана и Тетово можат да експлодираат и да доведат до граѓанска војна. Албанците се единствени кога е на маса националното прашање, ама на домашен план, и Ахмети и Тачи, и Рама и Бериша, и Тачи и Харадинај, сите се гледаат преку нишан. Моментално, тоа се случува во три различни држави ама ако, не дај Боже, утре сите се во една – судирот меѓу различните политички опции ќе биде неизбежен.

Исто така, во делото „Клучот за името е во Вашингтон, не во Атина“ вели дека Македонија нема друга алтернатива освен да остане во процесот на преговори за името, но затоа може паралелно да бара тој предмет да се врати во Советот за безбедност. Но, во исто време, тој вели дека во моментот е силен впечатокот дека процесот под медијаторство на Метју Нимиц е дефинитивно доведен во ќор-сокак.

Главниот проблем според него се позициите на Вашингтон, потенцирајќи дека после распадот на Југославија, Соединетите Американски Држави за првпат во историјата се главни на Балканот. Тука, своите долгорочни интереси, вели амбасадорот, тие ги реализираат преку стратешко партнерство со Албанците (не со Албанија) и истите не кореспондираат со македонските интереси. Со тоа се констатира дека нашиот главен проблем, лежи таму во Вашингтон, не во Атина, потенцирајќи дека македонската дипломатија мора да биде претпазлива и внимателна.

Затоа, може да се заклучи, дека амбасадорот со кариера Ристо Никовски е чувар на македонското име и на Македонија.

Продолжува

 c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

www.slavekatin.com

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.