|
||||
ИЗРАЕЛ - ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (17) |
ЕВРЕИТЕ, ИЗРАЕЛ И ХОЛОКАУСТОТ Според текстот на Тони Клиф, палестински Евреин кој до крајот на Втората светска војна живеел во тогашна Палестина, а потоа се пресели во Британија и станал еден од водечките троцкистички теоретичари, Француската револуција ги ослободи Евреите. Помеѓу 1789 година и обединувањето на Германија и Италија по речиси еден век, исчезна физичкото, економското и интелектуалното гето. Менделсон, Хајне и Маркс и сите Евреи, беа истакнати личности во германската култура Во неговиот текст се вели дека навистина, постоеше широко раширен антисемитизам, па дури и погроми, но тоа се случуваше во царистичка Русија, каде јаремот на феудализмот сè уште натежнуваше и каде модерниот капитализам штотуку зачекоруваше. Кога капитализмот стана стар и истрошен, особено по Големата депресија од 30-тите години на XX век, се сврте против сите демократски достигнувања на својата младост. Сега Евреите, едноставно, не беа потиснати во гета, туку уште пострашно - во гасни комори. Помеѓу овие два периода во Франција избувна еден ужасен случај на антисемитизам . Во 1895 година еден воен офицер Евреин, по име Драјфус, кој беше обвинет дека е германски шпион. Судењето што претставуваше лов на вештерки водеше кон хистерија на толпата против Евреите. Овој бран на антисемитизам претставуваше нуспроизвод на битката помеѓу растечкиот француски и германски империјализам. Во тоа време, во Париз живеел еден добро етаблиран виенски новинар, Теодор Херцл. Херцл извлекол заклучок од фуријата дека антисемитизмот е природен и неизбежен. Во 1895 година тој напишал: „Во Париз, како што кажав, усвоив послободен однос кон антисемитизмот, кого сега почнувам историски да го разбирам и да го оправдувам. Пред сè, ја сфатив празнотијата и безнадежноста на обидите за 'борба' против антисемитизмот“.
Поделениот Ерусалим Херцл го критикувал Емил Зола и другите Французи, главно, социјалисти, кои застанале во одбрана на Драјфус. Тој се жалел што Евреите „бараат заштита од социјалистите и од рушителите на постојниот граѓански поредок... Вистински, тие повеќе не се Евреи. Сигурно, тие не се ниту Французи. Тие, веројатно, ќе станат водачи на европскиот анархизам“. Тој тврдел дека одговорот на антисемитизмот лежи во напуштањето на земјите од страна на Евреите онаму каде што не ги сакаат и во основањето на нивна сопствена држава. При овој потфат, тој објавил, „антисемитите ќе бидат наши најзависни пријатели... наши сојузници“. Оттука, тој отишол на средба со царистичкиот министер за внатрешни работи, Плевхе, човекот што го организирал погромот во Кишињев од 1903 година. Тој пред него го ставил мамецот дека иселувањето на Евреите од Русија ќе го ослабне револуционерното движење, непријателот на Плевхе. Ако антагонизмот помеѓу Евреите и христијаните, наводно, биде природен и неизбежен, тогаш, се разбира, следува дека и антагонизмот помеѓу Евреите и Арапите во Палестина бил природен и неизбежен. На почетокот Херцл го дефинирал ционизмот како „давање на луѓето без земја, земја без луѓе“. Кога неговото внимание го стекна фактот дека во Палестина живеат Арапи, Тој сериозно ја сфати работата дека, едноставно, треба да се ослободи од нив. На 12 јуни 1895 година, Херцл напишал: „Ќе се обидеме да го одоброволиме сиромашното население преку границата, обезбедувајќи вработување во транзитните земји, истовремено, оневозможувајќи му да се вработи во нашата сопствена земја“. Каков бесрамен израз на намерата за етничко чистење“. Ционистите кои се доселија во Палестина од крајот на XIX век не сакаа да основаат економија слична на онаа на белците во Јужна Африка. Таму белците ги сочинуваа капиталистите, додека црнците беа работничката класа. Ционистите сакаа целото население да биде еврејско. Со многу нискиот стандард на Арапите во споредба со Европејците и со многу раширената и отворена и прикриена невработеност, единствениот начин за постигнување на оваа цел било затворањето на пазарот на труд за Арапите. Имало редица начини кои биле употребени за да се постигне тоа. Прво, Еврејскиот национален фонд, кој бил сопственик на голем дел од земјата во сопственост на Евреи, вклучувајќи, на пример, и голем дел од Тел Авив, имал статут што инсистирало дека само Евреи можат да бидат вработени на таа земја. Во таа насока, ционистичката синдикална федерација, Хистадрут (Општа федерација на еврејскиот труд) врз сите свои членови наметнала два издатока: еден за одбрана на еврејскиот труд и еден за одбрана на еврејскиот производ. Хистадрутот организирал протести против сопствениците на расадници што вработувале работници Арапи, принудувајќи ги сопствениците да ги отпуштат. Исто така, вообичаено било да се видат младинци како одат низ еврејскиот пазар помеѓу жените што продаваат зеленчук или јајца и ако најделе некоја што била Арапка, истурале парафин врз зеленчукот или ги кршеле јајцата. Исто така, Тони Клиф во својот текст вели: „Се сеќавам дека во 1945 година една кафетерија во Тел Авив беше нападната и, речиси, целосно искршена поради гласините дека имало некој Арап што работи во кујната, миејќи ги чиниите. Исто така, ги паметам, од времето кога бев на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим помеѓу 1936 и 1939 година, постојаните демонстрации против продеканот на универзитетот, д-р Магнус. Тој беше богат американски Евреин и либерал, а неговиот криминал беше тоа што беше закупец на еден арапски земјопоседник“. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |