|
||||
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: НОВИНАРОТ КИРЕ ЈОНОВСКИ ОД ПРЕТОР – ГОЛЕМ АФИРМАТОР НА ПРЕСПА (12) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Често се вели дека Претор е раскрсница меѓу Горна и Долна Преспа и покрај тоа што не се памети кога населението ја има именувано котлината на Горна, Долна и Мала Преспа. Меѓутоа, запишано е дека Горна Преспа го зазема северниот дел, Долна Преспа јужниот, а Мала Преспа југозападниот дел на овој регион. Ова тврдење е засновано, бидејќи Горна и Долна Преспа ги одделува ридот Веќе кај Претор. Мала Преспа и Горна Преспа, пак, копнено се одделени со Пречна Планина, додека делот на Долна Преспа со Малото Преспанско Езеро од Мала Преспа ги одделува планината Сува Гора. Инаку, едно од значајните домашни туристички места во кои вратите секогаш се отворени за сите туристи, посетители и намерници е, преспанската туристичка населба Претор. Таа после Отешево е втора туристичка дестинација во убавата и питома Преспа. Од Претор потекнува нашиот драг колега Киро Јоновски, новинар и публицист, пасиониран сликар, истражувач и хроничар на родниот крај и Преспа. Како голем вљубеник во својот роден крај - Преспа, има напишано две публикации и тој е Преспанчанецот кој и покрај многуте предизвици не се одвоил од своето родно огниште. Во оваа пригода ќе споменеме дека ги користевме релевантните податоци на Киро Јоновски изнесени во неговите публицистички трудови. Инаку, Претор е археолошки локалитет во Преспа кој претставува населба од доцноантичко време. Локалитетот се наоѓа источно од селото, на просторот што се протега до атарот на селото Курбиново. Претор Јоновски е роден во 1924 година во убавиот Претор, каде и останал да живее цел живот. А, неговиот Претор е познато меѓу туристичките места во Македонија со своето летувалиште, песочните плажи, зимскиот рекреативен центар, угостителските објекти и бројните викенд- куќи. Неколку стотици викенд-куќи се нанижани од местото каде постоеше некогашната Пумпа за вадење вода за наводнување на Преспанското Поле сè до атарот на селото Сливница. Денес голем број од овие прекрасни куќи се постојани живеалишта. Исто така, туристичката населба Претор, чие име потекнува од староримското име на селото Претор, е познато туристичко место, особено по убавите климатски услови за рекреација, по сламените чадори и слатката вода на Преспанското Езеро, потоа по игралиштата за одбојка, модерните ресторани и, конечно, по ниските цени. Кире Јоновски живееше во Претор, а службуваше во Ресен, Асамати, Отешево од 1947 до неговото пензионирање во 1987 година. Тој црташе уметнички слики со мотиви од Преспа, а снимал и фотографии и филмски материјали како долгогодишен дописник на Македонската телевизија и на Телевизија Белград од Преспа, како и на многубројни весници и списанија. Еден дел од неговото сликарско творештво беше уништено за време на земјотресот во Скопје во 1963 година, кое беше изложено на Изложбата на сликари аматери. Тој, во исто време е добитник на првата награда на Изложбата на слики во Ресен, а втора награда на Југословенската изложба за дијапозитиви во Самобор кај Загреб. Кире Јоновски беше еден од организаторите и учесниците на сите манифестации што се одржуваа во Претор. Така, меѓу другото, за него посебно внимание привлекуваше традиционалната хумористична приредба „Преторска свадба“ во изведба на феријалците од Скопје и Битола. Сето тоа привлекуваше голем број туристи од Битола, Прилеп, Скопје, Ресен и други места од Република Македонија и пошироко и претставуваше своевиден културен настан за посетителите. Кире фотографираше и ги излагаше своите дела во Детското одморалиште „Мите Богоевски“ во Претор кое работеше во рамките на организацијата за одмор и рекреација на деца и младинци „Младост“ од Скопје. Ова училиште во природа во изминатите децении било собиралиште на илјадници деца и младинци кои доаѓале на летување, зимување, екскурзии, спортски подготовки и настава во природа. Инаку, според пишувањето на Кире Јоновски, печалбарската традиција во неговиот крај е присутна од дамнина. Нивната фамилија Судџови, сегашна Јоновци, е една од најстарите што живее во Претор со векови. Според преданијата, нивните прадедовци работеле во логистиката на царот Самуил. Како фамилија биле познати и по тоа што, уште за време на Отоманската Империја предците оделе во Цариград и биле познати бавчанџии. Неговиот дедо Димитрија зборувал девет јазици, додека неговиот татко Јаким бил во Америка во почетокот на минатиот век. Од неговата фамилија имале многу роднини во Австралија, Америка и Канада. Не се памети кој прв почнал да оди во Америка од преторскиот крај. Но, според Јоновски, се памети првата жена која отишла во Америка. Имено, на Преторска Река, извесен Кузман од селото Сливница имал воденица, но морал да замине на печалба и со него ја понел и жена му. Таа во Америка им готвела јадење на работниците од Македонија што ја граделе пругата. Исто така, остана во сеќавање раскажувањето на новинарот Кире Јоновски дека Преспа, како и цела Македонија, отсекогаш била опсесија на туѓинците, на освојувачите. Регионалниот пат од Ресен за граница на јужниот сосед, се спушта токму кај Претор и паралелно води покрај езерото. Во минатото, на широчинката како туристичка атракција беше изграден брод- ресторан. На оваа широчинка во 1917 година застанал да го разгледа Преспанското Езеро бугарскиот цар Борис и неговиот брат кнезот Кирил, кои ги посетиле војниците на фронтот во Претор. Во 1924 година од истото место, пак, српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ го разгледувал Езерото и уживал во неговите убавини. Осум години подоцна дошол и престолонаследникот Петар со неговата мајка Марија. Меѓутоа, посетата на претседателот Тито пролетта во 1957 година му останала длабоко во сеќавање. Во Претор требало свечено да се пушти во употреба новоизградената Пумпна станица за наводнување на Преспанското Поле. Сè било подготвено за дочекот на Тито. Имало дојдено многу народ. Киро како ученик во прво одделение од основното училиште „Глигор Прличев“ имал чест да му предаде китка цвеќе на претседателот. Но, пред да почне свеченоста дошол полковник од контраразузнувачката служба што бил во претходницата и не дал дозвола поради безбедност на претседателот. Колоната застанала каде што е широчинката. Таму претседателот Тито прошетал до самото Езеро, го разгледал со двоглед и колоната се вратила за Ресен. Инаку, во периодот од 1950 до 1955 година, Кирил-Кире Јоновски бил волонтерски секретар на Сојузот на културно-просветните организации на Преспанска Околија и активист на Културно-уметничкото друштво „Таше Милошевски“ од Ресен. Тој бил основач на Кино-театарот во Ресен и две години негов управник. Туризмот беше втората љубов на Кире Јоновски. Цели дваесеттина години бил на раководни места во туризмот, меѓу кои во организациите „Преспа турист“, „Генерал турист“, „Турист Преспа“, а две години бил претседател на Одборот за уредување на островот Голем Град и за изградба на пристаништа со пловни објекти. Затоа со право се тврди дека Јоновски бил еден од иницијаторите за изградба на туристичката населба Претор.
Активностите во туризмот и во заштитата на животната средина, посебно на Преспанското Езеро и на островот Голем Град ги продолжил и по пензионирањето, учествувајќи со свои трудови на повеќе домашни и меѓународни симпозиуми. Како туристички работник Кире Јоновски три децении, од 1967 до 1997 година членувал во раководството на Туристичкиот сојуз на Македонија и еден мандатен период во Собранието на Туристичкиот сојуз на поранешна Југославија. Притоа бил добитник на плакета од Туристичкиот сојуз на Југославија. Карактеристично е да се одбележи тоа што Кире Јоновски цели десет години бил постојан дописник на ТВ-Скопје и ТВ-Белград. Исто така, бил соработник и на „Танјуг“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Народна задруга“, „Трудбеник“, „Комунист“, „Остен“, „Туристичке новине“ и други. Истражувајќи го родниот крај, има објавено неколку фељтони за историјата на Преспа во весникот „Нова Македонија“. Автор е на на документарен ТВ-филм за островот Голем Град. Како голем познавач и хроничар на родната Преспа тој ја подготви публикацијата „Преспа“ Оваа книга е значајно и трајно дело за Преспа. Таа е исполнета со бројни фотографии од неговиот фото-фонд, а е издание на „Генерал импекс“ од Скопје, 2000, 1-192. Публикацијата „Преспа“ е посветена на Преспа и нејзиниот историски развој, на Преспанското Езеро, на островот Голем Град и во целина на културно-историското наследство на Преспа. Инаку, во туристичката населба Претор плажата веќе неколку години е разубавена и се одржува во пристојна состојба за капачите и оние кои се рекреираат. На плажата има и ресторани и кафулиња. Во функција се оставени неколку работнички одморалишта и хотел. Исто така, во Претор работат Феријалното летувалиште „Преспа Претор“ на битолските феријалци и детското одморалиште „Мите Богоевски“. За жал, сите други објекти, кои пред неколку децении биле најголемото сврталиште за битолчани, прилепчани и жителите од Преспа, сега тонат во заборав, запуштени од предолгите стечајни постапки и недефинираната сопственост. Исто така, денес летувалиштето Претор може да се пофали со бројните ресторани кои се нанижани како преспански ѓердан покрај Преспанското Езеро и во кои убавите и богати софри се надополнуваат со надалеку познатиот преспански крап и нивичката белвица (позната како циронка). Затоа, многумина велат дека летувалиштето Претор со своите песочни плажи и убавата храна е рај за одмор на душата. Воздухот и тишината, се чини прочистуваат и ги поттикнуваат посетителите повторно да дојдат во Преспа. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите |