|
||||
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: ЈАНЧЕ АНДОНОВСКИ – АВТОР НА ДЕЛА ЗА ВИСТИНА НА ДОЛНА ПРЕСПА (14) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Еден од значајните афирматори и чувар на минатото и историскиот развој не само на Преспа, туку и на етничка Македонија е, секако, Јанче Андоновски, познат автор на значајни дела за Македонија, со посебна нагласка на своите дедовски корени од селото П‘пли (Папли) Мајката природа на Долна Преспа во егејскиот дел на Македонија ѝ подарила богатство од убавини и атрактивности. Во исто време, историјата ѝ оставила непроценливи траги од значајни настани. Затоа долнопреспанци каде и да се во родниот крај или надвор од него, се радуваат со сето тоа што го има во сите делови на поделена Долна Преспа, се гордеат и го чуваат ваквото богатство за идните генерации. А, таму и во Долна Преспа и во Костурско е познато дека според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички македонскиот народ ѝ е туѓ на Грција. Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент од 1913 година ја проширила својата власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етничкиот состав во своја корист. Грчката буржоазија, сао намера да го избрише секој белег што потсетува на македонскиот карактер на Беломорска Македонија, во ноември 1926 година донела Закон за замена на македонските топоними со грчки имиња на селата и градовите, називите на планините, полињата, реките, на сé што е македонско. Еден од значајните афирматори и чувар на минатото и историскиот развој не само на Преспа, туку и на етничка Македонија е, секако, Јанче Андоновски, познат автор на значајни дела за Македонија, со посебна нагласка на своите дедовски корени од селото П‘пли (Папли) Јанче Андоновски е роден на 31.8.1969 година во Скопје. Меѓутоа, неговите корени се протегаат до Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија. Неговиот татко Ристо е од селото П’пли од Преспа, Леринска околија и мајка му Елена е од селото Косинец, Костурско. Долна Преспа А Јанче Андоновски своето образование го добил во родниот град Скопје, каде и дипломирал на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и добил звање - дипломиран инженер по дрвна индустрија. Со пишување се занимава од раните години, каде што главна преокупација му е обелоденувањето на вистината за Македонците од егејскиот дел на Македонија. За него, оваа тема претставува неисцрпен извор, кој во исто време е и длабоко врежан во неговите мисли: Тој секогаш се обидува да ја стави на парче хартија тематиката за Егејска Македонија и да остави белег за идните поколенија Како младинец со патриотски настроена душа, своите почетоци во пишувањето ги започна во далечната 1985 година, кога се претстави со телевизиската драма „Крваво за Македонците“, каде што само за него и на негов својствен начин преку драматични сцени и моменти ни ја претставува судбината на македонскиот народ во времето на владеењето на османлиите на овие простори и целата голгота која ја трпеле Македонците. Во 1986 година се појави со театарската претстава „Мозок“, комедија во два чина. Во оваа драма авторот преку комични секвенци не носи во едно семејство кое е соочено со љубовните проблеми на својата ќерка, каде што авторот ни дава една јасна порака дека секогаш е потребно да се слушаат родителите, затоа што тие се и најдобрите другари. Во 1987 година ја пишува монодрамата - комедија „Итар Пејо се вратил од кај грешните“. Во оваа комедија авторот преку комични гестикулации и сцени во кој главниот лик е Пејо, истиот се вратил од „оној“ свет, а воедно и раскажува за личностите кои ги сретнал таму, доле. По кратка пауза, во 1991 година Јанче ни ги презентира сетот на драми „Разделба“, монодрама, „Тугинец во Ташкент“, дијалог, и „Средба“, дијалог (насловите се подготвуваат за сценарио за долгометражен игран филм со наслов „ОМНИЗОДУС“). Преку наведените драми, авторот обелоденува дел од немилите моменти од трагичните случувања на Македонците од егејскиот дел на Македонија во моментот на напуштањето на родните огништа, престојот во туѓина и најтрагичниот момент на средба во татковината со другите членови од распрчканото семејство. Во 1992 година, Јанче Андоновски ја напиша монодрамата „Суд над Бога“, каде што авторот се обидува за цело време да разговара сам со себе, каде што самокритички говори за предавството на човекот кон Бога и неправедниот однос на целокупниот човечки род. Во 1995 година се појави неговата збирка песни насловена како „Носталгија кон далечниот роден крај“. Таа е издание на Здружението на децата бегалци (протерани) од егејскиот дел на Македонија. Самиот избор на насловот ја кажува и тематиката во содржината на песните. Покрај пишување драмски дела кои го опфаќаат најдраматичниот период од историјата на македонскиот народ, Јанче Андоновски се зафаќа и со пишување на неколку сценарија за играни серии и тоа: „Непобедива си судбино“, сценарио за филм во 1991 година, работено по расказот „Опустошени души“ од Зоран Јакимоски; во 1992 година го пишува сценариото за детската играна серија „Мудроста на Аладиновата ламба“, а истата година го пишува и сценариото за кореодрамата во шест слики „Молк на душата“, посветена на Македонија од референдумот па за навек. Како посветена личност која со големи емоции својот поглед го насочува кон минатото, во 2012 година излезе од печат неговото капитално дело, како монографија за родното село на неговиот татко насловено како „П’пли низ минатото“. Преку ова издание, авторот доловува делови од прекрасното и живописно преспанско село, од начинот на живот на тогашните жители, големите огнови, испустувањето, немилите случувања и присилното напуштање на селото. Монографијата „П`пли низ минатото“ од Јанче Андоновски беше промовирана на 27 ноември 2012 година во Домот на АРМ во Скопје, а во организација на Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. На промоцијата авторот Андоновски истакна дека оваа книга им ја посветува на сите п`плевци каде и да се низ целиот свет. Тој подвлече оти му биле потребни многу години за да навлезе во јадрото на болката, што ја преживеале не само п`плевци, туку целиот македонски народ од егејскиот дел на Македонија. Исто така, тој рече дека илјадници зборови се кажани и уште толку ќе се кажат, но пишаното ќе остане како издлабено во карпа за век и векови, подвлече Андоновски, оти отсекогаш бил заинтересиран и со големо внимание ги чувал сеќавањата и спомените кои ги кажувале п`плевци. Во своето излагање промоторот на делото „П`пли низ минатото“, Мишо Китановски уредник на весникот „Незаборав“, рече дека Андоновски во шест глави ја раскажува историјата на село П`пли, притоа нудејќи бројни непознати факти, имиња и процеси кои се случиле, но и пресликувајќи го културното и фолклорното наследство. Домот на АРМ - Наместо егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија, окупиран од Грција, да се изедначи и да се афирмира како тоа што е направено со геноцидот - холокаустот на Евреите, се чини дека сé уште, за жал, имаме задржан однос по прашањето, односно како да се плашиме од некого. А, македонскиот егзодус е рамен на сечиј европски егзодус и е повеќе од историски факт кој ниту смее, ниту треба да се заборави, рече Китановски. Затоа, со право се вели дека повеќедеценискиот процес на етничко чистење, елинизација, бришење на македонската историја и нејзиното толкување според елинските големодржавни потреби е процес на бришење на македонскиот национален идентитет и постоење. Особено егзодусот на Македонците од Долна Преспа како последица од војните и од елинските (грчките) репресивни режими, спаѓа во редот на најтрагичните етнички чистења направени врз еден народ во најновата европска историја. Поради остварување на елинските мегаломански идеи, Македонците од Долна Преспа, а и од цела Беломорска Македонија, од 1913 година се изложени на физичка и духовна репресија, која низ различни форми, но со непроменети цели, трае до ден-денес. Се обезличува и деноминира македонскиот народ и неговиот национален идентитет низ перманентна елинизација. Не се дозволи враќање на илјадниците протерани Македонци, со цел да се прикаже македонската историја како елинска. Јанче Андоновски, во 2017 година ја издаде и збирката на песни насловена како „Татковиот лик“, во издание на библиотеката „Незаборав“ при Здружението на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија. Во процес на подготовка за печатење му се и делата: романот „Ленка“, посветен на неговата мајка, и монографијата со фотоалбум за селото Буринец (село во Долнореканскиот Регион на Македонија) насловена како „Буринец во минатото“. Јанче Андоновски се јавувал и како новинар во месечното издание „Македонија“, гласило на Матицата на иселениците од Македонија. Тој пишува и статии за личности од Егејска Македонија кои се занимаваат со литературна дејност. Исто така, Андоновски бил рецензент и промотор на делата „Спомени“ во 2005 година, „Непокор“ во 2008 година и „Немирно време“ во 2011 година, сите од професорот Христо Ристовски. Во 2010 година е рецензент и промотор на драмата „Сузи“, а во 2011 година на новелата „Ченто и неговото време - Македонска сага“ од професор д-р Методи Поп Георгиев. Со свои поетски остварувања зема учество во збирките песни насловени како „Песни за Скопје“ во 2000 година и „Рацин два брега“ во 2015 година од авторот Васил Тоциновски. Од активностите на Јанче Андоновски треба да се нагласи дека од најмлади години е задоен од кажувањата за трагичните моменти, патилата и судбините на Македонците од егејскиот дел на Македонија, а од 1988 година, од „Средбата на децата бегалци“ активно се вклучува во редовите на организацијата која ги собира и ги насочува во негувањата на традициите од тој дел на Македонија. Така, во 1994 година е избран за член во Претседателството на Здружението на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија, каде што настапува со свои идеи за помасовно вклучување на потомците на некогашните деца бегалци во редовите на организацијата. Во 1998 година е избран за претседател на републичкото Здружение на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија, каде беше значаен дел од организацијата за одржување на две светски средби. На чело на Здружението е два мандата, во траење од десет години, а и денес е актуелен претседател, кој активностите на Здружението ги насочува кон издавачката дејност и секојдневни контакти со активисти кои се со постојано место на живеење во родните места во Егејска Македонија. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите |