|
||||
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: АМБАСАДОРОТ ПЕТРЕ НАКОВСКИ ОД ДОЛНО ДУПЕНИ – РОМАНСИЕР И ПРЕВЕДУВАЧ (15) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Петре Наковски е еден од видните поранешни дипломати, кој покрај дипломатската дејност како прв амбасадор на независна Република Македонија во Република Полска, се занимава со пишување романи и преведување. Тој е скопски Преспанец со длабоки егејски корени, а кои изградил прекрасен дом во Долно Дупени, недалеку од Преспанското Езеро, каде поминува голем дел од неговите пензионерски денови Тој е автор на книгите: „Постела за чемерните“ (1985); „Македонски деца во Полска“ (1948-1968), (докторски труд); „И каменот е земја“ (1988); „Големата удолница“ (2003); „Големата измама“ (издадена и на англиски јазик) (2007); „Македонските бегалци во Полска“ (1948-1975, 2008) и „На пат со времето“ (2010), издадена и на англиски јазик, а во превод на познатиот писател Ристо Стефов од Канада.Добитник е на наградите: „Златно перо“, Награда на полските автори и полските одликувања: „Златен медал за заслуги за полската култура“ и „Златен орден на командоријата“. Петре Наковски е роден на 17 јули 1937 година во селото Крчишта (Палианемон), Костурско, Егејска Македонија. Тој е едно од децата протерани од своите корени во текот на Ѓраѓанската војна во Грција. Инаку, според историскиот развој и пишаните документи, неговото родно село Крчишта се наоѓа на дваесеттина километри западно од Костур во непосредна близина на грчко-албанската граница, сместено на површина на надморска височина од околу илјада метри. Како и голем број на села во тој регион на Егејска Македонија, до Граѓанската војна во Грција било чисто македонска населба. До неговото растурање и бришење од географската карта не претрпело никакви етнички измени. Тоа било мало македонско село со околу педесетина куќи, од кои имало одреден број печалбари во прекуокеанските земји во периодот меѓу двете светски војни. Меѓутоа, од 1961 година селото се испустило и се води без население. Десет години по протерувањето на Македонците, грчките „демократски“ власти како што направиле во најголемиот број македонски села, така и во Крчишта, населиле православни турски бегалци (Просфиги).
Костур Селото Крчишта е познато по тоа што во 1923 година во него е роден Михаил Апостолов-Гранати, македонски револуционер и борец за слобода на Македонија, активист и организатор на НОФ за Егејска Македонија. На планината Грамос, во месноста Клепчево, во моментот кога заедно со своите соборци, како политички комесар на баталјон на ДАГ, јуначки се бореше за слобода на Македонија во една од борбите против грчката владина војска, тој загинал на 31 март 1948 година. Селото Крчишта е познато и по тоа што весникот „Славјано-македонски глас“, кој бил, орган на Окружниот комитет на СНОФ за Костурско, таму се печател на македонски јазик, на кирилица. Одговорен уредник на гласилото бил Лазо Поплазаров. Весникот се издавал во селото Крчишта, во периодот од декември 1943 до јули 1944 година. За тој период биле објавени вкупно 8 броја на весникот(од кои еден вонреден), на шапилограф, во тираж од околу 500 примероци. Престанало да излегува со забраната на Славјано-македонскиот народноослободителен фронт (СНОФ) од страна на раководството на КПГ. Инаку, овој фронт било македонско национално ослободително движење во егејскиот дел на Македонија. СНОФ во Костурско бил формиран на 20 октомври 1943 година во селото Д'мбени, Костурско, а во Леринско е формиран во ноември истата година во селото Белкамен. Во овие две села биле одржани и конститутивните конференции на СНОФ за Костурско и за Леринско. Затоа, често се вели дека амбасадорот Петре Наковски е роден во патриотско и револуционерно место. Овој поранешен жител на селото Крчишта тргнал со опинчиња од родниот крај и се искачил на пиедестал да биде прв амбасадор на Република Македонија како самостојна и суверена држава во Полска. Oд 1989 година, тој е член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на повеќе раскази објавени во наша периодика, како и на споменатите романи. Педагошка школа завршил во Полска, а Филолошки факултет во Македонија. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Бил новинар во весниците „Вечер“ и „Нова Македонија“, а работел во Министерството за надворешни работи. Како преведувач, пак, од полски на македонски има преведено и објавено 40 литературни дела и поголем број песни и раскази од македонски автори, како и драмата „Црнила“ на Коле Чашуле. За значајните постигнувања во областа на литературата, тој е добитник на наградите „Златно перо“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачки опус, а е одликуван со Златен медал за заслуги за полската култура и Златен орден на командоријата во Полска. Секое од делата на Петре Наковски е посветено на одреден временски период, а сите негови дела, всушност, претставуваат еден роман за една иста голгота на македонскиот народ, за геноцидот врз Македонците, кој авторот го пишува цели четириесет години. Анализирајќи го творештвото на Петре Наковски, може да се заклучи дека романот „Постела на чемерните“ зборува за насилно прогонетите од родните огништа во времето на Граѓанската војна во Грција од страна на комунистите, собрани во логорот Прењес или Перењас во Албанија. Авторот го опишува престојот на поголема група стари луѓе од Костурско, жени во години, кои, речиси, двапати дневно излегувале од коњушниците на поранешна италијанска база каде што биле сместени, пречекувајќи ги камионите со ранети кон Драч и Елбасан, и испраќајќи ги кон Грција здрави, повторно за на фронт, Грци и Македонци. Во Прењас-Перењас сместени биле и децата од 15 и 16 години, кои поради протестите на родителите од Романија ги префрлаат во Албанија. Романот „Големата удолница“ го претставува одот на Македонците во борба за ослободување на Македонија. Авторот Наковски ја отсликува таа саможртва на македонскиот народ, укажувајќи дека само после една година меѓу него се фрла нова парола „борба против англо-американскиот империјализам“. Романот завршува со битките на Грамос во 1948 година кои траат седумдесет деноноќија. На Грамос, на 22 јули 1948 година, за првпат се употребуваат напалм-бомбите, од кои гореше младоста на Македонија. Вториот роман на Петре Наковски „И каменот е земја“ зборува за организацијата на депортацијата на децата од 2 до 14 години и за пропагандата преку НОФ и АФЖ, со цел нивна дислокација од регионите загрозени од воените дејства, во Албанија и Југославија а оттаму во другите источно-европски земји. Авторот Наковски низ судбината на главниот јунак ги разобличува целите на оваа операција: мобилизација на родителите за потребите на фронтот и разбивање на македонското семејство. Со жртвите од воените дејства и егзодусот на децата започнува искоренувањето на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Најпосле, и каменот е земја, како наслов на романот, затоа што едно дете на пат во прогонство кон непознатото, од дворот на домот зема едно камче и тоа за цело време на животот, низ сите страници на романот, го потсетува на родината. Содржината на романот „На пат со времето“, пак, е проткаена со личните доживувања на авторот Петре Наковски, како и со сведоштва на бројни живи сведоци. Го опфаќа времето од крајот на Граѓанската војна во Грција сè до денес. Низ документарен приказ, тој ги расветлува настаните во тоа време-невреме, а преку судбините на одделни личности успева да ги протолкува внатрешните доживувања, траумите и страдањата кои остануваат длабоко врежани во колективната трагедија и меморија, на Македонците за Македонија.
Долна Преспа Како продолжение на овој роман е романот „Големата измама“ во кој, врз основа на архивска граѓа и документи, авторот Петре Наковски зборува за пропагандните форми, методи и средства на кои биле изложени Македонците од КПГ Во ова возбудливо дело авторот говори за трагични настани поврзани со геноцидот врз Македонците. Оваа документарна проза е проткаена со лични трагедии и народни страдања, со автентични кажувања на луѓе кои лично ја доживеале голготата на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година. Сите настани во романот „На пат со времето“ се вистинити, секоја сличност е случајна. Патувањето низ Албанија е реализирано со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Нашиот опстој е од многу минато и од малку сегашност. Тоа што сме денес е потврда на тоа што некогаш сме биле. Опстојот на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Албанија, Југославија, Советскиот Сојуз и источно-европските земји за авторот значи опстој и на Македонците во родните огништа. Авторот Наковски прави споредување на судбината на Македонците прогонети од родното огниште, со тие кои останале за да го обноват изгубеното и опустошеното, да не остане одродено огништето. Македонците надвор од Грција, од една страна, со топол дом, работа и љубов, од деца насилно откорнати од мајчината прегратка и далеку од родниот дом, до оформени во образовани и почитувани личности таму каде што продолжиле да живеат. Петре Наковски вели: „Се навраќаме кон тоа време поради потсетување дека постоевме на свое такви, какви што бевме - вкоренети во прадедовата и дедовата земја и во неа запечени со свои адети и вера, посветени на добрината и исполнети со верба, но измамени и со изгубени надежи. Желба ми е барем дел од тоа време да го обеспрашиме и обележиме со пишан збор, за да остане засекогаш врежано во поединечното и колективното паметење. Протекоа годините. Секнуваат генерациите кои го доживеаја и преживеаја злото. Многукратно напластената желба за враќање во родните огништа се претвори во долго битисување. Ретките дрвени крстови без име и презиме набрзина вкопани врз тие кои загинаа во нерамните битки на тригодишната крвава војна - изгнија, со земјата се израмнија гробовите и масовните гробници, таму каде што денес побрзо можеш да се сопнеш од расфрлените парчиња бомби, гранати и куршуми, од испокршените надгробни плочи и крстови, од остатоците на темелите на нашите куќи. Само тие потсетуваат за сето тоа, дека тука, во македонските села и планини се случи злото. За нас најголемо. И треба да се знае кој го предизвика и изврши и за кого лошото најлошо заврши. Одејќи по трагите на спомените посакавме, од мракот на заборавот да спасиме делчиња од целината на човековите патила. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите |