Среда, 25 Декември 2019    PDF Печати Е-пошта
ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: Д-Р МЕТОДИЈА ТОМЕВСКИ ОД БРАЈЧИНО – ВЉУБЕНИК И ПОСВЕТЕНИК НА ПРЕСПА (16)

metotomevski1

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“

Примариус д-р Методија (Мето)Томевски е роден во 1938 година, во убавата Преспа, во селото Брајчино. Основното образование го завршил во ОУ „Даме Груев“ во селото, кое денес, за жал, е само нем споменик за минатото. Благодарение што Светската банка одобри донација да се реновира училиштето во Брајчино, тоа го врати стариот изглед, но во него не се одржува настава.

Во тоа училиште се стекнале со образование стотина дипломирани интелектуалци, од кои голем број се инженери, економисти, професори, правници, лекари, писатели, фармацевти, режисери, меѓу кои е и примариус д-р Методија, или како неговите блиски го викаат Мето Томевски.

Кога се пишува за семејните корени на д-р Методија Томевски треба да се потенцира дека столбот на семејството Томевски беше таткото на Методија, Ефтим. Тој беше еден од првите повоени учители во Преспа, заедно со Методија Јофковски од Љубојно и Филип Поповски од Долно Дупени, кои ги поставија темелите на образовниот систем во Долна Преспа. Ефтим беше учесник во НОБ од 1941 година и воен инвалид. Тој беше почитуван во Долна Преспа и пошироко.

Инаку, Методија Томевски е печалбарско дете. Дедо му по татко, Јован Томов, роден 1892 година бил економски емигрант – печалбар кој заминал за Соединетите Американски Држави во 1914 година.  Неможејќи да седи настрана, се вклучил и во македонските организации. Така, бил втор секретар на МПО, (Македонска патриотска организација), кога прв секретар бил Насто Лазоров од Туминец, Мала Преспа, во Албанија.

Дедо му припаѓал на групата т.н. центарот на Гоце Делчев, со сфаќања за својот идентитет дека се Македонци, јазикот им е македонски, односно „нашенски“ бидејќи во тоа време македонскиот јазик не бил признат, а државата им била Македонија. Тоа е време - невреме по Букурешкиот договор, кога Македонија неправедно била поделена на три дела, македонскиот дел и бил доделен на Србија. Но, мотото на сите македонски фракции во тоа време било: Македонија на Македонците, а нивниот идеал бил обединување на распарчената Македонија.

metotomevski2

Брајчино

Прадедото на Методија, Томе Чоролов, бил роден 1849 година во Брајчино, и бил кмет во два мандата, кој поради неговата свест и храброст за неговиот јасен идентитет како Македонец, бил тепан и малтретиран и од Србите и од Бугарите ама  за ниедна цена не прифаќал ниту српски ниту бугарски јазик. Тој бил поборник да се зачува манастирот „Света Петка“ во Брајчино, кој е едно од поважните духовни светилишта во Преспа. Манастирот се наоѓа во непосредна близина на селото, на едно ливадско плато, а е изграден во XVI век, а во 1902 година му биле запалени конаците, но во 1985 година повторно се обновени со приватни донации и се приспособени за туристички цели.

Претежно од економски причини брајчинци почнаа да се иселуваат во Австралија, Америка, Канада и Шведска после 50-тите години од минатиот век. Како последица на таквото иселување во 90-тите години, од над илјада жители, колку што живееја во селото, бројот се намали на околу 200, за денес да останат само стотина жители од кои поголемиот број се повозрасни луѓе. Последиците се очигледни: училиштето е затворено,одамна,  по улиците нема џагор од дечиња, нема свадби, нема крштевки, има само умирачки.

Меѓутоа, од пред десетина години животот во селото како да почна да се враќа, селото како да заживува. Со изградбата на асфалтниот пат до селото и асфалтирањето на голем број од селските улици, се изгради водоводна мрежа и други инфраструктури, што како да беше повод, голем број брајчинци по светот, по пензионирањето да почнат да се враќаат и да ги реновираат своите стари куќи или да градат нови современи домови во Брајчино. Така и почна селото да заживува, да се враќа животот како во минатото.

Меѓутоа, печалбарското дете Методија Томевски станал специјалист педијатар, примариус, потпретседател на Здружението на педијатри на Македонија, автор и коавтор на повеќе од 40 стручни и научни трудови. Десетина години бил стручен уредник на списанието „Здравје“, уредник на „Педијатрискиот информатор“ и член на Здружението на новинари на Македонија.

По завршувањето на основното училиште во родното место, се запишал во Осумгодишното училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно што е на растојание од два километра. Таму со успех го завршил образованието, а потоа заминал за Битола да се здобие со гимназиска диплома.

Во врска со образованието на д-р Методија Томевски ја слушнавме сторијата дека се постапило по сугестијата на просветниот инспектор Корун од Ресен во далечната 1951 година, при службена посета на училиштето „Даме Груев“ во Брајчино, каде учител бил неговиот татко Ефтим, инспекторот бил и нивни гостин. На прашање од неговиот татко: каде да го продолжат образованието неговите деца и за која професија би им советувал? Неговиот одговор бил: професија занает, а такви се техничките и медицинските науки.

Методија бил трудољубив ученик, со голема љубопитност и желба за знаење кој се посветил на учењето, така што и основното училиште во Брајчино и прогимназијата во Љубојно ги завршил со одличен успех. Потоа, средното образование го завршил во реномираната Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Битола. Тоа е периодот кога Методија, покрај учењето го сакал, фудбалот, пливањето, добрата книга...

Бидејќи во текот на средното образование поголем интерес и наклонетост имал спрема природните и општествените науки и дефинитивно се определил за медицинските науки и во 1957 година се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје. Програмата на Медицинскиот факултет ја следел со посебен интерес и ентузијазам. Неговата генерација ја имала таа привилегија, така што најголемиот број наставници – професори биле еминентни стручњаци од Белград, Загреб и Љубљана, школувани во реномирани европски универзитети, со посебен респект на професорите: Вељко Бујан, Исак Таџер, Димитар Арсов и други.

Медицинскиот факултет го завршил со посебна љубов, а до вработувањето се посветил на изучување на англискиот јазик. Мотив за изучување на англискиот јазик во тоа време му била, достапноста до стручната литература која била најбогата на англиски јазик, но и желбата да замине во САД на молба и надеж на неговиот дедо Јован Томев, кој во далечната 1914 година заминал за Лореин, во државата Охајо и каде живеел сè до 1966 година.

Во биографските податоци на д-р Методија Томевски се вели дека по завршувањето на факултетското образование, првото негово вработување било во Здравствениот дом Скопје во најстариот, најголемиот и најафирмираниот детско - школски диспанзер „Парк“, а потоа и во „Идадија“  кои во 1967 година имаа 28.000 пациенти.

metotomevski3

Старо Скопје

Во тие младешки години, почнал со ентузијазам и желби за добра иднина и ја почувствувал неопходноста од натамошна надградба и стручно усовршување и затоа запишал волонтерска специјализација, бидејќи Здравствениот дом, за жал, немал предвидено фонд за усовршување и специјализација која траела 4 години.

По завршувањето на специјализацијата продолжил да работи во детско – школскиот диспанзер во Козле, Општина Карпош, каде останал сè до неговото пензионирање на 30 декември 2004 година. Во меѓувреме во четири наврати со статус на надворешен практикант (екстерн) престојувал во Сент Џозеф Хоспитал во Лореин Охајо и во Сејди Шаид Хоспиталс во Питсбург, САД.

Во текот на неговиот работен век, бил извонредно активен речиси на сите полиња, пред сè во неговата стручна, но и организациска и едукативна надградба, во Здравствениот дом во Скопје и пошироко во Републиката.

Со своите четириесетина авторски и коавторски стручни и научни трудови, учествувал речиси на сите симпозиуми и конгреси со меѓународно учество во земјата и во странство, организирани од Здружението на педијатри на Македонија, но и од другите здруженија при Македонското лекарско друштво.

Бил активен и ангажиран во Управниот одбор и Стручниот совет на Здравствениот дом. Бил началник на Одделението за педијатрија при Здравствениот дом Скопје. Од 1996 до 2006 година бил главен и одговорен уредник на списанието за здравствено воспитување „Здравје“, продолжение на згаснатото списание „Народно здравје“.

Од 1996 година на барање на Американската амбасада, за здравствена заштита на нивните деца, од страна на Министерството за здравство формално бил акредитиран како педијатар во диспанзерот Козле. Привилегијата и одговорноста му биле доделени на д-р Методија Томевски благодарение на неговиот стручен авторитет и кредибилитет и познавањето на англискиот јазик, за обезбедување севкупна здравствена заштита, превентивна, каде спаѓа и имунизацијата – вакцинацијата и куративната грижа и за болното дете. Повеќе од десетина години, сè до укинувањето на визниот режим, неговите услуги и услугите на диспанзерот во Козле ги користеа и другите амбасади и конзуларни одделенија на дипломатскиот кор.

Во 1998 година Здружението на педијатри на Македонија ја доби престижната Златна плакета од СЗО за Европа, како најуспешни во спроведувањето на превентивните програми и проекти, со постигнати максимални резултати пред сè во имунизацијата – вакцинацијата против заразните болести со опфат над 98 %, додека истовремено во развиените европски земји тој опфат беше половина од македонскиот.

Исто така, и поради здравственото просветување, за одржување на лична и колективна хигиена по градинките и училиштата, правилна исхрана на децата и мајките, потоа, предавања за неопходноста од физичка активност и спортски вежби за правилен раст и развој и борба со лошите навики во врска со пушењето, алкохолот и потенцијалната опасност од зараза со ХИВ - СИДА. Во тој период бил и претседател на огранокот за педијатрија на град Скопје при Здружението на педијатри на Р. Македонија.

Во сите овие активности стручни и организациски д-р Томевски  максимално бил вклучен и ангажиран и ги исполнил условите за стекнување со звање примариус, пандан на признание за животно дело во другите струки и дејности. Од 2001 година до денес е потпретседател и активен член на Управниот одбор на Здружението на педијатри на Македонија како и постојан член на Комисијата за реформи во здравството при Македонското лекарско друштво.

Крај

 KatS

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

www.slavekatin.com

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.