|
||||
РОМАНОТ „ЛЕНКА“ ОД ЈАНЧЕ АНДОНОВСКИ - ДЕЛО ПОСВЕТЕНО НА СУДБИНАТА И ТРАГЕДИЈАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА |
Неодамна излезе од печат самостојното издание „Ленка“ од Јанче Андоновски, чиј рецензенти се Никола Алтиев и Ставре Џиков. Овој роман навлегува длабоко во животот на едно македонско семејство од селото Косинец од околината на Костур, токму во немирните години за Беломорска Македонија Романот преставува вистинска животна сторија каде што преку живописните случки авторот се обидува да обелодени дел од судбината и трагедиите на мирното македонско население во егејскиот дел на Македонија, кое, за жал, било приморано присилно да го напушти прадедовиот праг и за секогаш да замине во места, за Македонците туѓи и непознати. Всушност, романот ги содржи кажувањата на авторовата покојна мајка која со силна и трогателна емоција му ги пренесувала случките и настаните кои што и таа самата ги имала доживеано. Затоа, авторот Андоновски во романот се обидува да внесе што е можно повеќе случки и настани, со цел делото да има естетски и морални вредности. Инаку, авторот на романот „Ленка“, Јанче Андоновски е роден 1969 година во Скопје. Потекнува од егејскиот дел на Македонија, по татко Ристо од селото П‘пли во Долна Преспа, Леринска околија и мајка Елена од селото Косинец, Костурско. Образованието го стекнува во Скопје, во својата родна Македонија. Започнува да пишува од своите рани години. Главна преокупација му е обелоденување на проблемите и животот на Македонците од егејскиот дел на Македонија, коишто во далечната 1948 година, спасувајќи се од ужасите на Граѓанската војна во Грција свои прибежишта наоѓаат во тогашните социјалистички држави на Источна Европа и Советскиот Сојуз. За авторот на ова литературно-историско дело, судбината на Македонците од егејска Македонија претставува неисцрпна тема, којашто е длабоко врежана во неговите мисли и која како идеја секогаш се обидува да ја стави на парче хартија за да остави белег за идните поколенија. Затоа, авторот Јанче Андоновски секогаш се интересира за патилата, за животот, за немирните години, за војните во тие краишта, и сето тоа кај него има оставено длабоки траги, кои се дел од неговото секојдневие. Тие него го следат, тие се со него, тие се дел од него, тие се неговото утро, пладне и вечер. Уште како дете Андоновски се интересирал за патилата на Македонците од Егејот, а денес во овие години сето тоа го гледа со друг поглед, и нормално со друго размислување. Во романот „Ленка, авторот Андоновски се обидува да го долови автентичниот говор од Корештата (предел во Костурската околија, кој гравитира кон границата со соседна Албанија), говор што секојдневно го слушал од неговата покојна мајка. А и во романот се забележува дека има афтентични и архаични зборови кои се употребувале во секојдневието помеѓу селаните во тие краишта од Македонија. Затоа, со право може да се рече дека романот „Ленка“ е дел од богатиот мозаик на македонскиот непребол како знак дека огновите на македонската почва се’ уште не се изгаснати, тие тлеат и печат во секоја македонска душа, особено во таа која што ја почуствувала трагедијата на децата протерани од егејскиот дел на Македонија и разделени од своите родители. Во романот се опфатени делови од повеќе периоди од животот на авторовата покојна мајка, од нејзината најрана воздраст па се’ до поодраснати години како девојче кое во целост се обидувало да биде дел од безгрижниот живот на нејзините сестра и брат. Таа имала и свој заштитник, а тој бил нејзиниот дедо, дедото Нумо. И после многу поминати години, авторовата мајка секогаш при кажувањето за нејзиниот животен пат, знаела да го спомне, да се подзамисли, да се насмее, и на крајот со насолзени очи повторно да ја продолжи недоречената случка. Романот „Ленка“ е поделен на XIX естетски целини, сите тие претставуваат излив на емоции од трагедијата, патилата, поделбите, војните, разделбите од најмилите, и се’ е тоа преточено во една непресушна емотивна мисла од животот на босоногото девојче Ленка. Целините во романот меѓусебно се поврзни и преточени во една низа која една со друга не би можеле и не би ја одиграле главната ролја која е вгенздена во романот „Ленка“. Романот ја отсликува реалноста од минатото и сегашноста. За жал, од страна на големите и неправедни сили се наметна неправда со која Македонците од Беломорска Македонија се приморани ваквите вистински стории да ги заборават, или воопшто да ги избришат од нивната колективна меморија, за едно време, простор и настани. Затоа често се вели дека Егејската трагедија преставува непресушен извор на непребол, извор на светлина и тешки воздишки кои претставуваат мачна кованица на секоја пропатена македонска душа. Инаку, Јанче Андоновски својата публицистичка дејност ја започна во 1995 година кога и ја објавува збирката песни под наслов „Носталгија кон далечниот роден крај“. Потоа, во 2012 година од пачат излегува неговата дело „П’пли низ минатото“, монографијата за родното село на неговиот татко. Во 2017 година ја објавува стихозбирката „Татковиот лик”, каде што во делото авторот својот збор го посветува на повеќе теми, настани и личности од животот на својот татко, на тоа мало босоного дете родено во немирните години во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија. Наведените дела се во издание на библиотеката „Незаборав“ во рамките на Здружението на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија. Во подготовка за издавање е и неговиот расказ насловен „Од нашата маала“ кој се однесува на повеќе интересни настани и случки од животот на селаните во Егејска Македонија, по кажување на неговите родители и на неговата баба Флора (Донејца). Романот „Ленка“ на писателот и вљубеникот во дедовската земја е негово четврто дело,кое е вистинска приказна, за ликови и настани, кои се дел од случувањата од животот Беломорието во тие мрачни години за македонскиот народ. Затоа се надеваме дека ова дело ќе биде прифатено од читателската публика, бидејќи тоа е интересно четиво за судбината и трагедијата на Македонците од Егејска Македонија.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |