|
||||
Горна Ѓоновица – копнеж, предизвик, перспективи |
Селото Горна Ѓоновица се простира на падините на планината Буковиќ Пред некоја година, планинарско-спортскиот клуб „Бистра“ од Гостивар трасира и обележи планинарска патека од Горна Ѓоновица до кичевското село Зајас, која минува низ прекрасни предели на планината Буковиќ. Пештерата Убавица, рибникот „Бигор“, недопрената природа, чистиот воздух се предизвици за развој на туризмот и на други стопански дејности РАСКАЖИ НИ ЗА МАКЕДОНИЈА На крајот на јануари го посетивме селото Горна Ѓоновица, кое се простира на падините на планината Буковиќ, на 810 метри надморска височина. Иако зимата го достигна својот зенит, снегот го нема, односно белините се задржани на осојничавите места, што не беше случај во изминатите години кога снежната покривка изнесуваше и над половина метар. Ведрото и сончево време ни овозможија попријатно да се чувствуваме и да уживаме во убавините на недопрената природа и чистиот воздух. Петнаесетте километри од Гостивар ги минавме за дваесетина минути возејќи се со автомобил по сув асфалтен пат. Со доброволни работни акции, со сопствени парични средства и донации, во 2005 година ја реновирале црквата „Св Никола“ – Најубавите години од животот ги минавме во нашето село Горна Ѓоновица. Спомените не се забораваат. Постојано сме тука и никогаш нема да се откажеме. Со дваесетмина истомисленици сме фанатично вљубени во овој предел и со разновидни активности го враќаме животот. Со заеднички сили решивме неколку комунални и други проблеми и создаваме пристојни услови за живеење, а со тоа овозможивме сожителите да почнат да се враќаат, да ги реконструираат напуштените куќи, се градат и нови, се обработуваат напуштените плодни површини. Иако нивните родители се иселиле пред повеќе од половина век, многумина покажуваат интерес наследените куќи да ги оспособат за живеење. Во последниве десетина години се изградени 17 куќи – велат Милошевски и Анѓелковски. Пишани документи за настанокот и за историјата на селото Горна Ѓоновица не постојат. Селото е од збиен тип со две маала, Горно и Долно. Во 1947 година по ослободувањето на Македонија од фашистичкиот окупатор, беа регистрирани 32 куќи, а во 1961 година живееја 164 Македонци. По 41 година, со последниот попис од 2002 година, беа регистрирани само 8 жители. Раселувањето било извршено во времето кога биле уништени и други блиски македонски населби“. Црквата на старото македонско село не постои, но затоа православните гробишта постојат, оградени се со бодликава жица и сочувани“. – Сѐ до седумдесеттите години во Горна Ѓоновица имаше живот. Детскиот џагор беше присутен насекаде, имаше веселби, свадби и крштевки, домашни и селски слави. Жителите ја обезбедуваа егзистенцијата со сточарството и земјоделството. Дури и децата работеа. Со овчарство се занимаваа неколку семејства што имаа над 2.000 овци, речиси секоја куќа имаше по неколку крави, коњи, а се обработуваше и плодна површина. Се садеа пиперки, домати, компири, пченка, грав, имаше овоштарници со јаболка, сливи, ореви. Се одгледуваше и тутун, неколку семејства се занимаваа со пчеларство. Значајно беше и тоа што педесетина горноѓоновичани работеа во државните претпријатија „Македонски железници“ и „Македонија пат“ – се сеќава Милошевски. За масовното иселување на жителите на Горна Ѓоновица во 1970-тите години пресудно било укинувањето на железничкиот сообраќај на теснолинејката Гостивар – Кичево – Охрид, што минувала под селото, каде што била железничката станица на популарниот воз „Ќиро“. Превозот бил редовен, евтин и безбеден. Него го заменила новата железничка пруга со нормален колосек изградена по нова траса, подалеку од селото, возот што сообраќа е недостапен за неговите жители. Условите станале уште потешки за живеење кога во употреба била ставена современата патна сообраќајница, западната магистрала Гостивар – Кичево, преку превојот Стража. Не само што Горна Ѓоновица била отсечена од светот, туку над педесетина луѓе биле отпуштени од работа. Горноѓоновчани беа принудени пешки да одат по 30 километри во Гостивар, за да завршат некоја административна или друга работа, да појдат на пазар или на лекар. Во тие години било укинато и училиштето во кое децата учеле од прво до четврто одделение, а повозрасните деца од петто до осмо одделение пешки оделе во селото Симница, оддалечено 5-6 километри. Условите за живот биле неподносливи, особено во зимските месеци кога дебелината на снежната покривка надминувала и еден метар. Ниедна од надлежните државни институции не покажала интерес да им ги ублажи маките на горноѓоновичани и неизбежно било масовното иселување, останале само неколку пензионери. Пред некоја година, планинарско-спортскиот клуб „Бистра“ од Гостивар трасира планинарска патека – Животот во нашето село никогаш не згасна и не дозволивме да се случи најлошото, да го снема од географска карта. Пред неколку години изградивме бетонски мост на Ѓоновичка Река, ни беше голем проблем со возило да пристигнеме во селото, особено кога реката ќе надојдеше по топењето на снегот. Поради ова бевме принудени да ги остававме автомобилите пред реката и пешки да одиме по 5-6 километри за да стигнеме во куќите во селото. Потоа со помош на локалната власт успеавме да ги асфалтираме неколкуте километри макадамски пат, нерамен и со ударни дупки од Долна Ѓоновица до нашето село. Времето за патување со автомобил се скрати, ги снема маките и нервозите, ги зачувавме и возилата – вели Рајко Савевски, градежник, кој за една година со семејството ќе се врати да живее во селото. Со доброволна работна акции, со сопствени парични средства и донации, во 2005 година ја реновирале црквата „Св Никола“ од 1908 година, осветена четири години потоа. Со жичена ограда ги заградиле и ги уредиле гробиштата. Во завршна фаза на изградба се наоѓа тремот, кој ќе се користи за црковни прослави и слави. Изградиле и неколку апартмани за гости и посетители, и други придружни простории. – Со помош на сопругата и на синовите Ивица и Игор, формирав фарма за одгледување кокошки носилки, товам свињи, ги обработувам плодните површини на кои садам градинарски култури, имам овоштарник, собирам и шумски плодови, задоволен сум од приходите. Планирам да го зголемувам и проширувам производството бидејќи имам услови. Со пласманот на производите немам проблеми, побарувачката е поголема од можностите – вели Милошевски. Пред некоја година, планинарско-спортскиот клуб „Бистра“ од Гостивар трасира и обележи планинарска патека од Горна Ѓоновица до кичевското село Зајас, која минува низ прекрасни предели на планината Буковиќ. Пештерата Убавица, рибникот „Бигор“, недопрената природа, чистиот воздух се предизвици за развој на туризмот и на други стопански дејности. Планинари од повеќе места на Македонија доаѓаат и ја минуваат планинарската тура, некои од нив се заинтересирани за неколкудневен престој. Од ова лето заинтересираните гости ќе можат и да ноќеваат во апартманите, некои семејства планираат да обезбедат соби за сместување гости. Пештерата Убавица е природна реткост Во непосредната близина на Горна Ѓоновица, на петнаесеттиот километар на стариот пат Гостивар – Кичево, се наоѓа пештерата Убавица. Располага со прекрасен пештерски накит во најразлични бои и нијанси. Од досегашните истражувања на спелеолозите, пештерата е долга 1.300 метри во правец југ – север. Низ средината минува канал со вода, има мало езерце и водопад висок околу 7 метри. Кум за името на пештерата е Душан Манаковиќ, кој ја откри со екипа и ја истражуваше во 1960-тите години. Рибникот „Бигор“ успешно опстојува Веќе триесетина година тука успешно опстојува рибникот „Бигор“ за одгледување калифорниска, речна и радичка пастрмка, а од неодамна се одгледува и охридска пастрмка. Капацитетот на рибникот има годишно производство од 25 тони, а се користи триесетина отсто. Проблеми со пласман на рибата нема. Половината и повеќе од производството се пласира на самото место на познати купувачи, а другото во Гостивар, Тетово и во други места. Како што вели сопственикот Благоја Анѓелковски, од одгледувањето на кој било вид пастрмка заработката е мала, токму тоа е причината што не го зголемува производството. Поголема заработка има од производството на подмладок и годишно произведува над 200.000 парчиња. Се подготвува и проект за изградба на мала хидроелектрична централа во близината на рибникот. За движење на турбината ќе се користи водата од акумулацијата што се наоѓа во пештерата Убавица, а оддалеченоста од рибникот е на стотина метри. Киро Кипроски https://www.novamakedonija.com.mk/prilozi/raskazi-ni-za-makedonija |