|
||||
Д-р Виолета Ачкоска - познавач на македонската историја (9) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ЛИЧНОСТИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Професор д-р Виолета Ачкоска е еден од бранителите на вистината за македонскиот народ и Република Македониjа. Таа е универзитетски професор и одличен познавач на современата, пред сè, на македонската и балканската историја. Во ова време кога Македонија се наоѓа повторно пред историски предизвик за опстој на сопствената државност, а преку тоа и за идентитетскиот и националниот опстој на македонскиот народ, Ачкоска со неколкумина интелектуалци го формираа „Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Таа смета дека на нас Македонците ни се прави духовен холокауст; дека пазарење со нашето име, со нашата нација нема да има. Ачкоска е еден од оние македонски интелектуалци кои 25 години се борат да не се прекрсти нашата држава. Таа вели дека нема референдум за името и дека нашето име е Република Македонија и тоа не е ниту за референдум, ниту за преговори. Таа смета дека оваа психолошка војна, како што ја нарече таа, што во моментот се води е со цел Македонците да бидат ставени на колена, да бидат слаби со цел разнебитување на македонската држава. Затоа, ние Македонците мора да си ја одбраниме нашата држава - Република Македонија и да се бориме за македонскиот народ во етничка Македонија и насекаде по светот. Виолета Ачкоска e редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, доктор на историски науки, раководител на постдипломските студии на Институтот за историја со архивистика. Таа е родена во Охрид на 4 септември1954 година, во градот на свети Климент и свети Наум Охридски, во „балканскиот Ерусалим“. Во Охрид го доби своето основно и средно образоване, кога и í се роди силната љубов кон Македонија. Во 1977 година дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, група Историја. На истиот факултет магистрирала во 1988, а докторирала во 1993 година со тезата „Аграрот и селото во Македонија 1945-1955 година“. Била стручен соработник во Марксистичкиот центар „Мито Хаџи Василев“ (1978–1988), виш научен соработник во Институтот за национална историја во Скопје (до 1998), доцент, вонреден и редовен професор на Филозофскиот факултет (од 1999) со специјалност Најнова историја на македонскиот народ, Методика на наставата по историја и Методологија на историската наука. Охрид Како автор и коавтор објавила повеќе од 15 книги - монографски и други историографски трудови, потоа, 17 учебници и учебни помагала, повеќе од 80 научни статии и поголем број други стручни прилози, како што се: текстови за документарни филмови, прикази, презентации, фељтони, интервјуа, написи во печатот, промотивни слова; исто така, таа водела неколку домашни и учествувала во неколку странски и домашни проекти и други активности. Интересно е дека како историчар никогаш не ги прифаќала датумите, бидејќи датумот за неа е само еден симбол, една попатна станица на која треба да запреме и да се потсетиме, да одбележиме дека нешто сме направиле во претходниот период. Меѓу другото таа вели дека никогаш не можам да кажам дека на 8 Септември сме ја создале државата. Македонската држава со сите атрибути и со тој ограничен суверенитет кој го имаше во авнојска Југославија, таа е создадена на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Тогаш е прогласена Демократска Федерална Македонија, првата современа македонска држава. Според професор д-р Виолета Ачкоска секој чекор напред постојано ни е попречуван, од надворешни или внатрешни сили. Особено клучна фаза е „виткањето на ΄рбетот“, односно промената на името, по што ќе следи промена на идентитетот, па на историјата, јазикот и на крајот без сето тоа, Македонците ќе немаат историски легитимитет и право на државотворност над територијата на која живеат. Тогаш државата нема да им припаѓа на Македонците, бидејќи тие ќе немаат корени: име, историја, јазик, па тогаш ние можеме да бидеме безимени, раселени лица од нечија друга историја и легитимитет. Затоа, Ачкоска стапила во Граѓанското движење за одбрана на Македонија како историчар кој ја проучува современата македонска историја. Меѓу другото, таа вели дека Македонија е соочена со фактите дека цели 25 години се наоѓаме во еден замаен круг. Многу е поважна нашата мисија - дека во овие моменти Република Македонија треба да преживее поради нашите потомци и дека граѓаните правилно ќе го сфатат овој тежок и пресуден историски момент. Долго е историското паметење на македонските делби, предавства и себеуништување чие семе секогаш било сеено од надворешни пропаганди или надворешни сили кои за евтини пари купувале „јаничари“ што ќе им служат ним, а не на сопствениот народ. Исто така, кај нас се мошне куси годините на надминување на догматизираната свест, градењето на толеранцијата и почитувањето на ставот на другиот, ако сакате, во крајна линија градењето на демократската свест и на демократските институции. Она кое секогаш го повторувам е дека на светот има две раси и две идеологии – луѓе и нелуѓе и дека најважно е да научиме да го почитуваме човекот. Исто така, според неа, Македонија секогаш била губитник кога работите се решавале од други, на зелена маса, а денес Македонците се жртва на деструкцијата на една врхушка на луѓе која систематски одработува за интересите на соседите и им дава аргументи за тоа дека Македонија не треба да опстои како држава и создава клима за „конечно“ решение на македонското прашање. Според неа, составен дел на оваа пропаганда е и говорот на омраза, кој е дел од специјалната војна која со години се води во Република Македонија и која е насочена кон разбивање на националното единство и македонската компактност, барем во однос на главните потреби на државата: нејзината целост, безбедност, мир и просперитет. Секое рушење на легално избраното мнозинство со вонинституционални акции од страна на парламентарното малцинство реално може да доведе до целосна дестабилизација на државата. Инаку, научниот интерес и досегашните објавени трудови на професор Виолета Ачкоска може условно да се подели на неколку научни области и тоа: Историја на Македонија и македонскиот народ, при што поголемиот број на трудови се однесуваат на социјалната историја, потоа на политичката историја (меѓуетничките односи и репресијата во комунизмот), историјата на образованието и културната историја; Методологијата на историската наука и историјата на науката и Методиката на наставата по историја. Во рамките на своите научни постигања, отворила некои табу-теми во македонската историографија, како што се: колективизацијата на македонското село, задолжителниот откуп, ревизијата на доделувањето земја на некогашните колонисти, одделни аспекти на проблемот на репресијата во комунизмот итн. Во нејзините пошироки ангажмани како експерт, професор и интелектуалец била член на комисии во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, член на одбори за доделување државни награди и општествени признанија, член на неколку редакции на научни списанија од областа на историската наука, водела повеќе комисии од областа на наставата по историја во рамките на Министерството за образование и наука на Македонија и Бирото за развој на образованието, член на Управниот одбор на Институтот за фолклор, член на научниот тим за реализација на проектот „Музеј на македонската борба“ и друго. Професор Виолета Ачкоска е секогаш отворена за соработка со студентите укажувајќи им стручна и педагошка поткрепа во совладувањето на наставните предмети. Особен сегмент од нејзината работа е ангажманот во рамките на постдипломските студии на Институтот за историја, при што била ментор на повеќе докторанти и магистранти и член на комисии за одбрана на магистерски и докторски тези. Таа е интелектуалец често присутен во македонските медиуми околу современите настани поврзани со историските процеси и околу контроверзни историски прашања. Во таа насока професор д-р Виолета Ачкоска има изјавено: „Македонскиот народ како и сите балкански народи има долга етногенеза во која учествувале различни етнички елементи, од антиката до денес, нема дисконтинуитет. Античките Македонци се мешале со новодојдените народи и племиња, со оглед на фактот дека Балканот е особено миграциско подрачје низ историјата. И денешните ДНК анализи направени од врвни институции го потврдуваат тој факт. Сепак, несреќа за македонскиот народ е тоа што тој се наоѓа во средината на Балканот, заокружен со народи до кои поблиску и побрзо допреле директните контакти од надвор (од Европа и Русија). Така, Грција, Србија, Бугарија, Албанија, односно народите на македонското опкружување добија држави признати од големите сили. Во рамките на прифаќањето на европскиот национализам и во процесот на зацврстувањето на нивните нации, овие мали држави (Грција, Србија и Бугарија) истакнаа политички програми насочени кон територијално освојување на Македонија (како неослободен дел од Османлиското Царство). Така се раѓаат фикциите за „Мегало Грција“, „Велика Србија“ и „Санстефанска Бугарија“. Црковните, просветните и на крај оружените пропаганди на овие држави во Македонија, покрај суровиот османлиски феудален режим во кој македонскиот народ беше доведен на положба на раја, во голем степен го уништија малобројното интелектуално јадро, образувано во бугарски, српски или грчки школи. Во овие рамки можеби најпогубно беше укинувањето на Охридската архиепископија и појавата на Егзархијата која го замени грцизмот, но која создаваше бугарска свест кај македонскиот народ или кај најголемиот дел остануваше локалната свест. Сепак, поставувањето на политичката цел - автономија за Македонија, ги плашеше сите соседи, особено бугарските владини кругови, бидејќи политичката автономија водеше кон своја држава, а државата отвора широк процес на изградување на нацијата и посебната национална свест. Тој пат го поминале и балканските и други држави. Но, и покрај сите туѓи именувања посебноста на македонскиот народ никогаш не можела да се доведе во прашање. Македонскиот народ немал своја црква, немал образование на свој јазик, институции, држава итн., но тој имал песни, музика, вез, копаничарство, една уникатна народна култура која со автентичноста го одделувала од другите народи на Балканот. И имал своја поробена и опеана земја Македонија“. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |