|
||||
Христо Андоновски – уредник на списанието „Македонија“ и голем афирматор на етничка Македонија (1) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА И ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ За голготата и егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија се напишани многу новинарски страници и книги, испеани се многу песни и тажни и среќни, одржани се голем број конгреси, симпозиуми и средби. Но, ретко кога човек може да прочита изворни текстови како што се на Христо Андоновски. Неговите новинарски, публицистички и научни текстови имаат големо значење, бидејќи Христо е директен учесник во настаните и тоа не како обичен набљудувач, туку како човек кој поминал низ пеколот на голготите Тој врз своите плеќи го износил товарот на опстојот на македонскиот народ во Беломорска Македонија, ги видел ужасите на смртта, немоќта да се помогне на својот народ и една човечка трагедија која се одвивала пред неговите очи. Христо Андоновски, почитуваниот учител во новинарството на авторот на овие редови Славе Катин во списанието „Македонија“, орган на Матицата на иселениците од Македонија, има значајно место во целокупното живеење на Македонците во цела Македонија. Тој бил деец на македонското национално ослободително движење во Егејот. Христо Андоновски е роден на 15 септември 1917 година во селото Цакони, (Хриса), Мегленско, во егејскиот дел од Македонија. Основното училиште го завршил во родното село на мајчин јазик, додека гимназија завршил на грчки јазик во Воден. Во 1940 година Христо Андоновски дипломирал на Педагошката академија во Солун, а потоа работел како наставник во мегленските села и во градот С’ботско (Аридеја). Инаку, селото Цакони (Хриса) било чисто македонска населба со околу илјада жители. Во него, покрај Христо Андоновски се родени Димитар Димитров (1936), македонски поет, есеист, критичар, преведувач од турски, научен работник, писател за деца и Марија Воденска, македонска писателка. Градот Меглен, во чија област припаѓа родното место на Христо Андоновски, Цакони, е етногеографска област, општина и котлина на север на Егејска Македонија, денес во составот на Грција, која на север се граничи со Македонија. Во биографските податоци за Христо Андоновски е забележано дека во текот на Втората светска војна, неколку месеци по окупацијата на Грција, тој влегува во Движењето на отпорот во Грција. Во есента 1941 година, тој ја организирал младината во село Долно Пожарско, а потоа бил поставен за одговорен по Агитпроп во Реонската организација на Комунистичката партија на Грција (КПГ) во С’ботско и одговорен во Реонскиот комитет на Национално ослободителниот фронт (ЕАМ) за Јужен Меглен, со седиште во село Драгоманци (Апсалос). Во летото 1944 година Христо Андовски бил назначен за организациски секретар, а потоа и за политички секретар на Градскиот комитет на КПГ за Воден (Едеса). Наскоро бил примен и кооптиран за член на поширокиот состав на Окружниот комитет на КПГ за Воденскиот округ. На оваа позиција останува од декември 1944, па сè до 26 февруари 1945 година кога поради несогласување со дискриминаторската и крајно негаторска политика на КПГ по македонското национално прашање, преминал во НР Македонија во тогашна ФНРЈ. Меѓутоа, по започнувањето на Граѓанската војна во Грција (1946 - 1949), како голем патриот и искусен македонски револуционер, Андоновски се вратил во родниот крај. Во периодот од јануари 1947 до декември 1948 година, тој зел активно учество во Граѓанската војна во Грција. Андоновски бил одговорен за печатот при Агитпроп на Главниот одбор на НОВ за Егејска Македонија. Заедно со Павле Раковски, Паскал Паскалевски, Фоти Илковски и други, Андоновски учествувал во уредувањето на весникот „Непокорен“ кој служел како буквар (читанка), но и како национално идеолошко политичко оружје на Македонците во неговата борба за слобода. Но, поради новиот судир со КПГ по македонското национално прашање, повторно се вратил во НР Македонија. Најпрвин дошол во Љубојно, во Преспа, каде останал неколку дена, а потоа заминал за Битола и оттаму за Скопје. По доаѓањето во Македонија, Андоновски се вработил како уредник на емисиите на Радио Скопје за нашите сонародници во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, а од 1951 до 1954 година бил главен уредник на весникот „Глас на Егејците“. Во текот на 1954/55 година бил дописник на „Нова Македонија“ од Софија, а потоа во истиот весник 15 години бил уредник на страницата „Нашите во светот“. Неброени пати тој ја повторуваше тажната вистина дека Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година претставувала голгота за македонското население од егејскиот дел на Македонија. Таа била една од најдраматичните и најсуровите војни со огромни последици и неизлечиви трауми за македонското население, особено за најмладите, за недопрените цветови - децата. Граѓанската војна била најкобна за напатениот и измачен Македонец од Егејска Македонија, кој во неа влегол организирано и свесно, со надеж дека низ оружена борба, заедно со прогресивните сили на грчкиот народ, а против грчката реакција и странскиот фактор, ќе извојува национална слобода. Меѓутоа, наместо слобода на македонскиот народ, војната донела погроми и оставила трајни траги врз тешката судбина на Македонецот над кого се вршеле различни репресалии и невидени притисоци. Поради таквата режимска тортура огромен број луѓе биле принудени да ги напуштат своите родни места. Меѓу нив биле и повеќе од 28.000 деца на возраст од 2 до 15 години кои засекогаш биле откорнати од својата родна земја во 1948 и 1949 година. Тие биле прогонети од прадедовските домови во егејскиот дел на Македонија и биле раселени во разни земји по светот, каде што им бил обезбеден мирен живот, но тешките лузни и трауми останале засекогаш во нив. Во разговорите, Христо Андоновски често со љубов и носталгично се навраќал на содржините на весникот „Глас на Егејците“, каде, според него, во период од повеќе години го испекол новинарскиот занает. Инаку, весникот „Глас на Егејците“ почнал да излегува во Скопје, на 1 септември 1950 година, како орган на Здружението, односно Главниот одбор на Здружението на бегалците од Егејска Македонија. За период повеќе од три години, колку што излегувал весникот „Глас на Егејците“, се отпечатени четириесет и еден број. Главен и одговорен уредник на почетокот бил Тодор Симовски, потоа Михаило Керамитчиев и Христо Андоновски, а бројот на соработниците од Републиката и надвор од неа навистина бил импозантен. Подолг период Христо Андоновски бил главен и одговорен уредник. Овој весник бил од големо значење за Македонците од егејскиот дел на Македонија, особено за децата прогонети од дедовскиот праг. Новинарската активност на Христо Андоновски во весникот „Глас на Егејците“ придонела тој да биде еден од прозорците кон светот и сакан гостин во домовите на Македонците од егејскиот дел на Македонија, кои живееја во Народна Република Македонија, во многу краишта на ФНР Југославија и во други земји.
Во уводникот на првиот број на „Глас на Егејците“ од 1 септември 1950 година, меѓу другото, се вели дека, одамна се чувствувала потребата за издавање ваков весник за бегалците од Егејска Македонија кои живеат во ФНР Југославија. Таа потреба, како што се вели, произлегувала оттаму што весникот требало да стане организатор и раководител на емигрантите; да ги запознае и да ги запознае и насочува за проблемите на бегалците од Егејска Македонија. Сè на сè, весникот „Глас на Егејците“, остана да биде неизбришлив документ за голготата, страдалниците, судбините, и човековата безгранична хуманост. Христо Андоновски најдолг период од неговиот работен век поминал во Матицата на иселениците од Македонија, како главен и одговорен уредник на списанието „Македонија“. И авторот на овие редови мина години како новинар, преведувач на англиски јазик и уредник. Инаку, илустрираната ревија за иселениците од Македонија, списанието „Македонија”, е орган на Матицата на иселениците од Македонија. Првиот број бил отпечатен во 1953 година, со цел да биде информативно гласило за Македонците - иселеници од сите делови на Македонија кои живеат и работат во прекуокеанските земји, во Европска Унија и во други земји ширум светот. Развојниот пат на списанието „Македонија” се совпаѓа со развојот на Република Македонија на општествен, национален, политички и културен план. Во периодот од 48 години (од 1953 до 2001 година) се отпечатени 595 броја. Потоа, настапува период на застој од 6 години, кога не се печати списанието „Македонија”, и, конечно во јуни 2007 година повторно започнува да излегува од бројот 596, како гласило за македонските иселеници ширум светот, и како орган на Матицата на иселениците од Македонија. Илустрираното списание „Македонија” излегувало како месечник, во почетокот само на македонски јазик, а подоцна со одреден број текстови на англиски јазик во рубриката „Од месец до месец”, за потоа да прерасне во гласило на македонски и на англиски јазик. Во зависност од приликите и состојбите во иселеништвото, списанието се печатело во тираж од 3.000 до 10.000 примероци, а се дистрибуирало до иселениците, како и до македонските православни цркви и црковни општини, до македонските друштва и асоцијации, како и до дипломатските и други претставништва. Тоа било значајно и претставувало афирматор на сите вредности на Република Македонија и информатор на иселениците. Затоа, со право се вели дека списанието „Македонија” претставувало мост на зближување меѓу иселениците од етничка Македонија... Исто така, Христо Андоновски е автор на голем број статии објавени во списанијата „Гласник“ на ИНИ, „Културен живот“, „Македонска ревија“, „Македонско време“, „Разгледи“, „Современост“ и др. Тој е автор на публицистички трудови меѓу кои се: „Егејска Македонија“ (1951), „Мегленската област во НОБ“ (1961), „Македонците под Грција во борбата против фашизмот“ (1968), „Драмско востание“ (1969), „Дипломатската антимакедонска игра“(1970), „Вистината за Егејска Македонија“ (1970), „Револуционерот Лазо Трповски“ (1975), „Странците за Македонија и Македонците“ (1978) и „Јужна Македонија од античките до денешните Македонци“ (1995). Тој е добитник на медал за заслуги за афирмација на својата татковина „Свети апостол Павле“. Христо Андоновски почина на 1 јули 2007 година во Скопје, но на неговите следбеници и на идните македонски генерации остави аманет да ја сакаме, чуваме и браниме етничка Македонија за таа да биде вечна. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |