|
||||
Д-р Димитар Керамичиев – еден од значајните претседатели на Матицата на иселениците од Македонија (2) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА И ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Димитар (Таки) Костов Керамичиев беше познат психолог, кој своето знаење го пренесе на студентите на Факултетот за физичка култура, а својата практика на низа фирми и спортисти. Тој беше еден од претседателите на Матицата на иселениците од Македонија и човек кој голем дел од својот живот посвети на прашањето на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Керамичиев беше еден од протераните кој го напушти своето родно место и се пресели во Република Македонија Димитар Керамичиев е роден на 2 август 1936 година во Костурското село Личишта (грчки Поликарпи), во егејскиот дел на Македонија. Своето образование го започна во родното место на грчки јазик, што подоцна му овозможи да полемизира на јазикот на непријателот. Средно образование завршил во Македонија, а во 1961 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Потоа завршил магистерски студии на Факултетот за политички науки на Белградскиот универзитет во 1979 година на тема: „Општествено-економската положба на работниците и нивната мотивација за работа во организациите на здружен труд на индустријата во Скопје“. Во 1981 година почнува да работи на Факултетот за физичка култура, каде што предава психологија и психологија на спортот, и на оваа високошколска институција останува до своето пензионирање. Родното место на Таки македонското село Личишта, кое денес е прекрстено во Поликарпи, се наоѓа во костурскиот крај. Тоа се наоѓа на неколку километри северно од градот Костур (Касторија) на источниот брег од Костурското Езеро во историско-географската област Корешта и на еден километар северно од Маврово (во Беломорието), и е на надморска височина од околу 600 метри. Селото Личишта во кое се вишнее црквата „Свети Атанасиј“ за која се смета дека била изградена во текот на средниот век, е лоцирано покрај самиот брег на Костурското Езеро, кое претставува самостојна општина на Костурскиот округ. Во минатото, селото било мешана населба во која живееле околу триста Македонци и околу стотина турски жители. По иселувањето на Турците во 1924 година, таму се населиле околу двесте жители на бегалски семејства. Според пишаните документи во текот на Втората балканска војна, селото Личишта било окупирано од страна на грчките војски. По завршувањето на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Грција. На пописот од 1913 година биле евидентирани 380 жители, додека на пописот од 1920 година, во селото имало 585 жители.
Според Лозанскиот договор, во селото било населено православно население од Мала Азија, Источна Тракија и Понд, додека муслиманското население било принудено да замине. Во 1927 година, селото било прекрстено во Исома, а потоа селото било прекрстено во Поликарпи. Селото настрадало во текот на Грчката граѓанска војна и голем број жители биле принудени да ги напуштат своите домови, и тие, главно, заминале во Македонија или во социјалистичките земји од Источна Европа. Затоа бројот на жителите се намалил и, според пописот во 1971 година имало 520 жители, кои претежно се занимавале со обработка на жито и бостан. Корените на Димитар Керамичиев кои се од егејскиот дел на Македонија (денешна Грција-Елада), главно се од градот Костур. Овој убав македонски град се наоѓа на полуостровот Горица, на западниот брег на Костурското Езеро, на надморска височина од околу 690 метри. Затоа Костур и Костурското Езеро наликуваат на Охрид и Охридското Езеро, кои од лимнолошки аспект имаат заеднички карактеристики. Градот името го добил по латинското име на животното дабар (Цастог), кое во минатото живеело во ова езеро. Тоа имало скапоцено крзно што било многу ценето, и затоа кожарството во Костур е еден од најстарите занаети. Според пишаните документи, стариот град бил подигнат на полуостровот Горица и бил заграден со ѕидови. Новите градски делови, биле подигнати надвор од тврдината. Околу 1880 година Костур имал 10.157 жители, од кои 3.758 биле Македонци, 2.699 Грци, 2.400 Турци и 1.300 Евреи. По Балканските војни и по Првата светска војна, турското население се иселило во Турција, а на нивно место се доселени православни Турци („Грци“- Просвиги) од Турција и од Тракија. Во 1971 година Костур, имал 15.407 жители, а сега во овој езерски град живеат повеќе од 20.000 жители. Денес Костур е седиште на област, во која постојат 114 населени места, меѓу кои и селото Личишта, родното место на Димитар (Таки) Керамичиев, кое веќе е предградие на Костур. Во градот се зачувани повеќе куќи од минатите векови кои овозможуваат тој да биде град– музеј. Населението се занимава со трговија, занаетчиство и со туризам. Во еден период од минатото бил значаен црковен центар. Јужно од градот се наоѓа аеродром. Меѓутоа, за Димитар Керамичиев слободниот дел на Македонија му бил неговата татковинска љубов и место на неговата иднина во животот, семејството, науката, напредокот и работата. Неговото прво вработување било во Скопје. Работел како психолог во фабриката за Органско хемиската индустрија (ОХИС) во Скопје, каде што го формирал Одделот за хуманизација на трудот, што беше единствена асоцијација од ваков вид во границите на тогашна Југославија. Се чини врвот во научната дејност го постигнал во 1991 година кога докторирал на Скопскиот универзитет, под водство на познатиот спортски психолог Љубиша Лазаревиќ, професор од Белградскиот универзитет и станал доктор на науки. Професор д-р Димитар Керамичиев е автор на низа трудови од областа на психологијата, презентирани во земјата и пошироко во поранешните југословенски простори. Но, се чини делото „Психологија - во физичкото образование и спортот“ е негово врвно достигнување. Книгата е издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, а рецензенти се доцент Виолета Арнаудова, доцент д-р Татјана Такашманова-Соколовска и професор д-р Димитар Циев. Делото содржи 430 страници и е поделено на 21 поглавје. Ова дело, всушност, се однесува на студиите на Факултетот за физичка култура кои имаат интердисциплинарен карактер, бидејќи на Факултетот се оспособуваат кадри за наставници по физичко образование, кадри за потребите на спортот, за спортската рекреација и за кинезитерапијата. Во рамките на општото стручно образование на овој Факултет се слуша и предметот Психологија со психологија на спортот, што професор д-р Димитар Керамичиев како факултетски предмет го предавал цели дваесет години. Во текот на професорувањето на Факултетот за физичка култура, Димитар-Таки Керамичиев бил член на бројни општествени организации. Меѓу нив, најзначајно беше што тој како член на Претседателството на Матицата на иселениците од Македонија, во ноември 1993 година бил избран за нејзин претседател. Зградата на Матицата на иселениците од Македонија Керамичиев како човек од егејскиот дел на Македонија, одлично бил примен за претседател, особено од Македонците од егејскиот дел на Македонија, кои се најбројни во прекуокеанските земји Канада и Австралија. Тој беше човекот кој ја организираше 45- годишната прослава од постоењето и активното работење на Матицата на иселениците од Македонија во 1996 година. На оваа прослава покровител беше претседателот на Република Македонија, господин Киро Глигоров. Инаку, улогата што ја одигра Матицата на иселениците од Македонија во изминатиот период како национална патриотска институција, која е формирана на 17 мај 1951 година е огромна. За тие 45 години нејзината активност беше исполнета со љубов и ентузијазам што непрекинато се вградуваше во животот на Македонците раселени по светот. Македонските православни црковни општини, културно-уметнички и литературни друштва, драмските и музички групи, спортските клубови, училиштата и другите асоцијации со национален предзнак, се грижат за зачувување на националните белези – јазикот, историјата, културата, македонскиот фолклор и традициите. Матицата на иселениците во текот на нејзиното опстојување како национална и државна установа во период од 45 години, непрекинато ги градеше духовните мостови со раселените Македонци, без разлика на тоа, од кои делови на Македонија потекнуваат и без разлика на нивните причини за нивното иселување. Матицата на иселениците од Македонија, заедно со Македонската православна црква–Охридска архиепископија одигра исклучителна улога во поврзувањето со стотици илјади раселени Македонци со нивната родна земја. Инаку, во име на вистината, треба да се каже дека Матицата на иселениците од Македонија како државна установа со атрибутот „матица“ постоеше во период од без малку половина век. Таа беше укината на 29 декември 1998 година, кога во тие прилики и неприлики се формира Министерството за иселеништво, на чело со м-р Мартин Треневски, а во кој состав беше и авторот на овие редови како уредник на списанието „Македонија“. Министерството опстојуваше неколку години и потоа се формираа Агенцијата за иселеништво, како продолжение на Министерството за иселеништво и приватната организација Матица на иселениците на Македонија. Исто така, треба да се потенцира, дека Матицата на иселениците од Македонија одигра значајна и непроценлива улога за илјадници Македонци раселени од дедовските огништа, без разлика од кој дел на Македонија потекнуваат, да останат Македонци и да и останат приврзани на нивната татковина, на македонската земја. Инаку, во период од половина век, Матицата на иселениците од Македонија ја раководеле видни личности на општествениот и културниот живот на Македонија, меѓу кои: Томе Буклевски, Димче Мире, Живко Василевски, Боге Сотировски, академик Иван Катарџиев, д-р Томе Саздов, д-р Димитар Керамичиев и последниот беше д-р Ѓорѓи Тоновски. Сите тие заедно со уредништвото и соработниците на списанието „Македонија“ , со административниот персонал, а со поддршка на државата, улогата и значењето на Матицата на иселениците од Македонија, ќе останат неповторливи за македонското иселеништво ширум светот. Затоа, со право се вели дека професор д-р Димитар Керамичиев во својот четиригодишен мандат беше продолжувач на името и делото на сите оние кои се залагале за доброто на Македонците во дијаспората од сите делови на етничка Македонија. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |