|
||||
ЕРУСАЛИМ И ОХРИД - ГРАДОВИ НА ВЕЧНОСТА |
Пишува: СЛАВЕ КАТИН ЕРУСАЛИМ И ОХРИД - ГРАДОВИ НА ВЕЧНОСТА Често се вели дека историјата на човештвото е оградена со ѕидови. Меѓу нив, три заземаат посебно место: Кинескиот ѕид, граница меѓу цивилизацијата и варварството; Берлинскиот ѕид, сведоштво за една умисла да се пресече живото европско ткиво на два дела; и Ѕидот на плачот, симбол на секојдневната средба на Евреите од целиот свет со својата судбина. Во Ерусалим, западниот ѕид, наречен од британската мандаторска управа како „Ѕид на плачот“, поради секојдневните, честопати со солзи накапени молитви на Евреите свртени со лицата кон ѕидот, се смета за последен остаток за најголемото светилиште во јудеизмот. Тоа е храмот кој на едно возвишение во Ерусалим го изградил Соломон, синот на кралот Давид, пред 3.000 години. При посетата на Ерусалим се уверивме дека тој е историска крстосница на многубројни свети места; со посебна архитектура обликувана исклучително од ерусалимски камен ваден од пустината со конфигурација на мали ритчиња од чии височинки може да се види Мртвото Море. Инаку, уште од времето на Британците постои закон со кој се регулира изградбата на сите згради, куќи и други објекти, да бидат исклучително со бел делкан камен. Ерусалим е град на вечните убавини и на светите места. Низ милениуми населението на Ерусалим, но и тие што доаѓале и доаѓаат да му се поклонат, го воспевале и го воспеваат како град на вечноста, како центар на светот, како главен град, како град со голема политичка моќ… Според тоа тој има повеќе имиња што му се дадени во Светото писмо, во Мојсиевите записи и во литературата. Израелците го нарекуваат Јерушалаим, од каде потекнува и денешното негово име - Ерусалим, што значи „град на мирот“. Меѓутоа, за постоењето на Ерусалим - местото на Христовите маки, смртта и воскреснувањето, во текот на последните два милениумa не е врзан поимот мир. Ниту на едно свето место во светот не потекле толку потоци крв како овде. Никаде толку жестоко не се воделе борби, никаде толку гневно не се мразело и напаѓало како во овој свет град што е сместен на студените и сиви карпи на планината Јуда. Трите светски религии - еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот. Истовремено, никаде не се кажале толку многу молитви како во Ерусалим.
Вечниот Ерусалим Приказната за Ерусалим почнува кога моќниот крал Давид го купил ридот над градот. Целта му била да изгради свет храм каде што би бил сместен Заветниот ковчег во кој се чувале плочите со Десетте Божји заповеди што Господ, преку Мојсеј, им ги објавил на децата на Израел. На кралот Давид, моќниот творец на првата еврејска држава, сепак, не му било дозволено да го изгради храмот, неговите раце биле крвави. Таа света должност ќе стане аманет на неговиот син Соломон. Уште од Мојсеј, од колено на колено се пренесувал споменот на илјадниците Евреи кои останале затрупани под камењата на египетските пирамиди. Градењето на светиот храм како трајно седиште на Заветниот ковчег, би требало да биде паметник за годините на ропството, но и решеност никогаш повеќе да не се градат кули за туѓите господари или бесконечно да се талка по пустините. Со храмот, Евреите се пронаоѓаат самите себеси, на својата земја, под сенката на светилиштето кое ќе биде печат на нивниот сојуз со Бога. Градот Ерусалим станува свет град, а храмот светост над светостите. Охрид, пак, кој поради големиот број на цркви и манастири, градот е познат како балкански и европски Ерусалим. Охрид е познат и како „град на светлината“, што претставува буквален превод на неговото старо име, Лихнид. Според една легенда, која ја запишале Браќата Миладиновци, кога се правела Охридската крепост, царот Јустинијан се качил на ридовите на кои лежи градот и гледајќи ја прекрасната околина извикал „ох рид“, т.е. каков убав рид и оттогаш останало градот да се вика Охрид. Охрид, вториот Ерусалим Според податоците, градот прв пат се споменува 2.400 години пред новата ера. Лихнид се наоѓал на патот Виа Егнација, наjстарата и наjзначаjната римска сообраќаjница на Балканот. Бригијците (Фригиjците) и Енхелеjците го сочинуваат наjстарото население кое може според името да се идентификува во пошироката област на Охридското Езеро. Исто тaка, Охрид се споменува и во V век од страна на римските историчари како добро утврден град со многубројни кули, кој, како и другите римски градови, се брани од силните напади на скитачките племиња. Во Х век Охрид, како престолнина на цар Самуил, има обновени и доста јаки тврдини – Охридското Кале. Меѓутоа, Охрид како и Ерусалим, не само што бил најважниот град во регионот, туку бил и најважниот образовен центар и извор на писменоста на сите словенски народи. Во Охрид се наоѓа најстариот универзитет во Европа (IX век), додека во местото Плаошник близу градот се наоѓа реставрираната црква Св. Климент чии наоди укажуваат на фактот дека таму имало универзитет од XIII век. Според историските податоци, пак, се знае дека охридските архиепископи, односно патријарси, се институирале со името на Јустинијана Прима од 535 година. Затоа уште повозвишено е значењето на македонската културно-духовна престолнина. „Јустинијана Прима“ со едикт на Јустинијан Први, роден во селото Таор кај Скопје, била прогласена за прва по ранг црква по Романија која го опфаќала просторот и на пропаднатото Западно Римско Царство. Тој примат траел 10 години, по што „Јустинијана Прима“ била прогласена за еднаква на Рим и Константинопол „за сите времиња“, што никогаш не е отповикано. Често пати Охрид го викаат балкански Ерусалим. Тоа е резултат на Охридското Кале, црквата Св. Софија и галеријата на охридските икони, црквите Свети Климент, Свети Наум, убавата црква Св Јован Канео, националниот музеј кој ги чува сесловенските икони и ракописи и многу други споменици од културата, антиката, религијата, науката, хидробиологијата и архитектурата. Затоа со право Охрид е наречен бисерот на Македонија. |